Колекторот за заштита на Охридското Езеро е дивоградба

Охридското Езеро не е заштитено од отпадните води од населените места во целиот Охридски регион.

Колекторскиот систем што треба да го штити Охридското Езеро од урбано загадување е во сериозно нефункционална состојба – не е впишан во Катастар, има дупнати и испукани цевки, претпријатието што управува со него има блокирана сметка и дури нема дозвола за собирање и пречистување на отпадни води, покажува најновата ревизија. Во извештајот ревизорите откриваат и големи неефикасности меѓу фактурираната и пречистената вода.

Иако изграден за време на поранешна Југославија и пуштен во употреба во 1988 година, колекторскиот систем во Охридското Езеро во моментов е дивоградба. Државните ревизори утврдиле дека инфраструктурните објекти на системот -цевковод, пумпни станици и пречистителна станица, се уште не се запишани во Катастарот на недвижности.

„Освен за земјиште од 812 метри квадратни (пумпна станица Подмоље), ЈП Колекторски систем – Скопје, не поседува имотни листови за инфраструктурни објекти – цевковод во должина од 40.9 километри, пумпни станици, пречистителна станица, како и земјиштето под нив“, се вели во извештајот.

„Ако нема технички прием и ако објектот не е заведен во Катастар, тогаш тој влегува во групата на дивоградиби. Тоа важи за сите објекти, и приватни и државни“, вели професор Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Охридското езеро мора да се исчисти од фекалии или го губи статусот на УНЕСКО

УНЕСКО го има прогласено Охридскиот регион за светско природно и културно наследство, препознавајќи ја неговата исклучителна вредност, вклучително и Охридското Езеро – едно од најстарите езера во Европа, старо милиони години. Но и покрај долгогодишните предупредувања и препораки, државата сè уште не успева ефикасно да го заштити од загадување, ниту од притисокот на илјадници дивоградби и неконтролирана урбанизација што постепено го нагризуваат овој уникатен природен и културен простор.

Колекторскиот систем е составен од цевковод од 40.9 километри, во кој 14 пумпни станици со полжести пумпи ги транспортираат отпадните води кон пречистителната станица Враништа.

Графика за колекторски систем на Охридско Езеро.

Радио Слободна Европа во текот на 2024 и 2025 година објави истражувања кои покажаа дека колекторот протекува и дека отпадните води се излеваат во езерото, додека бројни домаќинства дополнително загадуваат со тоа што воопшто не се приклучени на системот.

Тоа се случува и на дел од најатрактивните туристички локации во Охрид, туристите сведочат како фекални води директно се слеваат во езерото, додека институциите со години бараат средства за санација. За ова постојано укажуваат и граѓани и граѓански здруженија.

РСЕ во друго истражувања објави и дека високо ниво на фекално загадување е регистрирано на најпосетените плажи од туристи на Охридското Езеро, меѓу нив Трпејца, Куба Либре, Лабино, Мизо, како и во Струга и кај Елен Камен.

Видете и ова: Додека колекторот чека пари, и натаму се излеваат фекалии во Охридското Езеро

Анализите на Хидробиолошки завод Охрид покажуваа високо ниво на фекално загадување на водата, со присуство на бактерии како фекални колиформни бактерии, фекални стрептококи и Ешерихија коли, кои се индикатор за контаминација од отпадни води.

Сето ова го потврдуваат ревизорите, кои во новиот извештај објавен денеска наведуваат дека надлежните не го заштитуваат доволно Охридското Езеро од загадување. Тие утврдиле дека дел од колекторската мрежа која поминува покрај брегот и низ брегот на езерото е изложена на оштетувања, односно дека има дупнати и испукани цевки, отворени и затнати шахти, како и запушени делови од корења на дрвја и растенија – дефекти што овозможуваат навлегување на урбани отпадни води во езерото и обратно – навлегување на атмосферска, езерска и подземна вода во колекторската мрежа.

Дополнително, ревизорите утврдиле дека во 9 од 14-те пумпни станици се евидентирани сериозни оштетувања на цревата за мазалици, бетонските фундамeнти, редукторите, лежиштата, вретената, страничните заштитни плехови, системите за нивелација и SCADA-опремата.

Препумпна станица во Oхрид, Охридско Езеро.

Од јавното претпријатие во одговор за Радио Слободна Европа во септември 2025 година, велеа дека чекаат инвестиции за санација на системот. Оттаму тогаш ни рекоа дека до Министерство за животна средина и просторно планирање доставиле два проекта за санација на застарената инфраструктура, со вкупна вредност од околу 1,4 милиони евра, и дека очекуваат тие да бидат земени предвид при подготовката на Буџетот за 2026 година. Од Министерството, пак, за РСЕ одговорија дека од претпријатието добиле барање за финансирање на само еден проект, вреден околу 790 илјади евра.

Според ЈП „Колекторски систем“, средствата се потребни за набавка на нови пумпи и генератори за препумпните станици – опрема која треба да ја зголеми ефикасноста на мрежата и да спречи излевање на отпадни води од колекторот во Охридското Езеро.

Во ревизијата е наведено дека во 2024 година, јавното претпријатие инвестирало средства во вкупен износ од 20 милиони денари (325 илјади евра) во набавка и монтажа на дробилици на цврст отпад и таблести затворачи, обезбедени од Буџетот на државата.

Ревизорите наведуваат дека освен јавното претпријатие, и општините Охрид, Струга и Дебарца не придонесуваат доволно за одведување и прочистување на отпадните води и за заштита на езерото.

„Следењето на состојбите на отпадните води и преземените мерки и активности, утврдени преку акционите планови и инвестициони програми на јавното претпријатие, основачот и општините во регионот, не придонеле доволно за одведување и прочистување на отпадните води и заштита на Охридското Езеро.

Пречистителна станица во Враништа.

Јавното претпријатие Колекторски систем – Скопје е основано со заштита на животната средина преку собирање и одведување и прочистување на отпадните води со крајна цел – заштита на Охридското Езеро, велат ревизорите. наведувајќи дека тоа е „единствената линија на одбрана на Охридското Езеро од урбаното загадување.

„Надлежните лица на јавното претпријатие треба да ги интензивираат мерките и активностите за анализа на состојбата, согласно бизнис планот, преку донесување и реализација на планови за целосна санација на колекторската мрежа, со воспоставување SCADA-систем за 24/7 мониторинг и поставување на протокомери за прецизно мерење на влезната и излезната вода, како и обезбедување на резервно електронапојување за сите пумпни станици“, велат ревизорите.

Видете и ова: Фекални бактерии како ендемски видови во Охридското Езеро

Тие додаваат дека е неопходно е претпријатието да ја добие законски потребната дозвола за работа, да развие сопствен информациски систем за евиденција и управување со корисниците и да обезбеди стабилно и долгорочно финансирање преку стратешки инвестиции и меѓуинституционална координација, со цел значително подобрување на ефикасноста на системот и заштита на Охридското Езеро.

Ревизијата посочува и на други недостатоци во ЈП Колекторски систем - Скопје, односно дека од основањето до денот на ревизијата, претпријатието нема добиено дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води, која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Ревизорите велат дека колекторскиот систем не е опремен со протокомери за мерење на количината на влезна отпадна вода, дека недостасува СКАДА- систем за целосна контрола и мониторинг, а дека претпријатието не располага ниту со агрегати за резервно напојување со електрична енергија.