Четврти ден од израелската воена операција на Западниот Брег

Израелски војници за време на рацијата во Џенин, 28 август 2024 г.

Денеска (31 август), четврти ден по ред, Израел продолжи со својата голема воена операција на окупираниот Западен Брег.

Додека продолжуваат судирите и експлозиите во северниот град Џенин, израелската војска соопшти дека двајца Палестинци биле убиени додека се подготвувале да извршат бомбашки напади во текот на ноќта на јужниот дел од Западниот Брег, пренесува новинската агенција Франс Прес (АФП).

Палестинската милитантна група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ и чиј напад врз Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната во Газа, ја поздрави „херојската операција“ во „чувствителен момент“ за време на израелските операции на север.

Видете и ова:

Израелските сили убиле локален командант на Хамас во Западниот Брег

Сојузникот на Хамас, Исламскиот џихад, кој е присутен на северниот дел на Западниот Брег, се јави со слична реакција велејќи дека им „честита“ на извршителите на „координираниот напад“.

Израелската војска, пак, се огласи за експлозија на возило на бензинска пумпа во населбата Гуш Етзион опишувајќи ја како „обид за активирање на автомобил-бомба од страна на терорист“, кој подоцна бил убиен.

Воен офицер и еден резервен офицер биле полесно повредени.

„Во друг инцидент, шефот на обезбедувањето во израелската населба Кармеи Зур бркаше автомобил со терорист кој се инфилтрирал во населбата, што доведе до судир и терористот набрзо беше неутрализиран“, се наведува во соопштението на армијата.

Во него се додава дека „за време на судирот, се активирала експлозивна направа во автомобилот на терористот“.

Видете и ова:

Семејствата бегаат по новите израелски наредби за евакуација во Газа

Според АФП, најмалку 20 Палестинци, 0д кои повеќето милитанти, се убиени од страна на израелската армија од средата во истовремени рации во неколку градови на северниот дел на Западниот Брег.

Од петокот, војниците ги концентрираа своите операции на градот Џенин и бегалските кампови во негова близина, кои долго време беа бастион на палестинските вооружени групи кои се борат против Израел.

Во саботата наутро, фотограф на АФП во Џенин слушнал судири во градот, каде што улиците беа главно празни, освен што имало оклопни возила, вклучително и едно што го блокирало пристапот до владината болница.

„Мислам дека ова е најлошиот ден од почетокот на нападот… Одвреме-навреме слушаме судири, а понекогаш и силни бомбардирања“, изјави директорот на болницата, Висам Бакр.

„За време на рацијата, во болницата беа исклучени водата и струјата, оставајќи ја да се потпре на генератор и резервоар за вода“, вели тој за АФП.

По нападот на Хамас на Израел на 7 октомври, на Западниот Бред е зголемено насилството.

Видете и ова:

Преговорите за прекин на огнот во Газа во Египет ќе продолжат на пониско ниво

Обединетите нации во средата соопштија во оваа област од почетокот на војната во Газа, најмалку 637 Палестинци се убиени од страна на израелски војници или доселеници.

Деветнаесет Израелци, вклучително и војници, пак, биле убиени во палестински напади или за време на воени операции во истиот период, според израелските официјални податоци.

А, од 20-те убиени Палестинци пријавени од средата, Хамас и неговиот сојузник Исламски џихад, соопштија дека најмалку 13 биле членови на нивните вооружени крила.

Велика Британија, Франција и Шпанија во петокот изразија загриженост поради операцијата на Израел на Западниот Брег.

Израел ја започна својата смртоносна офанзива во Газа како одговор на нападот на Хамас на 7 октомври.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека Израел се согласил на најмалку тридневни „хуманитарни паузи“ во делови на Газа почнувајќи од недела за да се олесни акцијата за вакцинација, откако во оваа област беше пријавен прв случај на детска парализа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека ова „не е прекин на огнот“.

Видете и ова:

Израел и Хамас договорија примирје заради вакцинација против детска парализа во Газа

Нападот на Хамас на 7 октомври резултираше со смрт на 1.199 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили, според израелските податоци.

Палестинските милитанти, исто така, зедоа 251 заложник, од кои 103 сè уште се заробени во Газа, вклучително и 33 за кои израелската војска смета дека се мртви.

Во израелската одмаздничка воена офанзива, пак, загинаа најмалку 40.602 луѓе во Газа, според Министерството за здравство под контрола на Хамас. Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека повеќето од загинатите се жени и деца.

Војната ја опустоши Газа и постојано го раселени поголемиот дел од нејзиното население кое изнесува 2,4 милиони.