Претседателските кандидати со последни пораки пред првиот круг од изборите

Candidates with ordinal numbers for the 2024 Presidential Election

Претседателските кандидати денеска (22 април) ги испратија последните пораки во пресрет на настапувањето на изборниот молк кој започнува вечерва на полноќ. Денот на гласањето во првиот круг од изборите е 24 април кога во 19 часот треба да се затворат гласачките места со што ќе заврши и молкот.

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата „За европска иднина“, Стево Пендаровски, кампањата за првиот круг ја заврши вечерва со митинг во Битола, а претходно имаше средби со граѓани во Демир Хисар и Ресен.

Видете и ова: Изборните неработни денови „главоболка“ за родителите и приватниците

На нив, тој им порача дека ако во среда излезат масовно и гласаат за него, ќе го одредат и победникот на 8 мај.

„Сега на 24 април, да им покажеме дека знаеме која е вистинската опција, опцијата 1 и да го одредиме победникот на 8 мај и на претседателските и на парламентарните избори“ рече Пендаровски кој на митинзите зборуваше дека неговата опција нуди чекорење напред наместо противниците за кои давањето глас би значело враќање назад.

На излезност повика и Гордана Сиљановска Давкова која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Таа кампањата ја финишираше со митинг во Штип.

„Да си ја обединиме нацијата, да градиме консензус, само единството може да нè одведе напред, само заедно можеме и вас да ве направиме горди и себе да се почувствуваме горди. А, најмногу, од оваа мала држава да направиме почитувана европска држава“, порача Сиљановска Давкова.

Кандидатот на ДУИ и „Европскиот фронт“, Бујар Османи, пак, на последниот ден од кампањата одржа средба со младите порачувајќи им дека од нивната одлука ќе зависи „кој ќе ја води државата и каква иднина нуди со себе“.

„Гласањето не е само право, гласањето е столб на демократијата но и голема одговорност којашто посебно на овие избори, кога земјата ќе одлучи дали ќе ја одбереме изолацијата или ќе ја одбереме интеграцијата“, рече Османи.

На мобилизација за гласање повикуваше и Арбен Таравари кој е кандидат на албанската опозициска коалиција „Вреди“. Тој вчера имаше централен митинг во Гостивар, чиј градоначалник е, од каде побара поддршка за, како што рече, „да се направи разлика од 7.000 гласови“ во однос на ДУИ.

Видете и ова: Граѓаните ќе може да подигаат лични документи и на денот на гласањето

Кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пак, кампањските активности за првиот круг ги заврши со посети на Василево, Босилово, Ново Село и митинг во Струмица.

„Ние сакаме Македонија да ја гледаме таму каде што и е местото – во Евроатлантскиот сојуз, но притоа почитувајќи го нашето достоинство, интегритет, македонскиот јазик, култура, континуитет, самобитност, сопствената историја и се она што е македонско“, порача Димитриевски пред струмичани.

Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, пак, на последниот ден од кампањата дел од активностите ги имаше во Гостивар од каде искажа задоволство од текот на кампањата која, според неа, поминала во „пријатна атмосфера“.

Очекувањата на нејзиниот штаб се дека таа ќе влезе во вториот круг каде ќе се соочи со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова.

Видете и ова: Работниците протестираат за плати, политичарите во кампања за гласови

Поддршка од гласачите на последниот ден од кампањата побара и Стевчо Јакимовски од коалицијата „Храбро за Македонија“.

„Немој да кажете дека не сте имале избор. Секој работи за тој што го плаќа. Мене ме плаќате вие, јас работам за вас! Нив ги плаќаат странците, тие работат за нив!“, порача Јакимовски преку социјалните мрежи.

Доколку никој од седуммината кандидати не освои мнозинство гласови, двајцата најдобропласирани ќе се соочат во вториот круг што ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Во Избирачкиот список за овие претседателски избори се запишани 1.814.317 граѓани.

Ова ќе бидат претседателски избори на кои граѓаните по седми пат со непосредно гласање ќе го изберат шефот на државата.