Почнаа вонредните контроли на фирмите за медицински канабис

Графичка илустрација, марихуана

Почнаа контролите на сите фирми за производство на медицински канабис во земјава, потврди министерот за здравство Азир Алиу. Како што рече на прес-конференција, ќе мора да се проверуваат 43 лиценци.

Меѓудругото, тој потсети дека е донесена и владина одлука за именување членови на меѓуресорската комисија.

„Од денеска, 12 февруари, почнуваат вонредните контроли заедно со МВР. Ќе мора да се проверуваат 43 лиценци за производство на медицински канабис. Завчера на владина седница се донесе одлука за именување членови на меѓуресорската комисија. Човек од Министерството за здравство ќе раководи со неа. Била формирана во 2017 година, а не најдовме ниеден извештај од нејзината работа, иако е една од клучните за да имаме увид што се случува во однос на производството на канабис за медициснки цели“, истакна министерот.

Видете и ова: Проверка на сите фирми за канабис, сѐ уште трае истрагата за шверц во Србија

Алиу објасни дека засега има две комисии, едната составена од Министерството за здравство, која работи во континуитет, и уште една - меѓуресорска.

„Едната комисија ја формира МЗ, брои пет члена - двајца од Министерството, еден од Институтот за јавно здравје, еден од МАЛМЕД и еден од МЗШВ, а надлежна е за две работи - да ги анализира административните процедури и да дава согласност за лиценци. Оваа комисија си работи во континуитет и имаме информација колку предмети се архивирани. Другата е меѓуресорската, со многу пошироки ингеренции, која ги анализира политиките за овој тип на процеси. Формирана е во 2017 година, била активна од тогаш, но нема ниеден извештај, нема активности што укажуваат на некој пропуст - системски или од аспект на инфраструктурата. Во однос на правилниците, има два - еден стар и уште еден. Нашите експерти од Министерството за здравство и двајца универзитетски професори ги анализираа. По анализите, ако има потреба, ќе излеземе со постапка за правилниците“, истакна министерот.

Видете и ова: Запленети над 40 тони дрога, се проверува поврзаност со Србија

Алиу информира дека во вторникот на владина седница побарал законски измени што ќе му овозможат на министерот во вакви случаи да има ингеренции да формира повеќе од една комисија.

Владина одлука за вонредна контрола на компаниите најави премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека целта е да се утврди дали производството на канабис било за медицински цели или за шверц.

Предвидувањата на Мицкоски се дека заплените од лиценцираните компании може да достигнат и до 100 тона, откако во досегашните претреси на скопската „Алфафарм“, која е во центарот на аферата за прекуграничен шверц на пет тони марихуана во Србија и други компании од истокот на земјава беа запленети 40 тони марихуана и 1300 шишиња масло од канабис.

Тие се складирани во посебни депоа до правосилно завршување на судската постапка.

Во моментов, во Северна Македонија има 43 компании кои одгледуваат канабис за медицински цели. За повеќе од осум години, владите предводени и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ донеле одлучи за одземање на одобренија за одгледување на канабис за медицински цели за 14 фирми поради неисполнување на законските услови. А во тек е постапка за одземање на одобренијата за дополнителни 4 компании.