Резиме
- Сојузот на синдикати(ССМ) бара 600 евра минимална плата и зголемување од по 100 евра на сите останати плати. Сумата што ја нуди дел од бизнис-секторот е по 463 евра.
- Работодавачите стравуваат од дополнителен инфлаторен притисок, пад на мотивацијата и продуктивноста, отпуштања и исплаќање пари „во плик“.
- Работниците се подготвуваат за протест по 20 јануари, Владата им сугерира да се договорат со работодавачите
Со години не сум добила ни денар повеќе од минимална плата - речиси сум пред пензија, имам 30 години работно искуство зад себе, високо образование - дипломиран историчар, а не можам да дојдам ни до 30.000 месечен приход, вели 59-годишната Милена И. која работи како дистрибутер на кондиторски производи во приватна компанија.
Таму е шест години, откако се затворила фирмата во која работела во администрација.
„Кога во 2022-та се зголеми минималната плата на 22.000, газдата ни даде толку, колку што беше минималецот. Потоа се зголеми на 24.000, толку и добив на сметка. Цело време работам за минималец. Не само јас, туку и повеќето други колеги. За повисока плата не станува ни збор. Околу празници, кога останувам прекувремено, ќе ми исплатат по некоја дневница, на рака, и тоа е се. Во сегашната скапотија, со тие пари не се живее“, вели Милена за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Видете и ова: Цените ја „згазија“ минималната плата, за повисока ќе се почекаМинималната плата во Северна Македонија е 24.379 денари (397 евра). Според податоци на СДСМ, толку земаат околу 40.000 работници.
Од друга страна, во декември 2025 година на четиричлено семејство му биле потребни 65. 492 денари да го помине месецот, пресметал Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Повеќе од третина од тој трошок, над 23.000 денари, е само за храна и пијалаци.
За да се наполни синдикалната потрошувачка кошница, малку се и две ипол минимални плати.
Синдикатот излегува на улица, Владата повикува на договор со работодавачите
Во услови на зголемени цени на храната, енергенсите и услугите, минималната плата често се троши пред да заврши месецот, велат од Сојузот на синдикати на Македонија. Затоа бараат минималната плата да се зголеми на по 600 евра и дополнително сите останати плати да се зголемат за по сто евра.
„Цените предвреме ги изедоа платите. Да нема инфлација, минималната плата нека биде и 15.000 денари. Нашето барање за 600 евра минималец е издржано кога споредуваме колку скокнаа цените во маркетите. Двајца дома треба да обезбедат најмалку 65.000 денари месечно само за основните трошоци“, вели потпретседателот на ССМ Иван Пешевски за РСЕ.
Инфлацијата во Северна Македонија официјално порасна за 4,1 отсто на годишно ниво. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени на 8 јануари, само во текот на на 2025 година во просек е поскапено за 4,1 процент, а цените на мало пораснале за 3,7 отсто.
Видете и ова: Трендафилов: Срамно е да се фалите со покачување на минималецот за 1.500 денариСиндикатот од лани бараше минимална плата од по 500 евра, но ни за тоа не доби поддршка ни од работодавачите ни од Владата.
Затоа, ССМ најави протест после 20 јануари. Целта е да се подобри животниот стандард на граѓаните, да се изедначат платите со регионалните минимални приходи кои растат и да се спречи одливот на работници, велат од Синдикатот.
За точниот датум и за начинот на блокади ССМ ќе одлучи в петок, на 16 јануари.
Владата останува на ставот дека за барањата на работниците е потребно да се постигне договор помеѓу нив и работодавачите.
„Посочуваме дека најавите за штрајк се демократско право, но воедно потсетуваме дека Владата прв пат води конструктивен социјален дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет, каде сите прашања се дискутираат јавно и транспарентно, во интерес на сите засегнати страни, со цел обезбедување на подобар животен стандард. Владата континуирано гради инклузивен дијалог со сите засегнати страни, вклучително работниците и бизнис-секторот, со цел изнаоѓање одржливи решенија кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард“, одговорија од Владата.
Бизнис-сектор: „границата“ е 463 евра
На барањата на синдикалците за 600 евра минималец, дел од бизнис-секторот нуди 28.500 денари (463 евра). Таков став преовладува во бизнис секторот, особено во Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија, вели нејзиниот претседател Миле Бошков за РСЕ.
Тоа е Здружение на работодавачи во кое членуваат 8.500 компании.
„Преовладува ставот дека 28.500 денари е психолошка и економска граница која повеќето стабилни компании можат да ја поднесат во овој момент. Оваа сума би значела раст кој го следи трошокот на живот (инфлацијата од околу 4.0% во 2025), но не ги доведува микро-компаниите до банкрот. Оваа сума покрива добар дел од синдикалната кошничка (која достигна над 65.000 денари за четиричлено семејство)“, вели Бошков.
За оваа плата да биде „реално исплатлива“, компании предложија олеснување на трошоците по основ на социјалните придонеси за разликата во покачувањето, со помош од државата. Од Владата тогаш рекоа дека не можат да ги субвенционираат придонесите.
Видете и ова: Македонскиот работник има поголема продуктивност од европскиот, но за третина од неговата платаСпоред Бошков, минимална плата од 600 евра би бил нагол скок кој многу сектори, особено текстилна, чевларска индустрија, занаети, земјоделство, не можат да го поднесат. Линеарното зголемување на сите плати за 100 евра може да предизвика дополнителен инфлаторен притисок, а ако минималната плата се доближи премногу до платите на средно-квалификуваниот кадар, неквалификуван работник би заработувал речиси исто колку некој со долгогодишно искуство или специфична вештина, што би довело до внатрешен конфликт во компаниите.
„Кога легалните трошоци за труд стануваат превисоки за бизнис моделот, постојат два опасни исходи: компаниите можат да почнат да отпуштаат работници за да преживеат или дел од платата да ја исплаќаат „во кеш“, што е чекор назад во борбата против неформалната економија“, вели претседателот на Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија.
Предупредувања за несакани последици
Доколку минималната плата се зголеми на 600 евра, тоа би значело зголемување на повеќе од 50 отсто во однос на 2025 година. Но, емпириските согледувања укажуваат на тоа дека во најголем број сектори, порастот на продуктивноста заостанува во однос на порастот на платите, вели Димитар Николоски, професор по економија на трудот на Економскиот факултет во Прилеп.
„Зголемување на минималната плата повеќе од законски утврдениот износ може да има две очекувани несакани последици. Прво, голем дел од компаниите, особено оние со ниско ниво на продуктивност да не се во можност да ги исплатат повисоките плати, што негативно би се одразило врз нивната конкурентност. Второ, порастот на платите повеќе од порастот на продуктивноста неминовно би водел кон пораст на цените на производите, односно до подгревање на инфлацијата“, изјави Николоски за РСЕ.
Според него, решението, би требало да се бара преку дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет и евентуална корекција на формулата за пресмтување на минималната плата.
Економско-социјален совет е советодавно тело на Владата, кое треба да овозможи тристрана соработка меѓу Владата, синдикатите и работодавачите за решавање на економските и социјалните прашања и проблеми.
Засега, седница на ова тело не е закажана.
Само Косово има понизок „минималец“ од Северна Македонија
Минималната плата се усогласува секоја година во март, со 50 од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година.
За март 2026 година, според пресметките порастот на минималната плата би требало да биде во граници од 6,5 отсто до 7 отсто во однос на 2025 година.
Или, тоа би било зголемување од по 1.500 - 2.000 денари.
Видете и ова: „Инфлација од алчност“ - цените растат и кога нема кризаВо регионот, само Косово има пониска минимална плата од Северна Македонија. Минималецот во Косово е 384 евра.
Минималната плата во Србија е од 505 до 580 евра, во зависност од бројот на одработени работни часови во месецот. Во Албанија е 440 евра, а во Босна и Херцеговина е 525 евра. Највисока е минималната плата во Црна Гора и изнесуваа 600 евра месечно.