Достапни линкови

Амбасади без амбасадори, неодговорни политички игри


Зградата на Министерство за надворешни работи

САД, Русија, Кина, Израел и седум европски земји и натаму се без македонски амбасадори. Поранешниот дипломат Драган Јањатов вели дека недостатокот на стратегија за константна надворешна политика во изминативе две децении е показател за недосток на патриотизам.

Само четворица од списокот на нови амбасадори поминаа на собраниската комисија за надворешни работи од вкупно 16-те наведени на списокот објавен во Собрание. Засега непополнети амбасадорски позиции во странство според информациите на интернет страната на Министерството за надворешни работи се Постојана мисија на Северна Македонија во ЕУ Брисел, САД, Русија, Кина, Индија, Канада, Египет, Израел и Бразил и во европските земји Хрватска, Белгија, Италија, Полска, Словенија и Шпанија.

Пред пратениците своите предлог амбасадорски активности ги претставија Фајтон Бејта кој ќе ја претставува земјава во Данска, потоа Дане Талески во седиштето на НАТО во Брисел, Шабан Јашари кој треба да замине во Катар и Теута Агаи Демјаха во седиштето во Женева на ОН.

Талески кој амбасадорското столче го чекаше речиси една година, на таа позиција доаѓа од кабинетот на премиерот Зоран Заев каде што беше советник за надворешна политика. Неговата колешка, пак, Демјаха пред назначувањето за амбасадорка била дел од истражувачите во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје. За Јашари кој треба да замине во Катар во дел од медиумите пишува дека во 2009 година кога бил вршител на должност на дипломатско-конзуларното претставништво на Македонија во Доха, издавал визи не почитувајќи ја законската процедура за тоа.

Поголемиот дел од амбасадите на Македонија во странство, веќе неколку години не само што се без амбасадори, туку во моментов се или со вршители на должност или пак речиси празни, со најмногу двајца дипломати од понизок ранг .

Според објавениот список на собранискиот сајт одобрување од пратениците очекуваат за Албанија Данчо Марковски, потоа за Казахстан Сали Лимани, во Косово Шпреса Јусуфи, во Ватикан Марија Ефремова, амбасадор во Чешка Сашко Тодоровски, во Јапонија Горан Цеков, за Советот на Европа во Стразбур Светлана Гелева, Србија Васко Грков, Австралија Билјана Стефановска Сековска, Холандија Бети Јанева, Естонија Драган Јордановски и Грција Лидија Бошковска.

Поранешните дипломати велат дека тоа што со години се влече проблемот со испразнетите амбасадорски позиции остава лоша слика на несериозност кон меѓународната заедница. Бившиот долгогодишен дипломат Драган Јањатов вели дека e многу разочаран што со години, ако не и со децении, во министерството за надворешни работи нема конзистентна стратегија кон дипломатијата.

„И сето тоа е рефлексија на меѓу партиските односи и политичките интереси на одредени структури кои час влегуваат, час излегуваат од министерството а меѓународната политика е константна категорија и тука треба спроведување на стратегиски определби на државата, концепт за односи со соседите. Сето ова што ни се случува со Бугарија, со Грција па и со Албанија во крајна линија е резултат на тоа што надворешната политика нема единствен став, а тоа се одразува преку лукративните интереси да се фати амбасадорско место, а кој ќе оди, зошто ќе оди, дали е способен и дали знае никој не го интересира“ вели Јањатов.

Тој додава дека ова што денеска се случува во надворешната политика е рецидив од една практика што се спроведувала од осамостојувањето на државата до денеска.

Претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонијо Милошоски кој беше обвинуван од власта дека со одложувањето на седниците го одложил и заминувањето на амбасадорите на своите позиции, во Собранието изјави дека со неназначувањето амбасадори со години, државата пропушта можности за соработка, а во дипломатскиот свет, тоа е израз на непочитување.

„Не се случило толку долго време на толку многу места да нема свои амбасадори. Скандалозно е како една земја две години нема назначено амбасадори во Вашингтон и Отава, две земји кои што се прилично битни, две земји членки на НАТО, две земји во кои има голем број на македонска дијаспора“ изјави Милошоски.

Пратеничката од СДСМ Соња Мираковска пак, на тоа возврати дека дел од проблемот е наследен од претходната власт.

„Во Женева, таму каде што е исклучително важно во Обединетите Нации ние немаме претставник од 2012 година“ изјави таа, додавајќи дека власта годинава има намера да ги пополни сите испразнети позиции.

Дополнително ќе треба да се пополнат и оние позиции на кои им истекува амбасадорскиот мандат. Според законот, мандатот на амбасадорот трае до четири години и започнува од денот на преземањето на должноста. Во исклучителни околности мандатот на амбасадорот може да биде продолжен кога тоа го бараат интересите на државата, а како основ за продолжување на мандатот може да биде и неутврдувањето на нов кандидат за замена на постоечкиот амбасадор.

Во таква ситуација е амбасадорската позиција во Бугарија каде што како амбасадор е назначен Марјан Ѓорчев на 1 април 2016 година и во Турција каде што во април 2016 година бил назначен Звонко Муцунски.

Јањатов вели дека за дипломатските грешки, невниманието и не поставувањето на амбасадори, меѓународниот фактор кон земјава е многу толерантен.

„Тоа е недостаток на политичка култура, недостаток на патриотизам и недостаток на интерес за земјата, “ вели тој.

Тој посочува дека оваа практика се провлекува речиси 15 години, а истата практика продолжува од претходната власт. Тој додава дека дополнително проблем со години е што парите наменети за дипломатија не се трошат на вистинскиот начин во лобирање за интересите на земјата.

„Парите одат на друго место, и од амбасадите се направи сопствени претставништва и чекмеџиња, и олигарсите кој каде има интерес така се управуваат. Жал ми е ова што ни се случува, навистина сум револтиран“, вели тој.

Според дел од поранешните дипломати немањето на амбасадори во дипломатски претставништва е прво сериозен хендикеп за самата земја и второ, ако таа практика долго трае, е порака за земјата-домаќин дека не им се придава некаква важност на односите со неа. Дополнително се чека и ребалансот на буџетот кој треба да стигне во Собранието за да се обзнани дали се скратени парите наменети за МНР и трошоците за дипломатските претставништва, со што може дополнително да се одложи испраќањето на назначените дипломати на работните позиции по Нова година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG