Достапни линкови

Гранични блокади низ балкански земји против Шенген правилата


Транспортери од Северна Македонија го блокираат граничниот премин Богородица на македонско-грчката граница поради Шенген правилата за влез и излез, 26.01.2026
Транспортери од Северна Македонија го блокираат граничниот премин Богородица на македонско-грчката граница поради Шенген правилата за влез и излез, 26.01.2026

Превозници од четири балкански земји – Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора – денеска сплотено го запираат товарниот сообраќај на границите со Шенген-зоната, протестирајќи против ЕЕС системот на ЕУ. Фирмите се жалат на депортации, апсења и финансиски удари, барајќи ослободување од ограничувањата за престој од 90/180 дена што ги ставаат во ист кош со туристите.

На десет гранични премини низ цела Северна Македонија денеска беа блокирани товарните терминали од стотици камиони на превозници поради електронскиот Систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската унија, кој го регулира престојот на возачите во Шенген зоната на 90 дена во 180 денови.

Со македонските превозници во блокадите учествуваа и нивните колеги од други држави на Западен Балкан – Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои исто така го запреа товарниот сообраќај на десетици гранични премини во нивните држави.

„Вечерва од полноќ ќе го блокираме и влезот во државата. Тоа го правиме со цел нашите камиони кои истовараат денеска, да се вратат дома за да можат да ни се приклучат. Единствено и клучно барање е деновите за влез во ЕУ на професионалните возачи да не се бројат исто како за туристите или да се издава еден вид на петгодишна виза од некоја од земјите членки на ЕУ во своите амбасади“, изјави Емилија Арнаудова Христов, преставничка на „Макам Транс“.

Електронскиот систем за влез и излез (ЕЕС) на ЕУ започна постепена примена од 12 октомври 2025 година, со целосна имплементација предвидена до април годинава.

Системот е дигитална ИТ платформа што ги заменува рачните печати во пасошите со автоматска евиденција на границите на Шенген зоната. При влез/излез, собира биометриски податоци и автоматски ја пресметува дозволената должина на престој според правилото 90/180 – максимум 90 дена во секои 180 дена за не-ЕУ граѓани.

За професионални камионџии од Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора, ЕЕС создава сериозни пречки бидејќи ги третира како туристи, а не работници. Од стартот на имплементација на системот досега, возачите од овие четири балкански земји се соочиле со апсења и депортации – најмногу од Полска, Бугарија и Австрија.

„Полска е една од најригорозните, каде што има и приведување на возачите во притвори каде треба да се прати потоа друг возач да го врати на дестинацијата каде што оди и притоа да се ангажираат адвокати за да се ослободи возачот. Така што се зголемуваат трошоците. Ова е немилосрдно што се прави кон возачите“, изјави Арнаудова Христов.

На една од граничните точки каде се блокира – преминот Блаце кон Косово се појави и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој им даде поддршка на транспортерите.

Министерот истакна дека февруари и март треба максимално да се искористат и земјите членки на Шенген - зоната да изнајдат решение за проблемот. Тој кажа дека постојат три можни решенија.

„Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за евиденција за превозниците. Второто решение е да се зголеми бројот на денови што превозниците може да ги поминуваат во шенген-зоната - најмалку на 250 дена, соодветно распределени во циклуси, наместо сегашните 90 дена во 180. Третото решение е професионалните возачи и превозници да не се третираат како туристи, туку како професионалци. Тоа може да се уреди преку посебни правила или преку работни визи, како што моментно тоа го прави Швајцарија, со што би им се овозможил слободен транзит во земјите од Шенген-зоната“, изјави Николоски.

Тој смета дека системот на ЕУ за влез и излез ќе има сериозни последици - не само за македонската и регионалната туку и за европската економија.

„Да не заборавиме дека најголемиот дел од странските инвестиции во Македонија, како и во целиот регион, доаѓа токму од земјите членки на шенген-зоната и Европската Унија. Овде најчесто се произведуваат полупроизводи, кои потоа се извезуваат во земјите од кои доаѓаат инвеститорите, каде што се доработуваат и стануваат финални производи. Да не заборавиме на земјоделските производи, да не заборавиме на транзитот, да не заборавиме на она што го произведува Грција и што се извезува кон север“, додаде Николоски.

Блокади и во регионот

Во Србија, блокирани се 15 премини кон Хрватска, каде се формираа колони долги околу еден километар со камиони.

„Српската стопанска комора и сите стопански комори од регионот на Западен Балкан потсетуваат дека повеќе од 60 проценти од вкупната трговија на регионот е со Европската Унија, поради што доцнењата во транспортот ги загрозуваат деловните односи, принципите на навремена испорака и одржливоста на договорите, како за компаниите од регионот, така и за компаниите од земјите-членки на ЕУ“, соопшти Српската стопанска комора.

Во Босна и Херцеговина, блокадите се на премините кон Хрватска. Тамошното Министерството за транспорт соошто дека „целосно го разбира незадоволството на превозниците“.

„Професионалните возачи не се ниту туристи, ниту мигранти, туку клучен дел од транспортниот систем и синџирот на снабдување. Затоа ѝ предложивме на Европската комисија јасно решение кое ја разликува работата од живеалиштето и овозможува меѓународниот транспорт да се одвива без прекини“, рече министерот Един Форто.

Во Црна Гора, превозниците го блокираа пристаништето Бар и клучните копнени премини кон ЕУ, предупредувајќи за ризик од прекини во извозот и увозот.

Европската комисија тврди дека работи на решение

Европската комисија е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните оператори од Западниот Балкан, внимателно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини и е во контакт со партнерите од регионот, изјави денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи Маркус Ламерт.

Изјавата на Ламерт беше одговор на новинарско прашање за ставото на ЕК околу блокадите на граничните премини кон Шенген зоната од страна на балканските превозници и нивните обвинувања дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на нивните колеги од ЕУ, како и дали Унијата планира да професионалните возачи да им додели посебен статус и да не ги третира како туристи при влез во блокот.

„Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната Визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела“, изјави Ламерт.

Тој повтори дека Системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува никакви нови регулативи и никакви нови барања поврзани со должината на престој во Шенген зоната, туку само обезбедува подобра имплементација на постојните правила и систематско откривање на нерегуларни практики.

„Според Шенген правилата, граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ имаат право да останат во Шенген зоната 90 дена во период од 180 дена во која било држава. Надвор од ова, престојот мора да биде покриен со виза или со национални аранжмани“, додаде Ламерт.

Како што напомена портпаролот на ЕК, овие правила не се нови, туку важат со години подеднакво низ целата територија на Шенген зоната, како и дека тие веќе предвидуваат одредена флексибилност во однос на некои категории работници.

Како што најавија денеска од транспортната асоцијација „Макам-транс“, блокадите кои започнаа денеска во 12 часот попладне со забрана за излез од Северна Македонија, ќе траат цела недела. Ако не бидат прекинати, ќе се разговара на регионално ниво во која форма ќе продолжат.

И компаниите и владите во засегнатите држави алармираат на економски колапс со прекин на синџирот на снабдување, загрозување на трговијата со ЕУ и удар врз неколку индустрии - меѓу кои прехранбената, автомобилската, земјоделската, челичната, металната индустрија.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG