Брунер: Потребно е време за привикнување на новата визна Стратегија на ЕУ

Магнус Брунер, еврокомесар за внатрешни работи и миграција

Се бараат долгорочни решенија за транспортерите од Западен Балкан во рамки на визната Стратегија на ЕУ, вели еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер. Во ексклузивно интервју за РСЕ вели дека ЕЕС значително ја зајакнал безбедноста и досега се спречени 16.000 неовластени влезови. Но можно е по 10 април во одредени случаи привремено да се суспендира собирањето на биометриски податоци ако е неопходно.

Транспортните компании од Западен Балкан предупредуваат дека Системот за влез/излез (EES) би можел да ги парализира копнените граници и да ги наруши синџирите на снабдување. Комисијата соопшти дека правилата нема да се променат, туку само нивната примена. Дали постои реална флексибилност во рамките на постојниот систем за да се одговори на барањата на професионалните возачи од Западен Балкан?

Свесен сум за загриженоста што ја изразија возачите на камиони и транспортните компании од Западен Балкан. Ние ги поддржуваме вредните луѓе, како оние што работат во секторот на патен транспорт, тие се суштински важни за нашите економии. Тие ги одржуваат синџирите на снабдување и имаат целосно право да очекуваат предвидливост на нашите граници. Сакам да бидам многу јасен: Системот за влез/излез не е создаден за да создава пречки за трговијата со нашите соседи. Тој има цел да ја исполни нашата обврска да им обезбедиме на европските граѓани највисоко ниво на безбедност.

Како и со секој нов систем, на почетокот секогаш има ситуации што треба дополнително да се доработат. Кога станува збор за конкретната примена, новиот систем не ги промени правилата за престој во ЕУ, па тоа не би требало да претставува изненадување за никого. Ограничувањето за краток престој беше и останува 90 дена во кој било период од 180 дена. Новиот ИТ-систем само обезбедува подобра примена на постојните правила.

Видете и ова: Гранични блокади низ балкански земји против Шенген правилата

Колку брзо Комисијата може да предложи и спроведе некакво конкретно решение и што би значело тоа во пракса?

Разбирам дека за ова е потребно време за привикнување — и за возачите на камиони, и за граничарите, и за земјите членки. Токму затоа EES го воведовме постепено, чекор по чекор до 10 април, при што земјите членки имаат значителна флексибилност.

Во исто време, сме во контакт со властите и здруженијата на нашите соседи за да обезбедиме поголема јасност и да разговараме за можни решенија. Формиравме посебна работна група која ги разгледува овие прашања и бара долгорочни решенија во рамките на новата Стратегија на ЕУ за визи. Ова е дел и од моите разговори со владините претставници.

Сепак, веќе постојат одредени можности: европското законодавство предвидува можност возачите на камиони да аплицираат за долгорочни визи или дозволи за престој во земјите членки на ЕУ. Исто така, постојат и посебни аранжмани за прекугранични работници.

Аеродромските оператори и здруженијата на авиокомпании предупредија дека новиот EES би можел да доведе до чекање и до четири часа на пасошка контрола во текот на летните месеци. Врз основа на досегашното искуство, дали Системот функционира како што е предвидено и дали сите земји членки се технички и оперативно подготвени за целосна имплементација?

На почетокот би сакал да нагласам дека станува збор за две различни прашања. EES суштински го менува начинот на кој се вршат граничните проверки и значително ја зајакнува безбедноста. Досега се регистрирани повеќе од 30 милиони лица кои влегле во ЕУ и се спречени 16.000 неовластени влезови. Откриени се фалсификувани документи, украдени идентитети, па дури и случаи на трговија со луѓе.

Во просек, проверките со EES на границите траат 70 секунди. Кога станува збор за аеродромите и авиокомпаниите, со кои постојано сме во контакт во однос на практичната примена, тие укажуваат дека имплементацијата на системот е нерамномерна меѓу аеродромите. Според нив, меѓу главните фактори што ја одредуваат брзината на граничните проверки — а со тоа и времето на чекање — се соодветниот број на персонал и соодветната инфраструктура, како што се киосци за самостојна регистрација или можноста за претходна регистрација на патувањето преку апликација развиена од нашата агенција Фронтекс.

Ова, заедно со извештаите што ги добиваме од властите на земјите членки, јасно укажува дека клучниот фактор е начинот на организација. На следниот состанок на Советот за правда и внатрешни работи ќе направиме пресек на напредокот во сите земји членки. Постои и одредена флексибилност — на пример, по 10 април, во одредени случаи може привремено да се суспендира собирањето на биометриски податоци доколку тоа стане неопходно.

Видете и ова: Почнува постепената имплементација на Системот за влез/излез во Шенген зоната

Како ја оценувате тековната соработка со земјите од Западен Балкан во управувањето со миграцијата? Дали се уште има загриженост?

Северна Македонија ги засилува напорите во управувањето со миграцијата, и тоа го препознаваме како дел од пристапниот процес. Со усогласување на правната рамка и управувањето со границите со европските стандарди, можеме поефикасно да управуваме со миграцијата. Распоредувањето на Фронтекс значително го зајакна оперативниот капацитет на терен.

Резултатите од оваа соработка се видливи. Нелегалните преминувања на границите кон ЕУ од Западен Балкан се намалени за 95% од 2022 година. Одржувањето на безбедни и добро управувани граници бара постојана посветеност, континуирани реформи и тесна оперативна соработка. Тоа е патот напред.

Во исто време, управувањето со миграцијата не е статичен процес. Потребна е постојана адаптација. Постојат области каде што ќе бидат потребни дополнителни напори за да се консолидира напредокот и системот да остане отпорен и целосно усогласен со стандардите на ЕУ.

Како земја кандидат , каде се наоѓа Северна Македонија во однос на усогласувањето со Акцискиот план на ЕУ за борба против тероризмот, особено во делот на размена на разузнавачки информации, спречување радикализација и гранична безбедност?

Токму оваа недела ја усвоивме новата Агенда на ЕУ за борба против тероризмот. Таа содржи клучни елементи за тоа како поефикасно да се спротивставиме на тероризмот во услови на зголемени глобални конфликти и нови технологии што овозможуваат брзо ширење на екстремистички идеологии.

Еден од најважните елементи на оваа нова агенда е тесната соработка со нашите меѓународни партнери. Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, и ЕУ потпишаа нов Заеднички акциски план за борба против тероризмот минатиот октомври. Од лансирањето на првиот Заеднички акциски план во 2018 година, Северна Македонија е доверлив партнер и на стратешко и на оперативно ниво и соработува и разменува информации со Европол на ниво на органи за спроведување на законот, вклучително и во областа на борбата против тероризмот.

Со новиот Заеднички акциски план имаме намера дополнително да ја зајакнеме оваа соработка. Во таа насока, го добивме патоказот што Северна Македонија го подготви за имплементација на Планот. Очекуваме натамошно зајакнување на заштитата на критичната инфраструктура и воспоставување мерки за спречување радикализација, вклучително и борба против терористичка содржина онлајн.

Генерално, многу сме задоволни од соработката со Северна Македонија. Во однос на правното усогласување, земјата е на добар пат, на пример во усогласувањето со Директивата на ЕУ за борба против тероризмот. Свесни сме дека е во тек законодавна постапка за измени на Кривичниот законик, што дополнително ќе го унапреди овој процес.