Најмалку деветмина загинати во судири пред американскиот конзулат во Карачи

Протест пред американскиот конзулат во Карачи по убиството на врховниот ирански водач, 1 март 2026 година.

Најмалку девет лица загинаа, а 32 се повредени во судири откако стотици пакистански шиитски муслимани, поддржувачи на Иран, разгневени поради смртта на иранскиот врховен водач ајатолах Али Хамнеи, упаднаа во американскиот конзулат во пакистанскиот град.

Организацијата на студенти Имамија (ИСО), студентско крило на шиитските политички и верски групи, се упати кон конзулатот на 1 март, еден ден откако Хамнеи загина во американските и израелските воздушни напади.

Демонстрантите ги скршија прозорците и вратите на конзулатот во обид да ја преземат зградата. Тие го пробија надворешниот безбедносен појас, но не и самата зграда, додека пакистанските безбедносни сили интервенираа, што резултираше со смрт на девет демонстранти, изјавија спасувачките служби за Пакистанскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Блискиот Исток на раб на криза откако Трамп почна „голема борбена операција“ против Иран

Официјалните лица наведоа дека ситуацијата во Карачи останува многу напната, додека полицијата се бори да ги задржи демонстрантите, чиј број се проценува на околу 1.500, подалеку од таа област. Друга група, за која се проценува дека е двојно побројна, е видена како се движи кон конзулатот по друг пат во градот. И таму се пријавени судири со безбедносните сили.

Извори од градската администрација изјавија за РСЕ дека војската може да биде повикана во градот доколку бројот на демонстранти продолжи да расте.

Слична ситуација имаше и во други градови низ Пакистан, со протести на шиитски муслимани во Пешавар, Лахор и главниот град Исламабад. Шиитските муслимани сочинуваат околу 20 проценти од населението.

Во Исламабад, стотици демонстранти се соочија со интензивно испалување солзавец од полицијата додека се обидуваа да стигнат до американската амбасада.

Друга група, која според официјалните лица, брои околу 1.000 луѓе, започна протести неколку километри од амбасадата.

„Ги следиме информациите за тековните демонстрации во американските генерални конзулати во Карачи и Лахор, како и повиците за дополнителни демонстрации пред американската амбасада во Исламабад и генералниот конзулат во Пешавар“, соопшти амбасадата во Исламабад во објава на платформата X (Икс).

Славење и тага по смртта на иранскиот врховен лидер

Во обид да ги задушат немирите, пакистанските власти го применија Членот 144, со кој се забрануваат јавни собири и носење оружје, заедно со други рестрикции.

Во Пешавар се собраа стотици шиитски демонстранти и членови на ИСО, а нивниот број расте. Организаторите изјавија за РСЕ дека планираат марш кон американскиот конзулат. Околу конзулатот се распоредени големи полициски сили, а оклопни возила патролираат низ делови од градот.

Шиитските верски и политички групи исто така започнаа протестно седење пред американскиот конзулат во Лахор. Околу илјада лица, меѓу кои жени и деца, учествуваат во протестот.

Полицијата постави барикади за да ја обезбеди главната порта на конзулатот.