Големи планови за дијаспората, мала доверба кај иселените

Илустрација

Северна Македонија сака да го активира економскиот потенцијал на бројната дијаспора преку нова Национална стратегија насочена кон привлекување повратници, инвестиции и развој на бизниси. Млади и образовани иселеници за РСЕ велат дека не би се вратиле поради корупција, неефикасност на институциите и ограничените можности во земјава.

„Мојот единствен обид да го добијам конзулатот во Минхен беше неуспешен. На телефон не се достапни, а одговор на е-маил се чека со недели. Прв чекор на државата треба да е да назначува амбасадори кои знаат да ја работат работата, а не „рециклирани" политичари кои ги тргаат од очите на јавноста со тоа што ќе ги испратат во конзулати и амбасади. Македонија не води никаква сметка за Македонците во странство“.

Вака Ненад Гоцевски, иселеник во Германија кој десет години работи како градежен инженер и инженер за безбедност и заштита при работа во тамошни компании, ја коментира намерата на Владата да ги зајакне врските со македонската дијаспора во странство, што го преточи во предлог-текст на Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025-2030.

Видете и ова: Одливот на мозоци чини стотици милиони евра, државата спие

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ)го објави предлогот на страницата за прописи „Енер“ и очекува забелешки за него, откако министерот Тимчо Муцунски минатата недела го претстави пред јавноста.

Тој рече дека Стратегијата е пишувана во партнерство со дијаспората.

„Не претставуваме само документ. Ја претставуваме нашата обврска, нашата зрелост и нашата одлучност како држава - конечно, вистински, системски и долгорочно да им се посветиме на нашите луѓе надвор од границите. Македонската дијаспора е најголемата, најсилната и најраспространета мрежа што ја има нашата земја“, рече Муцунски.

Зошто некои иселеници не би се вратиле назад

Стратегијата, за период од пет години, треба да ги зголеми врските и довербата со македонските иселеници и да го засили нивното чувство за припадност кон татковината преку пет клучни области: конзуларни и социјални услуги, економија, соработка во култура и туризам, образование, зачувување на мајчиниот јазик, спорт и спортска дипломатија, инвестиции и надворешна трговија.

За 33-годишниот Гоцевски, кој веќе добил и германско државјанство, тоа не е доволно да се врати или да инвестира во татковината.

„Некакви целни мерки за мене, а и за многу познаници тука, не се мотивација да воспоставиме каков било бизнис однос со Македонија. Тоа што би ме привлекло е искрена борба против корупцијата, напредок во области како правда, аерозагадување, распаднатата инфраструктура, пред сѐ железница и јавен сообраќај. Кога тие фактори ќе бидат видливо подобрени, тоа би било плодна почва да се почне нешто. Моментално секоја врска со Македонија е само враќање чекор назад кон тоа од што се оддалечивме“, вели Гоцевски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Инфографика - Колку е веројатно испитаниците иселеници да се вратат во Македонија за подолг период?

Асја Муча работи како дизајнер и стратег за системски промени во Холандија. Таа вели дека доколку македонската влада навистина овозможи услови за инвестиции тоа можеби би ја мотивирало да инвестира и почесто да доаѓа во Северна Македонија - но не и да се врати.

„Моите лични амбиции се секогаш во некоја подлабока системска насока, како подобрување на здравството, образовниот систем, поврат на индустрија во малите градови, подигање на општата култура кај народот... Сè додека нема места во градинките, образовниот систем и здравството се дисфункционални, деца умираат во дискотеки, секоја недела има по неколку фатални сообраќајки и токсичен воздух, не знам баш со што ќе ги мотивирате младите да се вратат. Додека не се овозможат базични услови за живот, стратегиите за соработка со дијаспората не вредат многу“, изјави Муча за РСЕ.

Таа била во ситуација кој било нејзин предлог или иницијатива, упатен до некој на влијателна позиција, да биде одбиен со изговор „кај нас не може тоа така лесно" или „никој нема да даде пари за тоа“.

Околу 700.000 Македонци се надвор, третина не би се вратиле

Речиси третина од македонските иселеници во странство(29 отсто) не би се вратиле во Северна Македонија, наспроти 24 отсто кои одговориле дека тоа е „многу веројатно“ и „веројатно“.

Ова го покажуваат резултатите од анкетата што ја направила организацијата „Македонија 2025“ а се наведени во предлог - текстот на Стратегијата.

Анкетата била спроведена онлајн, на 1.436 македонски граѓани кои живеат во повеќе од 50 земји, на сите континенти, од јули до септември 2025 година.

Анкетата покажала и дека најсилни мотиви за враќање се семејни врски, професионални можности и чувството на припадност.

Инфографика - Кои фактори би го поттикнале повратокот на иселениците или инвестирањето?

Транспарентни закони и ефикасни мерки против корупцијата пак, за иселениците се најсилен фактор да се вратат и да инвестираат во Северна Македонија, според резултатите од анкетата.

Во странство живее секој трет граѓанин на земјава, или околу 700.000 луѓе, според извештај на Меѓународниот центар за миграциски политики од 2022 година. Македонската дијаспора главно е во земјите од ЕУ, најмногу во Германија, Швајцарија и Италија. Надвор од ЕУ, најголемите македонски заедници се наоѓаат во Австралија, во САД и во Канада.

Лани иселениците пратиле 1, 7 милијарди евра во татковината

Дознаките од дијаспората се 4 отсто или кумулативно до 10 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) и се стабилен извор на девизи, поради што економската димензија е една од највлијателните во односите со дијаспората, пишува во Стратегијата.

Според проценките на Народната банка, во 2024 година иселениците пратиле во татковината речиси 1,7 милијарди евра.

Од нив, околу 330 милиони евра влегле преку банки и брз трансфер на пари од работници во странство. Сепак, со парите во готовина, се проценува дека сумата од иселениците за минатата година достигнува околу 1,7 милијарди евра.

Тоа е нешто помалку од 2023 година, кога во Северна Македонија влегле 1,75 милијарди евра пари од дијаспората.

„Дознаките од дијаспората се еден од најзначајните и најстабилни извори на девизни приливи во македонската економија. Најголемиот дел се насочени кон потрошувачка и тековни трошоци на домаќинствата, со што значително се поддржува приватната потрошувачка и локалната економска активност, особено во руралните и помалку развиени региони. Меѓутоа, во последниве години се забележува тенденција на повеќе продуктивно користење на дознаките, преку нивно инвестирање во мали бизниси, недвижности и образование, што ја зголемува нивната економска улога“, пишува во документот.

Владата би издала обврзница за дијаспора, специјализиран финансиски инструмент што би им овозможил на иселениците да инвестираат во татковината „под сигурни и транспарентни услови“, е една од економските мерки во предлог - текстот.

Видете и ова: Печалбарите преферираат кеш, а не банки за испраќање пари

Исто така, државата планира даночни олеснувања за инвестиции од дијаспората во домашниот пазар, стимулирање на мали и средни бизниси што ги водат повратници или членови на дијаспората, програми за ко-инвестирање во енергетика, агроиндустрија, туризам, програми за старт ап иницијативи и други мерки.

За Дамјан Петровски, финансиски аналитичар кој повеќе од една деценија работи во Соединетите Американски Држави (САД) овие мерки „некако немаат смисла“ поради повеќе причини: кога се продаваат обврзници, треба да се каже и најважниот детал - каматата, корупцијата во земјава и можностите за заработка.

„Моментално, каматите на благајничките записи (5-10 години) се 3,67 отсто и 4,10 отсто, гарантирани од Владата на САД. Македонија мора да има подобри камати од овие. Исто така, не можеме да игнорираме „опортунитетниот трошок“, што би било обврзници од американски компании или берза. Доколку купиш индексни акции на фондови (тоа е приличен дел од цел пазар), ќе добиеш меѓу 8-12 отсто годишно. Не ја гледам економската поента тука, освен да се чувствуваш патритски“, изјави Петровски за РСЕ.

Тој има дилема дали би можел да најде доволно платена работа и ако би се вратил во државава.

„Во САД секогаш ќе имам повеќе на крај на месецот, отколку што ќе имам во Македонија. Мислам дека не би можел да живеам на исто ниво во Македонија“, смета Петровски.

Видете и ова: Клучните фактори за иселување и работа во странство - угоре високо, удолу длабоко

Дурим Зекири, извршен директор на Стопанската комора на северо-западна Македонија(СКЗМ), вели дека веќе има успешни примери на компании основани од иселеници кои се вратиле и инвестирале во земјава - што покажува дека потенцијалот постои.

„Но, клучен е еднаков третман на сите компании, домашни и странски. Денес дел од фирмите во Технолошко - индустриската развојна зона (ТИРЗ) добиваат значајни бенефиции, додека домашните компании, меѓу кои има и фирми основани од наши иселеници, се соочуваат со нерамноправни услови и потешко конкурираат. Потребно е да се прошират стимулативните мерки и надвор од зоните за да се создаде фер пазар за сите“, изјави Зекири за РСЕ.

Полесно до патни исправи, стипендии, пензии?

Стратегија предвидува низа други мерки за иселениците, освен економските.

Во делот на документите, меѓу нив се дигитализизација дипломатско-конзуларната мрежа, за иселениците да не мораат физички да доаѓаат за документи во амбасадите и конзулатите. Понатаму, полесни процедури за трансферот на пензии, за патни исправи за деца, за поврат на македонско државјанство и „прием во македонско државјанство“ по разни основи.

Во делот на култура и образование, МНР ќе финасира проекти на правни и физички лица од дијаспората за иницијативи за промоција на македонската култура, традиција, јазик, идентитет во странство.

Министерството за образование би вовело специјална образовна програма за децата од дијаспората, а Агенцијата за иселеништво треба да овозможи бесплатни онлајн курсеви по македонски јазик. Предвидени се и стипендии за македонски студенти од дијаспората кои би имале пракса во македонски компании.

Видете и ова: Дијаспората ќе се врати „мало сутра“

Ќе се отвораат нови културно-информативни центри, ќе се доделуваат признанија за особен ангажман на иселеници, а Министерството за култура и туризам ќе има посебен буџет за проекти од дијаспората.

Предвидено е да се формираат неколку совети: Советот за економска дипломатија, Научен совет, Совет за култура, спортски совет...Владата ќе може да именува и специјален пратеник за дијаспора, а секоја општина поединечно ќе добие офицери за врска за соработка со дијаспората.

Владата планира да донесе и Закон за управување со миграции и интеграција на повратници и странци, како и посебна Програма за реинтеграција на повратници.

За да се засили соработката уште повеќе, повторно ќе се организира годишна конференција за дијаспора во Скопје, е наведено во Стратегијата.

Зекири од СКЗМ вели дека иако иницијативата е долгогодишно барање на комората, треба да се има во предвид дека сето ова ќе биде тешко да се изведе, „бидејќи тие наши сограѓани ја напуштиле земјата поради недостиг на довербата кон државата и институциите“.

„Многу е тешко да се убедат нашите сограѓани да ги анулираат инвестициите во државите кои се многу посигурни на правен и економски план, за да дојдат во Северна Македонија каде што неизвесноста е многу висока“, вели Зекири.

Видете и ова: Заев побара дијаспората да инвестира во Македонија

Национална стратегија за дијаспора првпат направи претходната влада на СДСМ и ДУИ и го опфаќаше периодот 20119-2023 година. Во сегашната стратегија на МНР пишува дека дека тоа бил квалитетен документ, но со минимална имплементација на активностите што е „поразителен податок, бидејќи документот развил големи очекувања кај крајните рецепиенти, а четири години останале само во исчекување на активности кои никогаш во пракса не биле спроведени“.

Во претходната влада имаше и министер без ресор и Национален координатор за соработка со дијаспора, кои сега се укинати.

Агенцијата за иселеништво ќе продолжи да постои. Нејзина надлежност е да креира политики што ќе ги одржуваат врските на иселениците со татковината.