Лажни дојави за бомби во аеродромот во Скопје и во Уставниот суд

Аеродромот во Скопје

Дојави за бомби преку електронска пошта денеска пристигнале до аеродромот во Скопје и до Уставниот суд. Од МВР соопштија дека излегле на терен и по извршените проверки утврдено е дека станува збор за лажни дојави.

„Од страна на полициските службеници веднаш се преземени соодветни мерки и извршени се детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.

Евакуирани 20 училишта поради дојави за поставени бомби

Дојавите за бомби во земјава, од кои најголем дел во училишта во главниот град, почнаа да стигнуваат од 26 октомври. На мета во изминатиот период беа повеќе јавни и приватни објекти меѓу кои и згради за домување, трговски центри, но и стратешки места како Транспортниот центар.

Во сите случаи полицијата, по извршената евакуација, утврдуваше дека се работи за лажни пријави. Досега има неколку кривични пријави за „тероризам“ за лица кои се сомничат дека испраќале вакви дојави, меѓутоа во најголемиот дел од случаите не е пронајден виновникот.