Украдено детство - трговија со деца за присилен брак, казните реткост

Фотографија од кампања на УНИЦЕФ за подигнување на свеста против детски бракови

Наместо во училишните клупи, дел од девојчињата го минуваат детството во туѓ дом каде се присилени на брак. Детските бракови остануваат проблем затоа што институциите секогаш не го препознаваат детскиот брак како трговија со дете. Во последните пет години имало 17 случаи на трговија со дете, а годинава еден во кој жртвата имала само 11 години.

Заглавени во сиромаштија, растргнати меѓу традицијата и ограниченото образование, тинејџерки влегуваат во бракови, од кои профитираат најчесто нивните семејства. Станувајќи сопруги, тие неретко подмируваат финансиски спорови меѓу нивното со друго семејство.

По дефиниција, детскиот и присилниот брак се различни, но во Северна Македонија тие се испреплетуваат. И едните и другите имаат заеднички корени со исти социо-економски фактори, културни очекувања и родова нееднаквост – нотираше во својата најнова анализа здружението Отворена порта Ла страда.

Програмската директорка на ова здружение, Марија Тодоровска вели дека ваквите бракови се практично форма на трговија со деца, која во последните пет години е во пораст.

„Во последниве пет години идентификувани се 17 случаи на трговија со дете со цел присилен брак каде се евидентни формите на економска принуда, емоционално и психолошко насилство, како и физичко насилство, што е еден вид на сурова експлоатација“, објаснува Тодоровска за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Детство под ведро небо: Мерките против питачењето без ефект

Девојчињата кои биле мажени на овој начин, се на возраст од 12 до 14 години. Според неа, тие не се на возраст каде може да дадат согласност за бракот, бидејќи сѐ уште се зависни од родителите.

А кога влегуваат во брак, овие девојчиња излегуваат засекогаш од училишните клупи. Некои од нив, никогаш не ни оделе на училиште. Во ваквото, предвреме прекинато детство исполнето со хронична анксиозност, доаѓа до бременост, која уште толку ја зацврствува економската зависност.

Така, според податоците од пописот во 2021 година, 1,9% од девојчињата на возраст од 15 до 19 години веќе родиле дете - од нив, 76% имаат едно дете, 19,5% имаат две, а мал број имаат три или повеќе деца.

Адолесцентните породувања се особено чести кај девојчињата од ромската заедница: 13,1% во споредба со 5,7% кај девојчињата од турската заедница и само 0,6% кај Македонките.

Најмалата жртва имала 11 години

Меѓу девојчињата кои станале мајки на оваа возраст, е и девојче од ромска заедница во рурална средина во Северна Македонија. До своите 15 години, таа била изложена на обид за присилен брак дури три пати.

Овој случај, кој е опишан во анализата на „Отворена порта“, бил пријавен од самата жртва. Сепак, тој не бил квалификуван како трговија со луѓе или присилен брак. Девојчето било сместено во засолниште, но по три месеци вратена е во истата ризична средина, под постојан притисок и изложено на можност за понатамошна експлоатација.

Видете и ова: Жртва на семејно насилство може да добие до 5.000 евра од државата

Друго девојче, една година помало од веќе споменатото пак, било подложено на два присилни брака организирани од мајката и очувот. Четиринаесетгодишната Ромка била горена со цигари, заклучувана во соби, лишена од храна и вода и спречена да стапи во контакт со своето семејство. Двата брака се склучиле во странство.

Девојчето, меѓутоа, успеало да побегне од домот, а при обидот на институциите да ја вратат кај мајката таа се доверила на полицијата. Надежта дека тоа ќе ја спаси од повторното враќање во насилната средина била залудна. Иако девојката била упатена во здружението „Отворена порта“ и сместена во засолниште, таа е вратена дома.

И овој случај не добил никаква правна завршница, а сторителите поминале без никаква кривична пријава.

За разлика од овој случај, психолошката манипулација која ја доживеала друга Ромка, била навреме откриена и квалификувана како трговија со дете. Тринаесетгодишното девојче било убедувано од својот татко да се омажи во странство, но по пресретнување од полицијата токму на аеродромот во Скопје, институциите започнуваат постапка по која не само таткото, туку и мајката „заработиле“ затворски казни.

И покрај ова, овој случај бележи празнини бидејќи девојката не добила сместување по напуштање на засолништето, ниту пак пристап до образование, а уште помалку до ментална здравствена заштита.

Непрепознавање на кривичното дело

Тодоровска од „Отворена порта“ вели дека присилниот брак често не е препознаен како кривично дело поврзано со трговија со луѓе, па сторителите може да останат и целосно неказнети.

„ Присилните бракови повеќе се квалификуваат како дела коишто се однесуваат на приватни семејни конфликти, на пример семејно насилство или запоставување на малолетно лице, што некако доведува до поблаги правни последици или до целосно отфрлање на предметот“, посочува Тодоровска.

Според неа предизвик е и ограничениот капацитет на Центарот за привремен престој на жртви на трговија со луѓе, каде во ист момент може да се сместат само шест лица.

Центарот го раководи „Отворена порта“ со финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади, но Тодоровска нагласува дека се покриваат само триесетина проценти од вкупните трошоци.

Видете и ова: Кој ги контролира згрижувачките семејства?

Присилниот брак како форма на трговија со дете е регулиран во член 418-г од Кривичниот законик кој предвидува затворска казна од најмалку осум години. Членот 197 од Кривичниот законик предвидува казна затвор од три месеци до три години за „полнолетно лице кое живее во вонбрачна заедница со малолетно лице кое навршило 14 години, а не навршило 16 години“.

Од Обвинителството до овој момент, не одговорија на прашањата од Радио Слободна Европа за тоа колку предмети се отворени во последните три години за овие две одредби.

Полицијата пак, во периодот од јануари до септември годинава, регистрирала едно кривично дело „трговија со дете“, каде жртвата била принудена на склучување присилен брак. Жртвата е девојче на 11-годишна возраст, информираат од МВР. За ова кривично дело се пријавени четворица сторители.

Во годината претходно, исто така е регистрирано едно вакво кривично дело, каде 14-годишно девојче било принудено на склучување присилен брак, а обвинение е поднесен против еден сотрител.

Детските бракови најзастапени во ромската заедница

На справување со појавата на малолетнички бракови и бремености, работи и здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари од каде велат дека загрижува тоа што тие се најзастапени во ромската заедница.

Видете и ова: Ќе згасне ли џагорот во Дневниот центар за деца на улица?

Програмската раководителка на ова здружение, Азиза Сали смета дека образовниот процес, особено во средните училишта, не се следи доволно, а токму едукацијата е исклучително важна за да се зголеми свеста за штетните последици од раното стапување во брак.

„Потребен е поинтегриран и системски пристап во справувањето со појавата на малолетнички бракови и бремености, односно засилена соработка меѓу училиштата, центрите за социјална работа“ , посочува Сали за Радио Слободна Европа.

Раниот брак им го одзема на девојчињата правото на детство, а бременоста на толку мала возраст ги става во ризик и мајката и бебето.

„Малолетничките мајки често чувствуваат стрес, анксиозност, и депресија поради раната преземена улога на родител и недостиг на поддршка од средината“, додава Сали.

Таа и останатите од здружението, на овие девојки, им даваат стручна поддршка, а во меѓувреме, организираат и работилници, обуки и кампањи кои ја зголемуваат свеста не само кај младите, туку и кај родителите.

Трговија со деца за сексуална или трудова злоупотреба

Но, македонската регулатива не го забранува целосно склучувањето на малолетнички бракови. Тие се дозволени со Законот за семејство, каде иако се наведува дека минималната возраст за склучување брак е 18 години, исклучок може да се направи за лице со наполнети 16 години доколку има дозвола од надлежен суд во вонпарнична постапка и доколку се утврди дека поседува телесна и душевна зрелост потребна за брак.

Притоа, судот постапува врз основа на мислење од здравствена установа и по добиена стручна помош од Центарот за социјална работа. Предлогот за добивање дозвола може да го поднесе само самото лице, а судот е должен да го сослуша него, неговите родители или старателот, како и лицето со кое сака да склучи брак – се вели во член 16 од овој Закон.

Вакви бракови има сѐ повеќе – покажуваат податоците кои до РСЕ ги достави Министерството за социјална политика, демографија и млади, како координатор на Националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе.

Видете и ова: Жртвите на фемицид се слушаат кога се веќе мртви

Од 2021 до 2023 година, вкупниот број на нови барања за склучување на брак со малолетно лице со наполнети 16 години возраст е 205 барања, велат од оваа институција.

Од овие 205 барања, најмногу се поднесени во Пелагонискиот регион или 39, а пет помалку биле поднесени во Југозападниот регион.

Во однос на идентификацијата на жртви на трговија со луѓе, од Министерството велат дека ланската година, во државава доминирала трговија со регрутирање на странски жртви од Србија, Украина, Колумбија и Бангладеш.

-Додека домашните жртви, доминантно се деца од Скопскиот, Вардарскиот и Jугоисточниот регион на државата и се експлоатираат во скопскиот, Полошкиот, Вардарскиот регион, со цел сексуална и трудова експлоатација – нагласуваат од Министерството.

Оттаму објаснуваат дека ваквата експлоатација најчесто се врши во угостителски објекти или објекти обезбедени од страна на трговците со цел стекнување на профит преку сексуална експлоатација, на градежни објекти со цел трудова експлоатација. А дел од жртвите на трговијата со деца се за малолетнички бракови.

Повик од УНИЦЕФ за поголема акција

На поголема акција за ставање крај на детските бракови, лани повика претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.

Таа тогаш сподели „загрижувачки податоци“ според кои, „45 отсто од жените Ромки на возраст од 20-24 години во земјата биле мажени или живееле во врска пред 18-годишна возраст, и 15 отсто жени од истата група биле мажени или живееле во врска пред 15-годишна возраст“.

Од канцеларијата на Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ)за Радио Слободна Европа, наведуваат дека ситуацијата во Северна Македонија ги одразува сличните трендови во земјите од Западен Балкан, каде малолетничките бракови и понатаму се почести отколку во остатокот од Европа.

Оттаму посочуваат и дека „дозволата за брак на 16 години со судска одлука, создава правни празнини кои овозможуваат малолетнички бракови“.

Оттука, според УНИЦЕФ, потребно е зајакнување на законодавството за отстранување на сите можни правни празнини, целосно усогласување со меѓународните стандарди и продолжување на напорите за намалување на сиромаштијата.

Од канцеларијата на УНИЦЕФ во одговорот до РСЕ потсетуваат дека 30 отсто од децата во земјава живеат под националниот праг на сиромаштија – стапка што е за 50% повисока од онаа кај возрасните.

Конечно, потребно е да се справиме и со патријархалните ставови кои ги ставаат традиционалните родови улоги и „честа на семејството“ пред автономијата и правата на девојчињата – порачуваат од канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

Оттаму додаваат дека „одлуките за детски брак често ги носат машките членови на семејството“.

Затоа, „потребни се поголеми напори за да се охрабрат и поддржат девојчињата за да го продолжат образованието, да можат со целосна согласност да одлучуваат за својата иднина, а заедниците да се вклучат во промоција на нивната благосостојба и целосен развој на потенцијалот“.

Иако од УНИЦЕФ посочуваат дека работат на ова прашање, одговорноста за преземање соодветни мерки првенството им припаѓа на владите.

Македонската Влада во ноември 2019 година на Самитот во Најроби, формално се обврза да ги елиминира детските бракови до 2030 година.