Шест лица под истрага за марихуаната во Северна Македонија и Србија

Запленетата марихуана во реонот на селото Коњух во близина на Крушевац, Србија.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага за шест лица поврзани со заплените на марихуана во Северна Македонија и Србија.

Тие се осомничени за кривичното дело „неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“.

ОЈО ГОКК тврди дека осомничените, заедно со други засега неидентификувани лица, во 2025 година се здружиле со цел неовластено да продаваат наркотична дрога. Според обвинителството, не само марихуана, туку и кокаин, но за него во објавата за истрагата нема повеќе детали.

Секој од членовите на групата имал определена улога.

Видете и ова: Проверка на сите фирми за канабис, сѐ уште трае истрагата за шверц во Србија

Македонското обвинителство го оформи предметот откако на 29 јануари во Србија беа откриени пет тони марихуана, за кои тамошните власти излегоа со сомнежи дека тие потекнуваат од Северна Македонија. Во рамки на предистрагата, надлежните вршеа претреси во фабриките за производство на медицински канабис во скопскиот и струмичкиот регион при што запленија 40-тина тони марихуана.

По ваквите заплени, доаѓа отворањето на истрага за шесте лица во Северна Македонија. Во Србија од претходно се осомничени пет лица.

Двајца од осомничените во Србија, според Обвинителството, во договор со првоосомничениот – кој е сопственик на фирма за канабис во Скопје, како и други непознати лица организирале набавка на марихуана и нејзин транспорт до Србија. Дел од оваа шема за шверц била и марихуана произведена во друга фабрика за канабис во струмичкиот регион.

„Во декември 2025 година, првоосомничениот им дал насоки на своите вработени за пакување на сув цвет од канабис во вкупна количина од 8.832 килограми, претходно набавен од правно лице од Струмица. Во период од околу две недели, вработените спакувале над 200 кутии, по што првоосомничениот им одобрил колективен одмор“, велат од ОЈО ГОКК.

Во Северна Македонија, повеќе од осум години со закон е легализирано одгледувањето и извозот на канабис за медицинска употреба.

Видете и ова: Тони дрога и картели: Најголемите заплени во Западен Балкан

По пакувањето во декември, според хронологијата на настаните што ја објавија од обвинителството, на 13 јануари двајцата ортаци – едниот сега осомничен во Северна Македонија, а другиот во Србија, организирале транспорт на „поголема количина сув цвет од канабис“, првично од Скопје до локација во Свети Николе кое се наоѓа на 50-тина километри од главниот град. Транспортот помеѓу овие две локации се правел во два наврати.

Според ОЈО ГОКК, во исто време, кај локалната црква во селото Сарамзалино, кое е во околината на Свети Николе, другите петмина осомничени во истрагата во Северна Македонија, вршеле претовар на царинета стока од еден камион во друг. Со испразнетиот заминале во Свети Николе и го натовариле со кутиите со канабис.

„По извршениот утовар, осомничените се упатиле кон граничниот премин Табановце и ја напуштиле државата. На 14.01.2026 година, во 03:41 часот, товарното моторно возило се исклучило од автопат и се упатило кон селото Коњух, каде заедно со други неидентификувани лица било извршено растоварање на кутиите со наркотична дрога марихуана во објект на правно лице од Крушевац“, наведуваат од ОЈО ГОКК.

Видете и ова: Запленети над 40 тони дрога, се проверува поврзаност со Србија

Двајца од осомничените во истрагата во Северна Македонија од вчера се наоѓаат во 48-часовен притвор, а обвинителството побара тој да им биде продолжен за уште 30-дена. Од Основниот кривичен суд Скопје, соопштија дека го прифатиле барањето.

Нема информации дали се бара притвор и за останатите осомничени.