Недоработена иницијатива без сериозна правна и институционална основа, оценија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ по негативните реакции во јавноста откако мнозинството во Собранието на седница на 18 март не дадоа поддршка на предлогот по скратена постапка да се донесе дополнување на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените, што по вторпат го поднесе пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова.
Предлогот е да се воведе електронска нараквица за сторители на семејно и родово базирано насилство, која треба да алармира кога сторителот ќе ѝ се приближи на жртвата.
Од 97 регистрирани пратеници, само 27 гласаа „за“, со што предлогот не беше прифатен.
Пред една година пред Собранието беше поднесен истиот текст, кој и тогаш беше одбиен.
ВМРО-ДПМНЕ: Популистички наместо сериозен пристап
Иако предлогот на опозицијата за воведување електронски алки за насилници на прв поглед може да звучи како одлична идеја, со него се отвораат повеќе проблеми, рече Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција во Собранието.
„Законот што се предлага е во рамки на граѓанска постапка, додека вакви мерки – како електронски нараквици – по својата природа припаѓаат во кривичното право. Ова значи дека се прави мешање на два различни правни системи, што може да доведе до правна неизводливост и сериозни проблеми во примената. Не се одговорени клучни прашања: кој ќе ги обезбеди електронските алки, кој 24 часа ќе ги следи, кои институции ќе бидат надлежни? Кои други закони треба да се усогласат за да функционира системот?“, рече Пешевска.
Видете и ова: Божиновска-Силјановска: Семејното насилство во земјава прогресира, институциите мора да бидат поефикасниСпоред ВМРО-ДПМНЕ, воведување ваков систем подразбира набавка на опрема, техничка инфраструктура, центри за следење, обука на кадар и континуирано одржување.
Предлогот на владејачката партија е за овој закон да се отвори јавна расправа за да се види дали ваквото решение е применливо и како најдобро да се спроведе.
„Насилството не се решава со неприменливи законски предлози, туку со функционални системи што навистина ги штитат жртвите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Зајкова: Избравте да не направите ништо додека билтените се полнат со жртви
Наспроти ВМРО-ДПМНЕ, Зајкова вели дека не станува збор за пари, туку за волја да се прифати предлогот. Според неа, алките постојат за системот за пробација и стојат во депо.
„Како не ви требаат пари за популистички мерки пред избори? Имавте една година да не молчите додека билтените се полнеа со жртви, додека изразувавте жалење за убиени жени – но повторно избравте да не направите ништо. За секој следен случај ќе ја носите истата одговорност. Затоа што можевте да спречите, а одбравте да молчите“, вели Зајкова.
Видете и ова: Фемицидите - непроценет ризик за безбедноста на жртвите на насилствоНа неприфаќањето на предлогот, преку објава на социјалните мрежи жестоко реагираа и пратениците на СДСМ, Фатмир Битиќи и Славјанка Петровска.
„Кога институциите немаат волја да воведат механизам што може да предупреди, превенира и заштити, тоа значи дека државата не застанува до жртвата тогаш кога ѝ е најпотребна“, напиша Битиќи.
Добра или лоша мерка?
Адвокатката Катерина Котеска Стисниоска напиша дека е разочарана што предлогот за електронски алки за сторители на семејно насилство не е усвоен, без разлика кој го предложил и кој е на власт, затоа што е добар предлог.
„Дали знаете дека секоја втора мерка за неприближување на насилникот до жртвата е прекршено и со тоа е сторено ново кривично дело? Дали знаете дека со носење нараквица во рок најдолго една година, ќе се спасеа многу жртви и ќе се олеснеше на полицијата, а особено ќе се дисциплинираше секој насилник?
Дали знаете дека пред да настрада несреќната Росица од Велес беше одбиена во Собранието промената на Законот да не е потребна согласност од жртвата за водење на постапката, па откако настрада Росица се изгласа промената?!
Дали знаете дека Ивана и Катја загинаа откако беше изгласана оваа измена ,а не била почитувана, па сега згора на се и одбиен предлог за електронска нараквица? “, напиша Котеска Стисниоска на Фејсбук.
Котеска Стисниоска алудира на случајот со Росица Коцева од Велес, која во септември лани ја уби поранешниот партнер во нејзината семејна куќа, откако Росица претходно неколку пати го пријавила за насилство.
Вториот случај е од почетокот на овој март, кога скопјанката Ивана загина по пад од зграда во скопската населба Тафталиџе заедно со шестгодишната ќерка, откако претходно седум години трпела насислтво од сопругот.
Адвокатката Даниела Пенева, која нуди бесплатна правна помош на жртви од семејно насилство, пак, вели дека искуството покажало дека отстранување на насилникот е најефикасен механизам за заштита на жртвата.
„Тој може да биде насилен не само кон жртвата, туку и кон нејзини блиски, семејството...Насилникот треба да се отстрани и да се смести во соодветна установа“, рече Пенева за Радио Слободна Европа.
Електронскиот надзор со алки е дел од системот за пробација. Оваа служба врши надзор и на спроведувањето на казните кои значат алтернативна мерка наместо одење во затвор. Такви се општокорисната работа, условна осуда со заштитен надзор, условен отпуст…
Алките беа набавени уште пред една деценија со помош од Европската Унија, но почнаа да се користат дури од есента 2025 ходина. Управата за извршување санкции располага со вкупно 400, од кои функционални се стотина што беа надградени.
Од Управата за извршување санкции за РСЕ велат дека Управата има алки и одреден број уреди кои ѝ се даваат на жртвата. Уредите служат за да ѝ дадат на жртвата сигнал дека насилното лице е во близина. Според Управата, повеќе е до судовите, да определуваат таква мерка.
Видете и ова: Семејно насилство: Пораз за институциите, аларм за државатаСеверна Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа според податоците на „Евростат“, директорат на Европската комисија за статистички податоци.
Според податоците на МВР, во 2024 година во Скопје имало 213 кривични пријави за семејно насилство од кои 27 биле спроведени по брза постапка со изречен еден притвор.
Лани скопската полиција покренала 224 кривични пријави од кои 54 биле спроведени по брза постапка, при што бројот на притвори скокнал на 17. Од почетокот на годинава, биле покренати 28 кривични пријави од кои 12 по брза постапка, а во 5 случаи биле изречени притвори.
Последниот случај кога жена и дете го загубија животите поради семејно насилство, Националната мрежа против насилство врз жените го нарече случајот „црвено знаме“ за целиот систем. Од таму посочија дека тоа е „образец на
недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите“.
И претседателката на државата, Гордана Сиљановска - Давкова смета дека институционалната превенција доживеала пораз, со оглед на фактот што во првите два месеца од 2026 година веќе се регистрирани четири случаи на фемицид. На пленарната седница во Собранието по повод Меѓународниот ден на жената, таа изнесе податоци според кои во текот на 2025 година имало 4.745 пријави за семејно насилство и шест убиства.