Телата на шестмина заложници се пронајдени во тунел во областа на градот Рафа во Појасот Газа, соопшти денеска (1 септември) израелската војска, пренесува Асошиејтед прес (АП). Тие биле меѓу киднапираните при нападот во Израел на 7 октомври од Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.
Како што наведуваат од армијата, телата се пренесени во Израел.
Меѓу нив е и телото младиот Американец со израелско потекло, Херш Голдберг-Полин, кој стана еден од најпознатите заложници на Хамас, откако неговите родители вршеа притисок врз светските лидери да го ослободат. Тој беше споменат и на Демократската национална конвенција во Чикаго, САД, минатиот месец.
Израел соопшти дека сите шест заложници биле убиени непосредно пред да бидат спасени од израелските сили.
Видете и ова:
Четврти ден од израелската воена операција на Западниот БрегСемејствата на заложниците и дел од пошироката јавност го обвинуваат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зошто не ги вратил живи во договорот со Хамас за ставање крај на 10-месечната војна. Мировните преговори на Израел со Хамас се одложуваат веќе со месеци.
Крај на конфликтот и ослободување на заложниците е главното барање и на повеќемесечните протести што се одржуваат низ Израел.
За потсетување, милитантите на Хамас земаа заложници на музички фестивал во јужен Израел за време на нападот на 7 октомври, поради што Израел започна војна во Појасот Газа.
Херш Голдберг-Полин, роден во Беркли, Калифорнија, изгуби дел од левата рака од граната во напад на Хамас на 7 октомври. Во видео објавено од Хамас во април годинава се виде дека му недостасува левата рака додека тој јасно зборуваше под принуда, што предизвика нови протести во Израел. Демонстрантите ја повикаа владата на Нетанјаху да направи повеќе за ослободување на заложниците.
Останатите заложници се идентификувани како Ори Данино (25), Еден Јерушалми (24), Алмог Саруши (27) и Александар Лобанов (33). Сите биле киднапирани на музички фестивал. Шестиот заложник, 40-годишниот Кармел Гат, беше киднапиран од блискиот кибуц односно земјоделската заедница Бери.
Израелската војска соопшти дека телата на заложниците биле пронајдени во тунел во градот Рафа на југот на Газа, на околу еден километар од местото каде минатата недела жив беше спасен уште еден заложник, 52-годишниот Каид Фархан Алкади.
„Според прелиминарните информации, тие биле брутално убиени од терористите на Хамас непосредно пред да стигнеме до нив“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.
Видете и ова:
Израелските сили убиле локален командант на Хамас во Западниот БрегНетанјаху зазеде тврд став во преговорите и повеќе пати порача дека е потребен воен притисок за да се вратат заложниците дома. Според израелските медиуми, тој се судрил со највисоките безбедносни функционери кои сметале дека треба итно да се постигне договор.
Форумот на семејства на заложници повика на масовни протести во неделата, барајќи „тотална блокада на земјата“ додека не се постигне прекин на огнот и ослободување на заложниците.
„Договорот за враќање на заложниците е на маса повеќе од два месеци. Да немаше одлагање, саботажа и оправдување, веројатно ќе беа живи оние за чија смрт дознавме утрово. Време е да ги вратиме нашите заложници дома“, се вели во соопштението.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој се сретна со родителите, рече дека е „огорчен“.
„Тоа е трагично и за секаква осуда. Немој да бидете во заблуда, лидерите на Хамас ќе платат за овие злосторства. И ние ќе продолжиме неуморно да работиме за договор што ќе овозможи ослободување на преостанатите заложници“, рече Бајден.
Семејството Голдберг-Полин објави соопштение рано во неделата, 1 септември, неколку часа откако израелската војска соопшти дека ги лоцирала телата во Газа.
„Со скршени срца, семејството Голдберг-Полин е уништено што објавува дека почина саканиот брат и син Херш“, се вели во соопштението.
АП пишува дека родителите на Голдберг-Полин, израелски имигранти по потекло од САД, станале можеби најистакнатите роднини на заложниците на меѓународната сцена. Тие се сретнаа со Бајден, папата Франциско и други лидери, а се обратија и до Обединетите нации, барајќи ослободување на сите заложници.
Тие, исто така, го упатија својот апел за ослободување на нивниот син и другите заложници на 21 август на Демократската национална конвенција во Чикаго.
Пред армијата на 1 септември да објави дека пронашла тела на шест заложници, израелските власти соопштија дека 108 од вкупно 250 заложници киднапирани од Хамас на 7 октомври сè уште се во Газа и веруваат дека една третина од нив се мртви.
Во појасот Газа во тек е хуманитарен прекин на огнот поради вакцинација на децата во областа против детска парализа. Светската здравствена организација (СЗО) претходно соопшти дека израелските власти се согласиле на неколку „хуманитарни паузи“ од по три дена во Газа за да дозволат 640.000 деца да бидат вакцинирани против детска парализа.
Видете и ова:
Израел и Хамас договорија примирје заради вакцинација против детска парализа во ГазаИзраел започна напади врз Појасот Газа, со цел да го уништи Хамас откако борците на исламистичката група упаднаа во јужен Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Оттогаш, речиси 40.000 Палестинци се убиени во израелската офанзива во Појасот Газа, според Министерството за здравство на Палестинската територија под контрола на Хамас. Повеќе од 2,3 милиони Палестинци, пак, се раселени како резултат на воените операции на израелската армија и живеат во услови на хуманитарна катастрофа.