Русија тврди дека Украина ја нападнала резиденцијата на Путин

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски и американскиот лидер, Доналд Трамп се сретнаа со новинарите на Флорида на 28 декември 2025 година.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека Украина нападнала една од резиденциите на претседателот, Владимир Путин. Лавров денеска (29 декември) изјави дека Москва ќе возврати и ќе го преиспита својот став во преговорите што се водат за ставање крај на руската инвазија врз Украина.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски за тврдењата дека Киев ја гаѓал резиденцијата во Новгородската област, северозападно од Москва, изјави дека станува збор за „лага“.

Тој рече дека Русија се обидува да ги поткопа разговорите меѓу САД и Украина за војната и дека „подготвува терен за изведување удари, најверојатно врз (украинската) престолнина и владините згради“.

Руското обвинување следува еден ден откако Зеленски и Трамп на состанок на Флорида претставија, како што наведоа, напредок. Американскиот претседател кој телефонски разговараше со Путин пред состанокот изјави дека мировниот договор за завршување на речиси четиригодишната инвазија би можел да биде „поблиску од кога било“.

Видете и ова: Зеленски: Руските акции во Украина не се совпаѓаат со „мирната реторика“ на Путин во разговорите со Трамп

Москва наведе дека не е подготвена да направи значајни отстапки.

Русија тврди дека Украина извела „терористички напад“

Во соопштение објавено на Телеграм на 29 декември, Лавров тврди дека Украина употребила 91 дрон во, како што наведе, „терористички напад“, но дека сите биле соборени и дека засега нема извештаи за причинета штета.

Лавров изјави дека Русија нема да остане без одговор и дека ги избрала „целите и времето“ за одмазда.

Тој додаде дека, откако украинската влада, која ја нарече „криминален киевски режим“, прибегнала кон „политика на државен тероризам“, руската „преговарачка позиција ќе биде преиспитана“. Тој не даде подетални информации.

Руските официјални претставници и во минатото користеа слични зборови за да ја опишат украинската влада, а Путин повеќепати тврдеше дека Зеленски не е легитимен лидер бидејќи во 2024 година не беа одржани избори.

Изборите во Украина се забранети поради вонредната состојба, која е на сила откако Русија ја започна инвазијата во февруари 2022 година.

Лавров не ја именуваше резиденцијата, но локацијата во Новгородската област сугерира дека станува збор за добро обезбеден комплекс во Валдај, град чија шумска околина, Путин ја претпочита во однос на другите државни резиденции откако ја започна инвазијата врз Украина во 2022 година - откри истрага на „Система“, руската истражувачка единица на РСЕ.

Видете и ова: Трамп по средбата со Зеленски изјави дека разговорите за мир во Украина одат во „вистинската насока“

Зеленски во соопштение, тврдењата на Лавров ги нарече „уште една лага на Руската Федерација“.

„Силни“ безбедносни гаранции

Неколку часа пред објавата на Лавров, Зеленски изјави дека САД ѝ понудиле на Украина „силни“ безбедносни гаранции во траење од 15 години во рамки на договор за ставање крај на војната со Русија, но дека Киев бара подолго ветување од Вашингтон за држење на Москва под контрола.

„Му реков (на Трамп) дека веќе имаме војна и дека таа трае речиси 15 години. И затоа навистина сакав гаранциите да бидат подолготрајни“, им изјави Зеленски на новинарите во разговор преку WhatsApp, ден по состанокот со Трамп на Флорида.

Тој зборуваше за руската анексија на Крим во 2014 година, која ѝ претходеше на целосната инвазија на Москва во февруари 2022 година.

„Му реков дека навистина сакаме да ја разгледаме можноста за 30, 40, 50 години. Претседателот рече дека ќе размисли за тоа“, додаде Зеленски.

„Без безбедносни гаранции, оваа војна навистина не е завршена. Не можеме да признаеме дека е завршена, бидејќи може да постои ризик од обновување на агресијата од таков сосед“, изјави тој.

Двајцата лидери се сретнаа во неделата во одморалиштето на Трамп,
Мар-а-Лаго, во Палм Бич, Флорида, на разговори за договор за ставање крај на најдолгиот и најсмртоносен конфликт во Европа од Втората светска војна. Двајцата ја оценија средбата како „продуктивна“, иако не беше постигнат конкретен напредок.

Зеленски во разговор со новинарите изјави дека некои прашања од мировниот план од 20 точки остануваат нерешени и повика на состанок на советниците за национална безбедност од двете земји, како и од Европа, во „наредните денови“.

Видете и ова: Илјадници се смрзнуваат во Киев по рускиот напад со дронови во пресрет на разговорите Зеленски - Трамп

По двочасовните разговори, Трамп изјави дека мировните преговори „се движат во вистинска насока“.

Тој не ја спомена можноста да биде домаќин на лидерите во Вашингтон во јануари.

Трамп и Зеленски исто така остварија телефонски разговор со европски лидери, меѓу кои францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Зеленски им изјави на новинарите дека секој мировен план мора да биде потпишан од Украина, Европа, САД и Русија, додавајќи дека Киев се надева на „брз напредок“ и дека е „отворен“ за секој формат на средби.

Киев останува непоколеблив во барањето безбедносни гаранции особено од САД, но и од Европа и се спротивставува на тврдите барања на Кремљ, кои вклучуваат отстапување украинска територија на Русија.

Едно од клучните прашања во сржта на тековните преговори е судбината на источниот регион Донбас.

Поголем дел од таа територија е под руска контрола, а Москва бара Киев да ги предаде и деловите што Русија не ги контролира. Тоа вклучува два големи града – Краматорск и Славјанск, кои се клучни за украинската одбрана во тој регион.

Трамп им изјави на новинарите на Флорида, за време на заедничката прес-конференција, дека територијалните прашања вклучително и иднината на регионот Донбас остануваат нерешени и дека се покажале како „многу тешко прашање“.

Додека траат дипломатските активности и преговорите, Русија покажа мала подготвеност за компромис, дури и одбивајќи да го разгледа божиќното примирје што го предложи Зеленски.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите во Москва во понеделникот дека се согласува со оценката оти разговорите се во завршна фаза, но истовремено го повтори ставот на Путин дека Украина треба да ги повлече своите трупи од Донбас за процесот да напредува.

Непосредно пред почетокот на разговорите на Флорида, Трамп и Путин ненадејно разговараа телефонски, за што Кремљ соопшти дека разговорот траел повеќе од еден час и дека бил остварен на барање на Трамп. Во објава на социјалните мрежи, Трамп го опиша разговорот како „добар и многу продуктивен“.

Видете и ова: Кремљ ги намали шансите за договор за Украина за време на Божиќ

Песков изјави дека двајцата лидери ќе одржат уште еден разговор „многу скоро“.

Главниот помошник на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, изјави дека Путин и Трамп се согласиле да не ја поддржат иницијативата за привремен прекин на огнот пред да се постигне решение, за што Зеленски повторно се заложи во разговор со новинарите во понеделникот.

Зеленски изјави дека е потребен прекин на огнот од 60 дена за да се овозможи одржување референдум во Украина за мировниот план.

Русија не е заинтересирана за каков било вид прекин на огнот, „засега“, додаде Зеленски.

Минатиот месец, Белата куќа предложи план од 28 точки кој беше оценет како многу поволен за Русија.