Лидерите на парламентарните партии денеска на средба во Собранието

Лидерска средба во Собрание, Скопје, 7 ноември 2022

Почна лидерската средба во Собранието која ја свика премиерот Димитар Ковачевски, на која како што беше најавено од Владата, претседателите на парламентарните партии ќе разговараат за одлуките кои треба да се носат со широк консензус, односно за внесувањето на Бугарите и другите народи во Преамбулата на Уставот за да продолжи европскиот пат на земјава.

На средбата дојдоа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на Алтернатива Африм Гаши, на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, на ДПА Мендух Тачи и лидерката на ДОМ Маја Морачанин. Поканата ја одбија партиите Левица и Беса.

Пред почнувањето на средбата изјави дадоа Морчанин, Трајанов, Тачи и Гаши.

Морачани изјави дека очекува конструктивна дискусија и одговорност од сите партии што ќе бидат претставени на средбата. Таа рече дека сите треба да бидат фокусирани само на прашањето што се однесува на преамбулата на Уставот и спроведувањето на реформите за влез во ЕУ, но посочи дека не очекува денеска да има договор.

„Не очекувам дека денеска ќе се постигне договор имајќи ги предвид нели најавите, изјавите од опозицијата дека се уште се против, бараат дополнителни гаранции за промена на Уставот, но е добро да разговараме заеднички, бидејќи тоа е најдобриот начин за стратешки прашања кои се стратешка важност и за државата и за граѓаните, рече Морачанин.

Трајанов, пак, рече дека во името на Демократскито сојуз ќе барам прва точка на средбата да биде да упатат силна заедничка порака до Бугарија да ги признае Македонците како национална припадност и да ги остваруваат сите свои права.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи изјави дека „со добар дијалог треба да се постигне договор за уставните измени и дека нема друг пат да се деблокира интеграцискиот процес.

За тоа дали и тие имаат услови како другите партии на Албанците, Тачи рече дека тргањето на 20 проценти од Уставот е нивен предлог, но оти исто така сега не е време за уцени.

„Јас разговарав со господинот Ахемти за оваа тема, ќе продолжиме да разговараме, но ние немаме никаков услов. И тоа треба многу јасно да се кажува. После ќе раговараме исто како што разговаравме со господинот Ахмети и со нашиот коалиционен партнер и со македонската опозиција. Имаме јаки аргументи, но не е моментот да се воспоставуват услови или рокови. Ова е многу поголем процес од оваа другото“, изјави Тачи.

Претседателот на Алтерватива, Африм Гаши истакна дека доаѓа да ја искаже целосната поддршка на неговата партија кон евроинтеграцискиот процес.

„Алтернатива стои сто проценти во овој процес евроинтеграциски. Направи се да даде поддршка да што побргу ги отвориме поглавјата“, рече Гаши.

Инаку, како што деновиве наведе премиерот Ковачевски, лидерската средба ја свикавл со цел сите политички партии кои се застапени во Парламентот да разговараат за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да ги носат со широк политички консензус.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски по повикот на премиерот објави дека ќе присуствува на средбата, иако претходно посочи дека смета оти на неа треба да се разговара за прашања како економијата, сиромаштијата и енергетската криза, а не за уставните промени. Тој додаде дека е подготвен на средбата да ги брани ставовите на партијата.

„Народот од нас очекува да зборуваме за инфлацијата, за енергетската криза, за зголемената сиромаштија, за затворените рудници и фабрики, за нискиот стандард. Ова се темите за кои мора алармантно да се бараат решение, а не за уставни измени или една генерална тема без никакви појаснувања“, изјави Мицкоски на 5 ноември.

Од парламентрните партии кои исто така претходно потврдија дека ќе учествуваат на лидерската средба е Алијанса за Албанците (АА). В.д. претседателот на партијата Арбен Таравари изјави дека ќе присуствуваат во Парламентот за да разговараат за идната европска перспектива на државата, но како што рече и за „евентуалните промени кои треба да се направат во Уставот“.

„Одлука на комисијата за организирање на конгресот на АА, која се состои од градоначалниците и пратениците од АА, донесе конечна одлука дека во понеделник во 12 часот ќе бидеме во парламентот“, рече Таравари.

Алијанса за Албанците е дел од албанските парламентарни партии кои, пак, отворањето на Уставот го условуваат со барање при внесувањето на Бугарите и другите народи, да биде избришана и формулацијата „20 проценти“ за да биде заменета со албански народ, албански јазик.

Истото барање го изнесе и партијата Беса, која пак на час пред одржувањето на средбата соопшти дека ја одбива поканата на премиерот. Претседателот на Беса Биљал Касами образложи дека нема да учествува на средбата, бидејќи смета дека таа е „формалност за да се спаси ДУИ од обврската да седне на маса со претставниците на албанските партии.“

Беса претходно соопшти дека за случајот со дефиницијата „20 проценти“ и дефинирањето на албански јазик ќе испрати покана до партиите од албанскиот блок за одржување на состанок со цел обединување на „албанскиот политички фактор за да се отстранат погрдните поими како што е согласно нашите заеднички определби“.

Но, од ДУИ која е дел од владејачката коалиција со СДСМ, за иницијативата на Беса рекоа дека сега не е момент за овие промени, односно дека оваа промена на Уставот спред нив треба да се случи во нормален политички процес.

Потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми потврди дека претставници на партијата ќе присуствуваат на денешната лидерската средба иницирана од премиерот Ковачевски.

„Со оглед на важноста на моментот низ кој поминуваме, како општество и како држава, сметам дека е правилно да се одржи ваква средба, бидејќи ситуацијата е сериозна и заслужува сериозен одговор и одговорност од сите политички партии, а особено уште повеќе кога имаме предвид дека за европската агенда, уставните измени за кои се потребни двотретинско на пратеници импонира неопходно седнување на една маса, соработка и заедничко одлучување на парламентарните политички партии“, рече Адеми.

Владејачката коалиција во Собранието која е составена од СДСМ, ДУИ, ДПА и Алтернатива имаат вкупно 64 пратеници. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има 38 пратеници, Алијанса за Албанците 8 пратенци, Беса има 4, Левица 2. Левица исто така соопшти дека нема да присуствува на лидерската средба.

За отворањето на Уставот е потребно да гласаат 80 пратеници и е услов којшто го прифатија Бугарија и Македонија како дел од францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.

Бугарија пред неколку месеци го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог, кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Во јули годинава документот го одобри и македонскиот Парламент, кој значи внесување на Бугарите во Преамбулата, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.