Читаку: нема да има војна на Косово

Потпретседателката на Демократската партија на Косово Влора Читаку

Потпретседателката на Демократската партија на Косово (ДПК), Влора Читаку, ја повика да не се шири страв и паника во јавноста, бидејќи според неа, нема да има војна на Косово. Таа на Фејсбук изјави дека НАТО е гарант на суверенитетот на Косово и дека Србија е свесна за импликациите на отворениот конфликт со НАТО. „Во Косово имаше војна пред 23 години. Некои од нас беа возрасни и тогаш имаа можност да се борат. Во меѓувреме, денес Србија претпочита „статус кво“ и претпочита да зборува за налепници и барикади. Конвенционалната војна е завршена. Сега битките се од поинаква природа“, додаде таа.

Курти за РСЕ: Ситуацијата на северот можеше да ескалира во вооружен конфликт

Ваквата реакција на потпретседателката на ДПК дојде неколку часа откако беше објавено дека косовскиот премиер Аљбин Курти изјави дека постои опасност од нов конфликт меѓу Косово и Србија. Курти во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека на 31 јули постоел ризик ситуацијата да се претвори во вооружен конфликт во општините на северот на Косово поради, како што наведе, „стравот што го воведе Белград и поради плановите направени во Рашка и Белград“. Тој додаде дека барикадите на северот на Косово биле поставени на таков начин што може да се пука во возила и луѓе кои поминуваат по патиштата во тој реон.