Телото на скопјанец минатата недела беше пронајдено со 46 убоди во вратот и телото. Со десетици рани во градите, стомакот, вратот и рацете заврши и жената во Кочани која беше убиена од поранешниот партнер. Во период од 30 дена, во државата имаше шест жртви на убиства што е исто колку што имало лани за цела година. Повеќето животи згаснаа откако жртвите на најбрутален начин биле избодени со нож.
Додека убиствата и насилствата ги полнат страниците за црна хроника, изминатиот период чести се и вестите во кои Северна Македонија се промовира како држава со намален криминалитет и безбедно место за живеење. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред десетина дена потенцираше дека земјава е најбезбедна на Западен Балкан и во првите 36 држави во светот.
При последниот негов јавен настап на 2 октомври тој зборуваше за вкупниот криминалитет и потенцираше дека за првите осум месеци од 2023 е намален, додека од друга страна ефикасноста на откривање е зголемена за четири отсто.
„Минатата година беа најдобрите резултати од 90-та година до денеска, тенденцијата во оваа година покажува дека ќе бидат уште подобри“, рече Спасовски утрово на Канал 5 ТВ.
Видете и ова: Семејно насилство се пријавува кога модринките ќе излезат на виделинаКои се причините за насилството и агресијата
Минатата 2022, според податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС), се запиша и како година со најмалку убиства од 1994-та, од кога се води евиденцијата. Тоа што сега за само еден месец беше постигнат минатогодишниот број од шест убиства и зачестија вестите за насилства, според психологот Марија Котевска-Димовска, создава збунетост и загриженост кај луѓето – како во едно релативно цивилизирано општество може толку да биде нагласена тенденцијата на насилство и агресија.
„Конвенционално, се подразбира дека насилството често е поттикнато од негативни емоции, како што се гнев или страв. Така некоја личност може да стане агресивна затоа што била лута на друга личност или се плашела дека другата личност може да ја повреди. Најновите наоди говорат дека агресијата не е мотивирана само од лутина и омраза кон некого до степен физички да се повреди. Насилникот своето агресивното однесување може да го засили со чувства на моќ и доминација врз некој што му ‘згрешил или смета дека му ‘згрешил’“, вели Котевска-Димовска.
Покрај личната лутина или гнев, психолозите потенцираат дека за нечие насилно однесување или агресија влијаат и општествените случувања. Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска смета дека промените и настаните во средината околу нас влијаат во однесувањето на луѓето да се случат промени кои ја прават агресијата „подозволена“ за решавањето на проблемите.
„Особено во нашето општество каде сите овие години од независноста ние сме во некоја транзиција и овие големи проблеми на општеството во годините на транзиција доведуваат до тоа да не се гради чувството на безбедност во животот на луѓето – ниту лична ниту општествена. Начинот, едукацијата и функционирањето воопшто на економско-политички и социјални нивоа, доведуваат до страшни промени кај луѓето“, вели Јовановска-Стојановска.
Видете и ова: Како од „око за око, заб за заб“ до помирување?Јовановска-Стојановска го потенцира и фактот дека достапните информации за насилствата и убиствата понатаму влијаат на внатрешното чувство на безбедност кај останатите луѓе кои се прашуваат „колку јас се чувствувам безбедно во општеството каде живеам“.
„Тоа го раздрмува целиот внатрешен свет, се покачува анксиозноста, загриженоста. Се покачуваат сите симптоми на внатрешните преживувања, стануваат многу посилни и поизразени заради чувството на небезбедност“, вели психолог.
Повеќето осомничени убивале со нож
Последните грозоморни детали кои ја потресоа јавноста за убиствата што се случија изминатите 30-тина дена, беа објавени вчера од Основното јавно обвинителство Скопје во врска со убиството во скопската населба Хром. Таму телото на 36-годишниот маж беше откриено при пожар во стан. Според информациите од истрагата, откако се случило убиството со 46 убоди од нож, осомничениот побарал „помош“ од мајка си која зела пластично шише и од најблиската бензинска пумпа купила литар и пол гориво, па потоа заедно со синот подметнале пожар за да ги прекријат трагите. Осомничениот во случајот се гони за убиство и тешки дела против општата сигурност, а мајката само за тешки дела против општата сигурност.
Со 42 убоди, пак, беше пронајдено телото на жената во Кочани за која медиумите објавија дека претходно била во врска со осомничениот убиец кој наводно ја уценувал.
Видете и ова: Молкот „соучесник“ во убиства на женитеСо пиштол, пак, беше извршено и двојното убиство во Гевгелија на 24 септември. Таму маж ги застрела братот и снаата кои живееле во истата куќа со него, но во различен влез. Тие не зборувале 40-тина години, а деталите од истрагата покажаа дека критичниот ден се скарале бидејќи жртвите го тужеле осомничениот кој ставајќи олуци им ја оштетил оградата од терасата.
Листата од шест жртви за 30 дена ја дополнува случајот од 25 август кога кумановец ги уби сопругата и нејзината мајка, а потоа и тој самиот се самоуби.
Кога е во прашање статистиката на убиства пред 2022 кога рекордно имало најмал број, податоците покажуваат оти во 2021 имало осум жртви од убиства, во 2020 и 2019 по 24, во 2018 – 25, а во 2017 – 32.
Најмногу жртви од убиства, според податоците од ДЗС, има во 2001 кога се регистрирани 131. Меѓу трите најцрни години се 2002 со 69 и 2003 со 66 убиени.