Достапни линкови

Повисоки даноци за отплата на долг од 2 милијарди евра


Илустрација
Илустрација

Само наредната година за враќање доспеваат кредити од една милијарда евра плус 150 милиони евра камати. Долговите ќе се враќаат со нови задолжувања, со уште повисоки камати. Потребна е суштинска реформа на даночниот систем, но прогресивниот данок го блокира олигархијата, вели Петар Гошев.

Оваа и наредните две години за враќање доспеваат околу 2 милијарди евра кредити и уште половина милијарда евра камати. За враќање на овие долгови, државата ќе мора повторно да се задолжи, но сега каматите во целиот свет се повисоки, па тие задолжувања ќе бидат уште поскапи.

Според податоците од Стратегијата за управување со јавен долг 2023 – 2025 (со изгледи до 2027 година), која е во собраниска процедура, оваа година има за враќање 317 милиони евра, наредната година доспеваат 958 милиони евра, а во 2024 година уште 644 милиони евра, односно вкупно 1 милијарда и 919 милиони евра.

Само за камати оваа година од буџетот треба да се исплатат над 160 милиони евра.

Новото задолжување, ќе значи дека граѓаните ќе треба да одвојуваат уште некој денар плус за да враќаат долгови и за да отплаќаат камати. А државата ќе мора да крати на расходи или да ги зголеми приходите.

Поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев вели дека овие пари ќе ги враќаат граѓаните. Парите од странските задолжувања не смеат да се трошат за тековни трошоци, туку само за капитални инвестиции, вели тој.

„Наредниот период ќе биде мошне тежок за сервисирање на јавниот долг, затоа што ерата на задолжување во странство по ниски каматни стапки е дефинитивно завршена. Отсега натаму, секој кредит што ќе го зема Република Македонија ќе биде со значително повисоки каматни стапки, а тоа значи дека само износот за камата ќе се зголемува и тоа значително. Плаќањето се разбира дека ќе го вршат граѓаните и компаниите од Република Македонија и нема трет извор“, вели Гошев.

Гошев – Бизнис-политичката олигархија го урна прогресивниот данок
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:48 0:00
Директен линк

Владата се пофали дека со ребалансот ги скратила непродуктивните трошоци за 100 милиони евра. Со даночната реформа што неодамна ја најави министерот за финансии Фатмир Бесими во буџетот треба да се слеат дополнителни 54 милиони евра.

Гошев вели дека ова е само обид за проширување на даночната основа, а не и „чепкање во самата суштина на даночниот систем“.

„Неколку пати има обиди во Македонија да се воведе прогресивен даночен систем, но тоа се блокира од бизнис-политичката олигархија. Како што знаеме, имавме еден обид на почетокот на оваа влада предводена од СДСМ, олигарсите во стопанските комори го срушија за 6 месеци. Тоа беше еден симболичен обид, тоа не беше сериозна реформа за воведување прогресивен данок, и тој симболичен обид го срушија стекнатите интереси на една мала група луѓе во Република Македонија“, вели Гошев.

Според податоците на Министерството за финансии, јавниот долг на крајот на јуни бил 7,27 милијарди евра, односно 55,4 проценти од БДП. Во Стратегијата се предвидува, јавниот долг годинава да достигне 65,6 отсто од БДП.

Бесими уште во мај годинава ја отвори можноста за издавање на нова евробврзница, затоа што кредитната линија за претпазливост од ММФ нема да биде доволна за покривање на минусот во државната каса. Кредитот од ММФ е многу поевтин од издавањето еврообврзница.

Со ребалансот се предвидува државата годинава да се задолжи за 900 милиони евра. Минатиот месец од Министерството за финансии брифираа дека дел ќе биде од ММФ, дел од еврообврзница, дел од други финансиски институции и дел домашно задолжување.

Ова би била деветта еврообврзница на земјата. Првата беше издадена во 2005 година. Најскапа беше таа од 2009 година со камата од скоро 10 отсто, а најевтина ланската од 700 милиони евра со камата од 1,6 отсто. Се проценува дека каматата сега не би била пониска од 5,5 отсто, па дури и од 7 отсто.

Уште поголеми суми за враќање доспеваат во периодот 2025 – 2027. Во 2025 треба да се вратат 1 милијарда евра, во 2026 1,4 милијарди, а во 2027 - 567 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG