Предлог измени на Законот за владата, со кои ќе се укине техничката влада како и измени на Изборен законик, се дел од темите за кои ќе се разговара на 14 јануари на лидерската средба која ќе се одржи во Клубот на пратениците.
На оваа средба до сега своето присуство јавно го потврдија само партиите од владејачката коалиција и опозициската Левица. Таа на оваа средба доаѓа со условна поддршка за укинувањето на техничката влада, ќе бара воведување на една изборна единица.
Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче најави дека нема да присуствува, додека од ДУИ сè уште не одговориле каков е нивниот план.
На оваа средба ќе се зборува за реформската агенда, за изборот на Народен правобранител, најавени измени на Изборниот законик, како и за укинување на техничката влада, механизам, кој беше воведен во 2016 година како дел од таканаречениот „Пржински договор“.
Со неа беше предвидено да се гарантираат фер избори пред избори со кадровски промени со мандат од сто дена.
Отворањето на прашањата за укинување на техничка влада и измени во Изборниот законик, на само два дена по официјалното затворање на поглавјето „локални избори“ го отвора и прашањето-дали се подготвува терен за предвремени параламентарни избори.
Аналитичарот Сефер Селими вели дека во јавноста се повеќе гласно се зборува за можноста за предвремени парламентарни избори и дека исходот ќе заврши во прилог на ВМРО-ДПМНЕ. Тој додава дека опцијата предвремени избори што е можно побрзо најмногу и одговара на власта.
„Од повеќе причини, но воглавно јас мислам дека премиерот Мицкоски ќе сака да ги усогласува мандатот на чело на ВМРО-ДПМНЕ со уште еден четиригодишен полн мандат како премиер со неговите очекувања за повторна победа. Како второ, повеќе индикатори покажуваат дека макрофинансиската состојба во државата не е добра и нема да се движи на добар правец“, вели Селими.
Видете и ова: Техничката влада созреа за укинување?Според него владејачките партии сакаат на некој начин да спречат поголем пад на нивната поддршка и тоа да го капитализира со уште еден четиригодишен мандат.
„На власта и се брза да бидат што порано, а од друга страна, опозицијата се надева дека тие избори ќе бидат што покасно е можно оваа година, поради фактот што опозицијата има очекувања дека економската ситуација и другите политички случувања ќе креираат поголемо незадоволство, а со тоа да расте поддршката за опозицијата“, додава тој.
Од друга страна пак , дел од политичките аналитичари велат дека засега на ниту една партија не и одговараат предвремени парламентарни избори од две причини, затоа што власта е на половина мандат со стабилно мнозинство, а опозициските партии не се подготвени додека не завршат со внатрепартиските реформи.
„Во моментот не гледам сериозна политичка опција на која што би одговарало предвремени извори оваа година, можеби следната 2027 година, ама не и годинава“, вели аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања за радио Слободна Европа.
Власта тврди - нема нови избори, ама ако мора...
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во пресрет на лидерската средба порача дека фокусот на Владата не се изборите, туку реформите и проектите. Но, тој честопати повтори во јавноста дека „опозицијата треба да внимава што посакува, бидејќи може да се случи да ѝ се оствари таа желба“.
Собранискиот спикер Африм Гаши се согласува со својот коалициски партнер, истакнувајќи дека е поборник на идејата за редовни избори.
„Мислам дека, концептуално зборувам, ни недостига политичка и економска стабилност. Ако цело време правиме предвремени избори, креираме некоја политичка и економска нестабилност“, изјави Гаши на брифингот со новинарите.
Опозициски желби за предвремени избори
Демократската унија за интергација (ДУИ) откако завршија минатите парламентарни избори, јавно бара предвремени избори затоа што не го признава легитимитетот на владејачката Вреди.
Опозицискиот лидер од фракцијата на партијата Алијанса на Албанците, која остана во коалицијата Национална Алијанса за Интеграција (НАИ), Арбен Таравари се надева дека уште пролетва ќе има предвремени избори.
„Алијансата за национална интеграција покажа дека заедно можеме да постигнеме извонредни резултати. Ова е нов дух кој верувам дека ќе продолжи и на парламентарните избори кои ги очекувам во 2026-та, без разлика дали ќе се одржат во мај или во октомври“, изјави Таравари по победата на локалните повторени избори во Гостивар и Врапчиште.
Видете и ова: Филипче ја одби понудата на Мицкоски за лидерска средбаСпоред лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче, топката за изборите ја префрла во владејачкиот двор, обвинувајќи дека на премиерот Мицкоски му се брза со укинувањето на техничката влада за да распише предвремени избори.
„Мицкоски и тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ нека си ги распишат изборите сами кога веќе сè имаат испланирано, СДСМ нема да биде покритие за оваа сценарио“, изјави Филипче, без да објасни дали тоа значи дека ќе бојкотира избори ако се организираат предвремено.
На власт се бара укинување на техничка влада, во опозиција не се дозволува
Лидерската средба ќе покаже во која насока ќе се движат политичките ветрови во следниот период, сложни се аналитичарите. Според нив, присуството на ДУИ на оваа средба ќе го покаже политичкото расположение за системски промени во клучни закони меѓу кои и оние коишто се однесуваат на изборите.
Божиновски очекува за прв пат, како што вели, на време да стартуваат со измени на изборните правила, меѓу кои и да се зборува и за една изборна единица, намалување на цензусот за референдум и претседателски избори.
„Мислам дека навистина сега е моментот затоа што сега има добро време да се направа одредени измени кои што нема да не задаваат главоболки. Затоа што ние веке пред секој претседателски збори не знаеме дали ќе бидеме тие успешни“, вели Божиновски.
Видете и ова: Партиски промени, но со исти лидериИако во изминатите години и СДСМ бараа укинување на техничката влада, сега Филипче одби да присуствува на лидерската средба и бара овој механизам да остане, затоа што смета дека е гарант за фер и демократски избори.
„Таа може да се укине само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега, во овој момент, не сме“, вели Филипче.
Гаши е согласен дека земјава нема скандинавска демократија, но за разлика од Филипче, смета дека „рокот на употреба“ на техничката влада е истечен.
„Но, не мислам дека сме во делот во ризични земји за имплементација на демократија и реализирање избори. Мислам дека многу сме напреднале во тој дел“, рече Гаши, додавајќи дека на земја членка на НАТО, не ја личи да организира преодна влада за да спроведе избори.
Видете и ова: Техничка влада – наместо за државата, работат за партиитеИдејата за укинување на техничката влада лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја промовираше во пресрет на минатите парламентарни избори. Партијата тоа го вметна и во својата изборна програма, а како објаснување го наведува тоа што „концептот на техничка влада се покажа како креатор на дополнителни кризи, неефикасност, поларизација и нефункционалност на институциите“.
Техничката влада се активира сто дена пред избори, а мандатот трае од изборот, се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.
Во неа, премиерот доаѓа по предлог на актуелната власт, а во пет министерства, кои беа определени како клучни, раководат кадри и од опозицијата и од власта. Таму каде министерот е од едната, дополнителниот заменик министер е од другата партија, и обратно. Станува збор за министерствата за: внатрешни работи, за труд и социјална политика, за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.
Прашањето за нужноста од техничката влада во изминатава деценија се отвораше неколку пати, а се покрена и во пресрет на последните парламентарни избори, но сепак не беше укината.