Шверц под превез на медицината - игри во бизнисот со канабис

Полициска заплена на дрога поради непочитување на законот - (архива)

Резиме

  • МВР и Обвинителството за организиран криминал спроведоа претреси на неколку локации во Скопје и Струмица, неофицијално одземајќи десетици тони медицински канабис.
  • Акцијата следува по рекордната заплена од 5 тони марихуана во Србија, за која се тврди дека потекнува од лиценцирана фабрика во Скопје.
  • Министерот за здравство Азир Алиу кажа дека актуелниот закон има слабости за контрола на компаниите и најави ново решение.
  • Премиерот Христијан Мицкоски очекува МВР да излезе со заплени на десетици тони од компаниите со лиценци

Полицијата и Обвинителството за организиран криминал и корупција доцна синоќа, 5 февруари спроведуваа претреси во фабриката „АЛФАФАРМ ГРУП“ во Скопје, која се наоѓа во кругот на поранешната фабрика ОХИС, додека проверки паралелно се вршеа и на неколку локации во струмичкиот регион.

Неофицијално, дел од медиумите објавија дека во полициската акција се одземени рекордни 27 тони медицински канабис од магацините. Официјалните информации од МВР и Обвинителството се очекува да бидат објавени денеска.

Акцијата на македонско тло следува откако српските власти запленија шверц на пет тони марихуана за која беше посочено дека потекнува од фабрика во Скопје која имала лиценца за производство на канабис во медицински цели.

Епилог засега нема ниту од претходната теренска вонредна посета на МВР и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство, која е законски задолжена да спроведува надзор над фирмите кои произведуваат канабис за медицински цели.

„Комисијата за канабис, во координација со Министерството за внатрешни работи, спроведе вонредна контрола. Постапката е сè уште во тек, при што се врши дополнително утврдување на состојбите. Во овој момент не е можно да се соопштат дополнителни информации“, рекоа од Комисијата за РСЕ.

Видете и ова: Претреси кај ОХИС поврзани со рекордната заплена на марихуана во Србија

На 29 јануари, српската полиција заплени рекордни пет тони марихуана во село Коњух кај Крушевац, со проценета вредност од 7 до 10 милиони евра на црниот пазар.

Освен марихуната, пронајдено е и огнено оружје, најмалку четири автоматски пушки и една „золја“, како и пари од околу 12.700 евра.

Според информациите на српското Обвинителството за организиран криминал (ТОК), организирана криминална група ја донела марихуаната во јануари 2026 година од Северна Македонија на српско тло.

Српското Обвинителство покрена постапка против пет осомничени: советникот од Српската напредна партија Раде Спасојевиќ и неговиот син Небојша, како и Иван Драгниќ, Урош Младеновски и Александар Мијаловиќ – организаторот на групата кој е во бегство.

Видете и ова: И Скопје ги истражува петте тони марихуана, српските власти ги негираат врските со новата афера

И Јавното обвинителство во Скопје отвори предмет во врска со заплената на пет тони марихуана во селото Коњух.

Обвинителството за РСЕ соопшти дека воспоставило „интензивна и континуирана комуникација“ со надлежните институции во Србија, „со активна размена на релевантни информации и координација на дејствувањето“.

Бизнисот со одгледување канабис за медицински цели стана легален во Северна Македонија во 2017 година. Легализацијата имаше за цел да обезбеди безбедни, стандардизирани производи за пациенти со тешки состојби – онколошки заболувања, ХИВ/СИДА, епилепсија и хронични невропатски болки – а маслото нуди терапија за ублажување на симптоми, намалување на гадење од хемотерапија и подобрување на апетитот и квалитетот на живот.

Во соседна Србија е употребата на канабисот е законски забранета во секоја форма.

Законот слаб, контролата тајна

Повеќе од осум години од Законот за легализирање на одгледувањето и извозот на канабис за медицинска употреба, речиси третина од сите издадени лиценци на компаниите го прекршиле законот поради неправилности во работата.

За тој период, компаниите „произведоа“ и многубројни афери за шверц на марихуана засенувајќи ја реалната здравствена корист од производството на маслото од канабис за медицински цели.

Од стапување на сила на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во 27 декември 2017 година до 3 февруари 2026 година Владата донела одлуки за давање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели за 61 правно лице.

Во Северна Македонија во моментов има 43 компании кои одгледуваат канабис за медицински цели. За повеќе од осум години, владите предводени и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ донеле одлучи за одземање на одобренија за одгледување на канабис за медицински цели за 14 фирми поради неисполнување на законските услови. А како што информираа од Владата за РСЕ, во тек е постапка за одземање на одобренијата за дополнителни 4 компании.

Надзорот над компаниите со одобрение за одгледување на канабис за медицински цели го спроведува Комисија за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, која е под Министерството за здравство.

Комисијата е составена од вкупно пет члена, од кои два члена се од Министерството за здравство (претседател и член), кои истовремено се систематизирани и ангажирани во други сектори во институцијата, додека тројца се надворешни членови - по еден од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) и специјалист од областа на лековити растенија.

Комисијата за работата го известува Министерството за здравство, кое потоа доставува предлози до Владата за добивање или одземање на лиценца.

Видете и ова: И Скопје ги истражува петте тони марихуана, српските власти ги негираат врските со новата афера

На испратени барања за податоци - колку редовни и вонредни контроли извршиле во 2025 година, кај колку и кои фирми утврдиле неправилности, кои се казните, од Комисијата не дадоа конкретни и прецизни одговори.

„Во текот на 2025 година, Комисијата за канабис вршела редовни и вонредни контроли кај правните субјекти со лиценца за одгледување канабис за медицински цели. При спроведените контроли се утврдени неправилности во работењето кај одредени правни субјекти, поврзани со непочитување на законските одредби и обврските утврдени со одобрението за одгледување канабис за медицински цели. Во случаите каде што се утврдени неправилности, Комисијата постапува согласно законските надлежности и презема соодветни мерки, во зависност од тежината и карактерот на утврдените состојби“, одговорија од Комисијата.

Министерот за здравство Азир Алиу посочи дека веќе се работи на законски измени во областа, при што работна група започнала со анализи уште пред да излезе во јавноста аферата со запленетата марихуана во Србија. Како што кажа министерот, во постојниот Закон биле детектирани одредени слабости кои треба да бидат надминати со новото законско решение.

„Оставете да видеме што имаат стручњаците да кажат за Законот и за членовите коишто дополнително се ставени во новото законско решение. Мислам дека ќе имаме Закон со којшто ќе може да ги следиме активностите“, изјави Алиу.

Освен Меѓуресорската комисија, според закон, инспекции врши и Министерството за земјоделство и Државниот инспекторат за земјоделство. Во описот на нивната работа стои дека вршат надзор со контрола над производството на семенскиот материјал, самото производство и пред и по жетвата.

Видете и ова: Канабис од Африка преку Македонија до пазарот во ЕУ

Но, ниту министерството ниту инспекторатот кој е под негова капа не одговорија на прашањата на РСЕ за бројот на редовните и вонредните надзори во целата измината 2025 година, колку пати годишно се контролираат компаниите, какви прекршоци констатирале на терен.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека случајот со петте тони дрога кои завршиле во Србија, а според српското обвинителство потекнуваат од Северна Македонија, е „сериозен случај“ и најави полициски акции насочени и кон други компании кои ги злоупотребувале лиценците за одгледување канабис.

„Очекувам деновиве МВР да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов која во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или, пак, на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани“, изјави Мицкоски синоќа во интервју за јавниот сервис МРТ.

Од филмски грабежи до прекуграничен шверц

Ова не е прва афера што ги поврзува македонските фабрики за медицински канабис со српскиот црн пазар – паралелата со случаот „Јовањица“ за најголемата плантажа на марихуана во Европа од пред шест години ја потсетува јавноста на длабоките врски помеѓу Северна Македонија и Србија во шверцот на марихуана. Тогаш беа запленети повеќе од тон и половина марихуана.

Во отворањето на аферата „Јовањица“ во Србија, тогашната опозиција на ВМРО-ДПМНЕ опозиција бараше истрага и во Северна Македонија, поврзувајќи го сопственикот на плантажата Предраг Колувија со поранешниот македонски премиер Зоран Заев и бизнисите на неговото семејство со марихуана.

„Скандалот е дотолку поголем што уапсениот Предраг Колувија е бизнис партнер токму на бизнис партнерот на Заеви, Горан Крстев, кој заедно со Заев, ќе потсетам беше аболиран за случајот Глобал“, изјави Игор Јанушев во април 2021 година.

Во овој случај пред Специјалниот суд во Белград се водат два судски процеси против Предраг Колувија, сопственик на имотот „Јовањица“.

Видете и ова: Пет тони марихуана од Северна Македонија запленети во Србија, тројца се во притвор

Во двата предмети се товари дека бил организатор на група која одгледувала марихуана за продажба, а се брани од слобода.

Во изминативе години се забележани и неколку други случаи на незаконска работа на компаниите, кражби и (не)успешни обиди за шверц на марихуана.

Пред шест години, во скопското село Арачиново полицијата фати 231 килограм од близу два тона марихуана, кои беа украдени од фирмата „Херб индустри“ во Валандово. Камионот со поголемиот дел од марихуаната беше напуштен кај граничниот премин Блаце со Косово. Во јавноста се појавија и снимки од складиштето со марихуана и претставува прв случај со видео докази за кражба од лиценцирана фирма.

На компанијата „5 Летерс“ и беше одземена лиценцата во февруари 2021 година од Владата по препорака на Комисијата за канабис поради неисполнување на законските услови – недостиг на квалификуван кадар, непријавено производство на канабис (вишоци стебла без евиденција) и пропусти во просторот/опремата утврдени при две инспекции. На одземањето на лиценцата на „5 Летерс“ и претходеа два грабежи за две години - првиот пат беа украдени 60 килограми марихуана во вредност од 240.000 евра. Во втората кражба, исчезнаа 108 шишиња масло од канабис со пазарна вредност од два милиони евра.

Во 2022 година полицијата најде околу 250 кг марихуана спакувана во 67 вреќи, со проценета вредност од околу 800.000 евра, која потекнуваше од битолската фирма „Медицал 420“. МВР упадна во просториите една година подоцна откако во 2021 година Владата и ја одзеде дозволата поради незаконитости.

Истата година, полицијата заплени од струмичката „Солидис Хербал“ вкупно еден 1,6 тони марихуана, чија вредност се проценува на 3,2 милиони евра.