Илјадници се смрзнуваат во Киев по рускиот напад со дронови во пресрет на разговорите Зеленски - Трамп

По рускиот напад на киев во областа Днипровски, 27 декември 2025

Украинските комунални работници брзаа да го вратат греењето и електричната енергија во големи делови од Киев, откако руските беспилотни летала и ракети уништија општински постројки за греење. Најмалку едно лице загина, а повеќе од дваесет беа повредени во нападот што се случи ноќта меѓу 26 и 27 декемември.

Како одговор на нападите, на температури околу нулата, украинските власти наредија итни прекини на електричната енергија за големи делови од Киев, како одговор на нападите.

„Ова е прв пат толку многу дронови да го погодат центарот на градот“, изјави министерот за внатрешни работи Игор Клименко.

Неколку часа подоцна, Украина се чини дека возврати со воздушен напад врз руски цели, при што лансираше повеќе од 110 беспилотни летала кон седум региони, вклучувајќи ја и Москва. Руското Министерство за одбрана тврди дека сите биле соборени.

Рускиот напад насочен кон резиденцијални објекти и цивилна инфраструктура доаѓа додека украинскиот претседател Володимир Зеленски се подготвува за разговори со американскиот претседател Доналд Трамп за мировниот план поддржан од Вашингтон.

Белата куќа, која не даде формално соопштение за состанокот, објави распоред на кој се гледа дека средбата на Зеленски и Трамп во Флорида е предвидена за попладнето на 28 декември.

„Мислам дека тие сакаат да го направат тоа сега, и мислам дека Русија сака да го направи тоа. Но, секогаш пат кога едниот сака, другиот не“, беше цитиран Трамп во изјава за „Њујорк пост“ на 26 декември.

Во коментарите пред новинарите кои патуваат со него во САД, Зеленски повторно сигнализираше дека има простор за компромис.

Видете и ова: Зеленски најави средба со Трамп во „блиска иднина“

Едно од критичните прашања што сега се во центарот на преговорите што се забрзаа откако минатиот месец беше објавен мировел план, кој се смета за поволен за Москва, е судбината на источниот регион Донбас.

Поголемиот дел од регионот е под руска контрола, а Москва побара од Киев да ги предаде деловите што Русија не ги контролира, вклучувајќи два големи града – Краматорск и Славјанск – кои се клучни за украинската одбрана во регионот.

Зеленски предложи компромис кој вклучува воспоставување демилитаризирана зона во која и Украина и Русија би ги повлекле своите сили. Потоа странските сили би ја надгледувале демилитаризираната тампон-зона.

Украинскиот лидер излезе и со идеја за одржување референдум за планот, додека исто така потенцираше дека 60-дневен прекин на огнот би бил неопходен за да можат луѓето безбедно да гласаат.

Во коментарите дадени пред новинарите, Зеленски ја отфрли идејата предложена од Москва - на таков референдум да може да гласаат и украинските граѓани што живеат во Русија. Украинските власти велат дека тоа би отворило врата за измама со резултатите.

Видете и ова: Зошто толку многу лидери предупредуваат на војна со Русија?

Другото критично прашање е судбината на најголемата нуклеарна централа во Украина. Објектот во регионот Запорожје, кој беше најголемиот извор на електрична енергија за Украина, е под руска контрола уште од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година.

Зеленски предложи централата да се стави под заедничка контрола на Украина и САД, при што Вашингтон би остварувал профит од продажбата на електричната енергија од централата – потенцијално и на Москва.

Кремљ, кој верува дека има предност и на бојното поле и во мировните преговори, покажа мала подготвеност за компромис во врска со своите тврдокорни барања – од кои повеќето датираат уште пред инвазијата.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека загина едно лице, а најмалку 28 се повредени во нападот во кој Русија лансираше стотици дронови и десетина ракети. Големи делови од градските области на источните брегови на реката Днепар се без струја и вода, посочи Кличко во објава на Телеграм.

Најголемата приватна електроенергетска компанија во Украина соопшти дека речиси една третина од Киев останала без електрична енергија.

„Денес, Русија ја покажа својата реакција на мировните преговори... Тие започнаа масовен напад врз Украина. Ова е истата Русија што го демонстрира ова додека водиме мировни преговори“, рече Зеленски.

Еден ден претходно, Русија лансираше бомби врз вториот по големина град во Украина, Харкив, при што загинаа најмалку две лица, а неколку други беа повредени.

Најголемиот пристаништен град во Украина, Одеса, е мета на напади неколку дена по ред.