Избори во Италија на кои се очекува победа на десницата

Џорџа Мелони, лидерка на националистичка партија Браќа на Италија

Италијанците денеска гласаат на парламентарни избори, кои се предвидува дека на власт ќе ја донесат најдесната влада од Втората светска војна и оти за првпат ќе биде избрана жена за премиер.

Изборите беа предизвикани од внатрепартиските судири кои во јули ја урнаа широката влада на национално единство на премиерот Марио Драги.

Се очекува десничарскиот сојуз предводен од Џорџа Мелони и нејзината националистичка партија Браќа на Италија да победи, па дури можеби и да освои апсолутно мнозинство.

Мелони би можела да стане прва жена на чело на една италијанска влада.
Овој блок ја вклучува и десничарската популистичка Лига на Матео Салвини и конзервативната партија Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони.

Партијата на Мелони, која е критична кон Европската унија (ЕУ), националистичка, а понекогаш дури и расистичка, доминира со сојузот.

Многумина стравуваат дека италијанската политика ќе се придвижи кон десно ако сојузот победи. Можно е партијата Браќа на Италија на Мелони да освојат повеќе гласови од Лига на Салвини и Форца Италија на Берлускони заедно.

Претставниците на левицата и на политичкиот центар, во пресрет на изборите, се фокусираа на меѓусебни напади наместо на формирање заедничка опозиција против десничарските партии, што, според очекувањата, ќе доведе до најниска излезност на изборите.

Излезните анкети ќе бидат објавени вечерва во 23 часот, кога затвораат гласачките места, а првите прелиминарни резултати ќе се објават во текот на ноќта.

Иако последните анкети беа објавени пред две недели, зашто според законот не смеат да се објавуваат непосредно пред избори, ништо не укажува на можна промена на трендот.

Десничарската коалиција на Мелони, Салвини и Берлускони, според тие анкети, треба да освои 46 отсто од гласовите, а Мелони би можела да ја формира првата крајно десничарска влада во Италија од Втората светска војна.

Левицата, предводена од Демократската партија се предвидува да освои 28,5 отсто од гласовите, а популистичкото Движење пет ѕвезди 13 отсто.