Полска предлага субвенции за греење за домаќинствата, болниците и училиштата

Илустрација

Полската влада денеска усвои предлози за два закони со кои, по субвенциите за јаглен, се воведуваат субвенции и за греење од останатите извори за домаќинствата, болниците и училиштата, со кои поскапувањето на централното греење оваа сезона ќе биде сведено на максимум 40 отсто.

„Покрај додатокот на јаглен, воведуваме дополнителни можности за финансирање од други извори. Го шириме арсеналот на инструменти за да може да ги користат сите граѓани. Помошта ги опфаќа и таканаречените чувствителни објекти, како што се болниците и училиштата. Централното греење мора да биде поевтино и за нив“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки на прес-конференција по владината седница.

Другиот предлог-закон предвидува локалните самоуправи да добијат 2,9 милијарди евра кои може да ги искористат, покрај за инвестиции, и за помош на домаќинствата за греење.

Со тие мерки се предвидува централното греење да не поскапи повеќе од 40 отсто, а државата ќе го надомести остатокот.

Ако законите поминат во парламентот, исплатите би можеле да почнат во октомври.