Владата на новиот чешки премиер Андреј Бабиш сигнализираше интерес за обновување на врските со Пекинг по години на затегнати односи.
Но, во исто време, внимателно ги разгледува следните чекори на Прага во однос на тоа како американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се приближува на Кина и колку простор Вашингтон им остава на своите сојузници за маневрирање.
Ова беше нагласено во телефонски разговор во средината на јануари меѓу чешкиот министер за надворешни работи Петар Мачинка и американскиот амбасадор во Чешка, Николас Мерик, според двајца официјални претставници на чешкото министерство за надворешни работи, кои зборуваа за Радио Слободна Европа (РСЕ) под услов на анонимност.
Мачинка, како што рекоа тие, ги изнел првичните размислувања на Прага за Кина и, од куртоазија, пренел дека Бабиш, кој се врати на функцијата во декември за да го заокружи својот политички камбек, нема да патува во Пекинг пред Трамп, во очекуваната посета закажана за април.
Еден претставник на чешкото министерство за надворешни работи изјави за РСЕ дека владата дејствува врз основа на претпоставката дека глобалниот поредок се консолидира околу три главни полови – Соединетите Држави, Кина и Русија – и дека преовладувачкиот интерес на Прага е да остане цврсто усидрен во американскиот табор.
Видете и ова: Изборите во Чешка би можеле да ја поместат земјата од проевропскиот пат, влијаејќи на поддршката за Украина„Тоа значи, пред сѐ, почитување на желбите на Вашингтон во врска со надворешната политика“, рече официјалниот претставник. „Но тоа не значи засекогаш игнорирање на Кина“.
Новото балансирање ја одразува подлабоката дебата што се води низ поголемиот дел од Европа, каде владите се борат со тоа како да обезбедат инвестиции, да ја поттикнат трговијата и да го одржат економскиот раст во ерата на засилување на ривалството меѓу САД и Кина.
Лидери од Велика Британија, Канада, Финска, Франција, Ирска, Јужна Кореја, а наскоро и Германија, неодамна го посетија Пекинг за повторно да ја оживеат соработката со Кина по години тензии, додека размислуваат како и колку да ги зацврстат своите врски со Вашингтон поради трговски и геополитички триења.
Видете и ова: Вакцини, камери и воени вежби во функција на „острата моќ“ на Кина врз Западен БалканОвие тензии се особено чувствителни во Централна и Источна Европа, каде што континуираната поддршка на Кина за Русија, и покрај нејзината инвазија врз Украина, го наруши нејзиниот углед во регионалните престолнини.
Како одговор, Пекинг започна сопствена „офанзива на шарм“, со желба да ги продлабочи веќе топлите врски со Унгарија и Словачка, додека во исто време ѝ нуди нови трговски можности и инвестиции на Романија и Бугарија.
„Не е само Прага; сите низ Централна и Источна Европа чекаат сигнал од американска страна за тоа како понатаму“, изјави за РСЕ Катерина Прохазкова, аналитичарка во „Синопсис“, прашка организација што го следи кинеското влијание низ Европа.
Чешка, од кинеска „капија“ за Европа до најблискиот европски партнер на Тајван
Засега, чешките официјални претставници велат дека се задоволни да го почекаат следниот потег на Трамп и да проценат колкав простор тоа им остава за ангажман со Пекинг.
Но желбата за попрагматична политика кон Кина е силна во рамки на тропартиската коалиција на Бабиш, која ги вклучува неговата партија АНО, популистичката партија на Мачинка „Мотористи за себе“ и крајнодесничарската „Слобода и директна демократија“ (СПД). Некои од нив зборуваа за потребата да се отстапи од блиската поврзаност на претходната влада со Тајван и да се тежнее кон потопли врски со Пекинг.
„Би било бесмислено да отсуствуваме од кинескиот пазар“, изјави Хинек Кмоничек, советникот на Бабиш за национална безбедност, за чешкиот дневен весник iDNES.cz во интервју на 13 јануари. „Секако, мора да одиме таму на таков начин што тоа ќе биде безбедна верзија и корисно за нас“.
Кмоничек не прецизираше какви ќе бидат тие планови, но рече дека обновената соработка со Пекинг не би значела откажување од врските со Тајван, самоуправниот остров кој Кина го смета за свој.
„Кога станува збор за Тајван, не би очекувала голема промена во суштината од новата влада“, изјави за РСЕ Зузана Коскова, експертка за Кина која ја води програмата „Црвена гарда“ во Европскиот центар за безбедносна политика.
„Сепак, видливоста на Тајван во Чешката Република ќе биде помала и тоа ќе се помести од надворешна политика заснована на вредности – бидејќи Тајван е демократија – кон попрагматичен пристап, насочен кон трговските и инвестициските можности“.
Видете и ова: Може ли Европа да ја притисне Кина да помогне да се заврши војната во Украина?Односите меѓу Прага и Пекинг се влошија во последните години под претходната чешка администрација, која фаворизираше блиски врски со Тајван. Во август, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе ја прекине соработката со чешкиот претседател Петар Павел, кој има влијателна, но главно церемонијална улога, поради неговата средба со Далај Лама во Индија.
Павел, пензиониран висок генерал на НАТО, го разгневи Пекинг по изборите во 2023 година кога го прекрши дипломатскиот протокол кој се почитувал со децении и го прифати телефонскиот повик од тогашната тајванска претседателка Цаи Инг-Вен. За време на својот мандат, Павел предупредуваше дека Кина е „асертивен“ актер кој сака да го ребалансира глобалниот поредок во своја корист и дека Европа треба да се придвижи за да ја намали својата економска зависност од Пекинг.
Тоа претставуваше пресврт во однос на неговиот претходник, Милош Земан, кој беше претседател од 2013 до 2023 година во два петгодишни мандати.
Земан се залагаше за посилни врски со Кина и за време на посетата на Пекинг, како што е познато, ја понуди својата земја како „кинеска капија кон Европа“.
Како претседател, застапуваше про-пекиншки став по многу прашања за човековите права, во надеж дека ќе привлече поголеми кинески инвестиции. Земан дури го именуваше Је Џианминг, поранешен претседател на CEFC China Energy, за свој почесен економски советник.
Кинескиот милијардер, кој потрошил повеќе од милијарда долари во бизниси во Чешката Република, беше приведен во 2018 година од кинеските власти и сè уште не е познато каде се наоѓа.
Многу од договорите во мандатот на Земан не се реализираа или заглавија во годините што следеа. Тајван, кој е клучен за глобалните синџири на снабдување, оттогаш стана поголем инвеститор од Кина во Чешката Република, бидејќи тајванските компании продолжуваат да ги прошируваат своите врски со Европа.
Фокусот на Бабиш на домашните прилики
Аналитичарите велат дека начинот на кој Бабиш — кој исто така беше премиер од 2017 до 2021 година — комуницира со Кина може во голема мера да биде под влијание на домашни фактори.
„Личноста на Бабиш е многу важна тука. Тој е многу фокусиран на домашната политика“, рече Коскова. „Тој имал бизнис со Кина пред да влезе во политиката и тоа за него не било баш позитивно искуство“.
Милијардерот со проценета нето-вредност од 4,2 милијарди долари, според Индексот на милијардери на Блумберг, Бабиш усвои популистички пристап кон политиката што го доведе до тоа првпат да стане премиер во 2017 година. Тој мандат беше обележан со истрага за наводи дека една од неговите компании на измамнички начин добила субвенции од Европската Унија.
Бабиш, кој негираше каква било вина, на крај беше изведен пред суд и ослободен, иако случајот повторно се појави оваа година, кога на чешки општински суд му беше наложено повторно да го разгледа.
Павел, кој убедливо го победи Бабиш и стана чешки претседател во 2023 година, изјави дека поранешниот премиер мора да го реши прашањето за сопственоста над својата бизнис-империја за да ги отстрани сите конфликти на интереси — спор што се засили за време на преговорите за формирање влада по парламентарните избори во октомври 2025 година.
Видете и ова: Како Чесите ја тролаа руската амбасада, а потоа работите ескалирааТој застој беше решен кога Бабиш во декември јавно се обврза дека својата деловна група ќе ја префрли во независно управуван фонд. Сепак, двајцата лидери повторно се најдоа во судир среде нов скандал поврзан со одбивањето на Павел да го именува пратеникот Филип Турек на позиција во кабинетот и последователните обвинувања дека Мачинка се обидел да го уценува претседателот поради таа одлука. Мачинка ги отфрли обвинувањата за уцена, но кризата ја зафати чешката политика.
Со вниманието што моментално е насочено кон скандалот дома, Бабиш би можел да се обиде да ја оствари својата предизборна цел да привлече поголеми инвестиции за да го поттикне економскиот раст преку патување во Азија ова лето, каде што неговиот тим планира да вклучи и посета на Пекинг. Тоа патување, кое би можело да вклучува и посети на Сингапур и Виетнам, би следело по можната средба меѓу Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг во април и би му дало на Бабиш појасни сигнали како да постапи додека се обидува да привлече нови инвестиции и да отвори трговски зделки.
„Кога станува збор за Кина, Бабиш не е како Земан“, рече Коскова. „Секако дека би бил отворен за поголеми инвестиции, но главната работа е да не се навредат Американците“.