Владата се откажа од прогресивното оданочување

Се укинува концептот на прогресивно оданочување што требаше да стартува од први јануари и продолжува примената на оданочување на остварениот доход со единствена стапка од 10 отсто. Ова го изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција за Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025). Ковачевски најави поправеден даночен систем и еднаков третман на сите даночни обврзници, но и данок на екстра профит за големите компании.

Премиерот изјави дека нема да се зголемат ниту на другите даноци, како ДДВ и данокот на добивка, и нема да се воведе данок на каматите од депозити и штедни влогови. За хонорарците, тој кажа дека доколку сакаат, на доброволна основа, односно по сопствена волја, ќе можат самостојно да ги регулираат придонесите за пензиско и здравствено осигурување.

„Имајќи ја во предвид природата на нивната работа каде нема постојана динамика на ангажмани и заработка, она што се предлага е креирање на дигитална платформа на која хонорарците ќе можат да се регистрираат и да изберат од неколкуте опции со кои би имале здравствено и пензиско осигурување, повторувам на доброволна основа“, кажа Ковачевски за нив.

Премиерот додаде дека ова решение би се имплементирало преку посебен закон за социјално осигурување на доброволна основа, кој би се применувал од 01.01.2024 година и тоа по развој и имплементација на платформата за регистрирање на т.н. фриленсери.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вели дека се размислува да се воведе викенд без ДДВ кој ќе важи само за прехранбените производи и кој би се спровел во текот на една или две недели за време на празници.

„Сакаме да им дадеме можност пред се за граѓаните со понизок социјален стандард за време на празниците да си дозволат да слават, а да не плаќаат данок. Мислам дека како општество можеме да си го дозволиме тоа“, изјави Бесими.

Видете и ова: Плаќачите ќе плаќаат уште поголеми даноци

Бесими во август тврдеше дека се потребни промени во данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност, како и во даночната политика во областите на акцизите и зеленото оданочување.