Почитувани,
По многу години информирање и отворање простор за различни гледишта, Радио Слободна Европа на македонски јазик ја завршува својата работa на 31 март 2026.
Претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус во објавата за затворањето на Сервисот на македонски јазик и на паштунскиот Радио Машал напиша:
„Затворањето на овие два сервиси е загуба за публиката што ја опслужуваат. Но, сегашната буџетска состојба на Радио Слободна Европа нè принудува повторно да ги приоритизираме начините на кои ги распределуваме нашите ресурси. Оваа одлука е донесена со длабока благодарност за работата што ја имаат направено овие тимови и за стандардот на извонредност што го одржувале“.
Оваа одлука означува крај на едно поглавје. Низ годините, мисијата на РСЕ беше јасна: да обезбеди проверени, балансирани и веродостојни содржини, особено во моменти кога тоа беше најпотребно.
Видете и ова:
Слободна Европа на македонски низ годинитеТимот на Слободна Европа и благодари на публиката за довербата, вниманието и поддршката - Вашиот интерес, реакции и ангажман му дадоа смисла на нашето работење и нè охрабруваа да ги одржуваме највисоките професионални и етички стандарди.
Посебна благодарност упатуваме и до сите новинари, уредници, соработници и партнери кои со својата професионалност и интегритет придонесоа за овој сервис.
Слободна Европа својата мисија во Македонија ја започна на 1 Септември 2001 година за да промовира демократски вредности и институции и да ги унапредува човековите права со известување и вести во земји каде што слободното новинарство е попречувано или не е целосно воспоставено.
Видете и ова:
Зошто е важно Радио Слободна Европа?РСЕ на Македонски јазик е дел од големото семејство на Радио Слободна Европа на медиумот историски познат по емитувањето радио програма зад Железната завеса за време на Студената војна. Денешното РСЕ/РЛ се стреми да допре до публиката таму каде што е, давајќи приоритет на дигиталните платформи и иновативните стратегии за заобиколување на цензурата.
Иако нашите објави и програми завршуваат на 31 март, се надеваме дека вредностите што ги застапувавме – вистината, одговорноста и слободата на информирање – ќе продолжат да живеат.
Ви благодариме што бевте дел од нашата приказна.
Со почит и благодарност,
Тимот на Радио Слободна Европа на Македонски јазик