Достапни линкови

Курти за РСЕ: Ситуацијата на северот можеше да ескалира во вооружен конфликт


Косовскиот премиер Албин Курти

Во општините на северот на Косово, на 31 јули постоеше ризик ситуацијата да се претвори во вооружен конфликт „поради стравот што го воведе Белград и поради плановите направени во Рашка и Белград“. Ова го изјави премиерот на Косово, Албин Курти во интервју со Дорунтина Балиу од Радио Слободна Европа.

Според Курти, барикадите кои биле поставени на патиштата во северно Косово биле поставени на тој начин што можело да се пука во возила и лица кои минуваат низ таа област.

Курти вели дека на средбата што ќе ја има со српскиот претседател Александар Вучиќ на 18 август во Брисел нема да разговара за одлуките за регистарските таблички и документите за влез и излез од Косово. За да се избегнат тензии на 1 септември, какви што имаше на 31 јули, меѓународниот фактор мора да го одбие Белград во неговиот деструктивен пристап кон Косово, вели Курти.

Тој во интервјуто стави до знаење дека има сомнежи за инфилтрации од Русија бидејќи, според него, Кремљ сака да ја искористи Србија како платформа за дестабилизација на Балканот, а особено за напад на Косово.

РСЕ: Косовската полиција во саботата се соочи со вооружен напад на северот. Овие напади се повторуваат. Дали се отежнува движењето на полицијата во тој регион?

Курти: Од минатата година до оваа имавме 14 напади на северот на Косово, од кои 10 беа против полициски службеници. Тоа го прават криминални елементи кои се занимаваат со криумчарење, кои се вклучени во различни трговии, а каде доминираа перењето пари и особено дрогата. Треба да се каже дека не само што конфискувавме значителни количини дрога, туку откривме и спречивме пет лаборатории за дрога на северот на Косово.

Значи, организираниот криминал во таа област е тој што го ризикува, не само јавниот ред и нашата национална безбедност, туку и нашите безбедносни органи, односно косовската полиција, која им се спротивставува со неверојатна професионалност и невидена храброст и во тоа има успех. Од април минатата година до јули годинава покренавме 69 случаи против криминал и шверц на северот, од кои се спроведени 35 полициски акции.

Почна отстранувањето на барикадите на северот на Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:54 0:00

РСЕ: И покрај сите овие напади, сè уште никој не се соочил со правдата. Што прави државата за да ѝ овозможи на полицијата безбедно да се движи на север?

Курти: Полицијата е првата алка од правосудството, која потоа треба активно да биде следена од обвинителство и ефективното судство. Верувам дека големата работа на полицијата ќе ја следи и правосудниот систем. Што се однесува до нашата полиција, ние ги преземаме сите мерки за да бидат изложени на што помал ризик, но во исто време сме свесни дека не е можен нула ризик. Исто така, соработуваме со нашите меѓународни партнери и сојузници, особено со КФОР, како и со дипломатските претставништва тука, за да имаат што е можно повеќе предвидливи информации, а со тоа и што е можно помал ризик за нашата полиција.


Руски шпиони на Косово

РСЕ: За време на викендот беше уапсена и руска државјанка, која подоцна беше прогласена за непожелна. Дали се знае повеќе за нејзините цели во Косово?

Курти: Нема сомнежи дека нејзините цели не биле добри, а тоа го констатираа и оние кои ја интервјуирале. Станува збор за личност која во Источна Европа е добро позната по своите деструктивни дејствија, секогаш во служба на официјален Кремљ. Не е случајност што се обидела да влезе во Косово преку граничниот премин на северот на Косово, значи била во Србија, каде била добро дочекана, а оттаму се обидела да влезе во Косово. Нашите власти ја запреа, а потоа ја протераа. Не е чудно што доаѓа од Србија, бидејќи Русија сака да ја искористи Србија како платформа за дестабилизација на Балканот, а особено за напад на Косово.

Сите знаеме дека во Србија има регионална база на Спутник, поточно во Белград, и таму во рамките на Министерството за одбрана е канцеларијата на руското Министерство за одбрана, додека на 160 километри од ова место каде што го правиме ова интервју, во Ниш, е таканаречениот Руски хуманитарен центар со многу руски агенти и функционери кои заедно со тамошните Срби имаат за цел да го дестабилизираат Косово, да го загрозат мирот и демократијата, да ја ризикуваат безбедноста на Косово, и не само тоа. Затоа постапувањето на Министерството за внатрешни работи и на Косовската разузнавачка агенција беше итно, точно и професионално.

РСЕ: Дали има информации за други луѓе кои биле инфилтрирани од Русија на северот на земјата. Исто така рековте и дека има податоци за намерни дезинформации што ги шири Русија, особено за северот. Што знае Косово за ова и што прави за да се бори против овие дезинформации?

Курти: Тие водат хибридна војна, како што се докажа во случајот со Украина. Тоа не е замена за традиционалната војна како што ја препознава историјата, туку е подготвителна фаза за тоа. Затоа, ние сме многу внимателни, загрижени сме, но не се плашиме, бидејќи нашите државни механизми се на врвот на задачата и без сомнение можат да се соочат со тоа. И во септември минатата година, кога се поставија првите барикади за време на нашата влада, добро се сеќавам дека повеќето од Србите таму беа од српските нелегални институции, кои се платени и диригирани од Белград, а кога ќе излезат на улица се претвораат во криминални банди, тие беа блиски со Москва колку и со Белград, а често и повеќе од тоа.

Од руската инвазија и агресија врз Украина, имаме феномен дека оние кои учествуваа во војните на поранешна Југославија од Србија сега не се само српски националисти и шовинисти, туку истовремено се и обожаватели на деспотот, претседателот Путин, кои и му пружаат поддршка. Според тоа, Кремљ нема потреба да увезува многу руски агенти, иако тоа го прави, бидејќи немалку српски доброволци ја вршат таа работа.

И истражувањата на јавното мислење во Србија укажуваат и на загрижувачкиот факт дека повеќе од две третини од Србите во Србија имаат позитивно мислење за деспотскиот претседател Путин, а од друга страна поддршката за ЕУ е намалена на една третина.

РСЕ: Има ли конкретни докази за руски агенти или лица кои се инфилтрирале на северот на земјата?

Курти: Секако дека има сомнежи, но нашите разузнавачки и безбедносни органи собираат податоци и потоа ги протеруваат оние за кои постои основано сомневање, да не речам и уверување, оти за тоа постојат правосудните органи, дека се работи за луѓе кои дошле да се борат против нашата република, демократија и безбедност.


Што стои зад одлуката да се одложи примената на документите и табличките?

РСЕ: И минатиот викенд во Косово имаше напната ситуација. Која беше позадината на вашата одлука да го одложите спроведувањето на одлуката за таблички и влезни документи за граѓаните на Србија?

Курти: Зад тензиите на 31 јули беа сцените во Рашка и Белград каде се одржуваа подготвителни состаноци за барикадите што беа поставени на северот на Косово. Имавме 11 барикади во различни села и две дополнителни барикади на мостовите на езерото Газиводе. Во рок од 10 минути беа поставени најмалку 9 барикади. Се работи за организација и подготовка која не може да биде граѓанска, туку државна. Ова се „готвеше“ во Белград, каде повеќе од еден месец се водеше кампања дека на 1 август на Косово ќе започне таканаречена бура (олуја), слична на онаа во Хрватска и дека ќе следи пекол на Косово.

Бидејќи беа свесни дека на 1 август нема да биде ништо слично на тоа, бидејќи беа свесни дека се работи само за еден документ што ќе им биде издаден на граѓаните на Србија, не на Косово, туку на Србија, кои доаѓаат со документи издадени таму, ден претходно ја предизвикаа таа тензична ситуација, која имаше за цел дестабилизација на Косово и истовремено ризикуваше да го (загрози) јавниот ред и да ги прекрши правата на граѓаните за слободно движење.

Тие барикади што беа поставени на 31 јули носат нешто ново, бидејќи тие не беа само барикади што ќе го попречат движењето, туку и од кои би се пукало на возилата што доаѓаат. На овие барикади имало и вооружени луѓе. Не се работи за барикади со цивилно население кои едноставно го попречуваат движењето, туку барикади со вооружени луѓе кои поставиле барикади на такви позиции што се погодни за пукање во возила или луѓе кои доаѓаат. Од овие 11 + 2, односно 13 барикади од 31 јули, имавме десетици сериозни прекршувања на законот, и 11 повредени или малтретирани Албанци.

Дипломатски барања

РСЕ: Сепак, околу четири часа пред да почнат да се спроведуваат владините одлуки, вие бевте многу решени да го сторите тоа. Дали се случи нешто конкретно, особено при разговорот со меѓународниот фактор, американскиот амбасадор, што ве натера да ја одложите одлуката?

Курти: И високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, господин Борел и американскиот амбасадор во Косово, господин Ховение, побараа да го одложиме спроведувањето на одлуките за 30 дена, со тоа што уште еднаш потврдија дека одлуката е праведна. Јас сум убеден сум дека и она што беше спроведено беше праведно.

На 1 август на нашите гранични премини издадовме 2.679 документи за државјани кои дошле со документи од Србија, а времетраењето на издавањето беше во просек 20 секунди. А кога одите во Србија, тоа трае од 10 минути до повеќе од еден час, бидејќи понекогаш сакаат да ве обесхрабрат да ја поминете границата за да го посетите семејството во Прешево, Медвеѓа и Бујановац, а понекогаш сакаат да им платите за да може да поминете. Значи таму има и доцнење и неправда и корупција. Додека на Косово има дигитална ефикасност и тие беа свесни дека на 1 август Косово уште повеќе ќе се докаже како држава.

Исто така, бевме критикувани од меѓународниот фактор дека нашата кампања не е доволна. Верувам дека водевме добра кампања. Дали беше сосема доволна? Можеби никогаш, но мислам дека немаше никакви недостатоци. Во она што се согласив со меѓународниот фактор, со европскиот и со американскиот, е дека имаше многу голема кампања на дезинформации, што е точно дека можеби не ја анализиравме и не се занимававме со неа доволно.

Кампања за дезинформација и поттикнување страв

РСЕ: Дали можевте тоа да го предвидите?

Курти: Можевме да го предвидиме пристапот на Белград, но можеби не и големината на ефектот. Со оглед на тоа што Србите на Косово најмногу гледаат телевизиски медиуми во Србија и дека, разбирливо, вториот канал на РТК не успева да навлезе толку колку што српските медиуми, српските граѓани на Косово, но и граѓаните на Србија во Србија се подложени на кампања на невидена количина на дезинформации за тоа што ќе се случи на 1 август. А тоа потоа создаде многу страв, многу вознемиреност и многу несигурност и кај нив.

Одложувањето што го направивме до 1 септември, кога ќе продолжи имплементацијата, односно дека оваа бројка од 2.679 документи ќе се зголеми за сите што доаѓаат на Косово, има врска со еден вид дополнителна чувствителност на Владата на Косово за големата загриженост на меѓународниот демократски фактор за српската кампањата за дезинформации.

Верувам дека во сегашниот контекст го направивме вистинското решение. Доцниме 11 години. Ако на овие 11 години додадеме уште четири недели за да ја зајакнеме нашата позиција, нашата одлука со уште поголема меѓународна поддршка, верувам дека вреди.

Србија во 2011 година во Брисел прифати да го издаде документот, но тоа ќе го направи и Косово. Меѓутоа, Србија со текот на годините се навикна на привилегијата што ѝ ја даде Косово со тоа што не ја спроведуваше истата мерка. И сега кога воспоставуваме реципроцитет, на Србија тоа ѝ се чини како неправда. За оние кои се навикнати на привилегии, еднаквоста изгледа како неправда. Ова е состојбата на нашиот однос со Србија.

Ризик од вооружен конфликт

РСЕ: Спомнавте вооружени групи кои биле подготвени да пукаат во толпата. Имаше ли ризик таа ноќ ситуацијата да се претвори во вооружен конфликт на северот?

Курти: Постоеше ризик поради стравот што го донесе Белград и поради плановите направени во Рашка и Белград. Состаноците во Белград и Рашка се места и настани каде се планирани тензии на Косово. Нема сомнеж дека ризикот постои, но правиме сè за да го минимизираме.

РСЕ: Опозицијата ве критикуваше што ја повлекувате одлуката, велејќи дека оставате впечаток дека северот е надвор од државна контрола. Како одговарате на ова?

Курти: Не можам да кажам дека државата Косово има контрола на северот на Косово како и во другите делови. Но, можам да кажам дека од 1999 година, кога беше ослободено Косово, до денес никогаш немало борба против криминалот и корупцијата и акции на косовската полиција на северот на Косово како оваа година. Ја интензивираме борбата против криминалот и корупцијата бидејќи илегалните структури се криминални структури, тие се и криминални банди. Значи ние не се бориме против нив затоа што се Срби по националност, туку се бориме против нив затоа што се прекршувачи на законот, кои освен што имаат потерници во Косово, некои од нив се и на црната листа на американското Министерство за финансии.

Но, во групите што ги апсиме, во поединците кои ги апси нашата полиција, не се сите Срби. Организираниот криминал е меѓународен и мултиетнички. Има и државјани на други балкански земји, но има и косовски Албанци. Значи, ние не ги таргетираме луѓето по етничка припадност, туку по криминални активности.

Српски екстремистички организации на Косово

РСЕ: Во едно претходно интервју споменавте дека на Косово дејствуваат околу десет српски екстремистички организации. Кои се некои од нив и дали се знае дали се поврзани со овие тензии?

Курти: Еден дел од тие организации се активира јавно на празници како што е 28 јуни, кога се одбележува Косовската битка од 139 година. Потоа, многу се активни на верски празници и делуваат и кога постојат судири или различни тензии, зашто судирите за нив се слобода. Тие, во спротивност со законот, ситуациите како што се судири им ја носат саканата слобода, а активно се занимаваат и со социјалните мрежи. Се бориме со нив со сите капацитети кои ги имаме, се соочуваме со нив. Но, тоа се организации кои не треба да ги правиме популарни така што ќе им ги споменеме имињата на принцовите од средниот век.

Дијалог во Брисел

РСЕ: Веќе е потврдена вашата средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 18 август во Брисел. Која е агендата за оваа средба?

Курти: Немаме официјално соопштение за дневниот ред. Но, она што го разменивме за време на комуникацијата со Жозеп Борел, кој е и потпретседател на Европската комисија, е дека треба да се стремиме кон дијалог за договор, не дијалог за дијалог, туку дијалог за договор, дека овој договор треба да биде правно обврзувачки. Договор со кој нормализацијата ќе биде целосна, а взаемното признавање ќе биде во неговата средина.

Во оваа смисла, јас сум заинтересиран на 18 август отворено да разговараме за составните елементи на општата рамка на договорот што сакаме да го постигнеме преку дијалог.

РСЕ: Дали се очекува да се разговара за одлуките кои треба да стапат на сила во септември?

Курти: Одлуката на Владата на Косово од 29 јуни годинава за нелегалните таблички од времето на Милошевиќ за КМ, ПЕ, ПЗ, ДЈ, УР и ГЛ, но и за документот на граничните премини, е суверена одлука на Владата на Косово. Не преговараме за одлуките на Владата. Но, она што треба да го направиме во дијалогот е да го направиме договорот правно обврзувачки. За тоа е дијалогот. Не е дијалогот за да разговараме за одлуките на Владата на Косово. Како Влада на Косово одговараме пред Собранието на Републиката, пред граѓаните на нашата земја. Во меѓувреме, одлуките што ги донесовме воопшто не требаше да бидат донесени бидејќи Србија требаше многу порано да престане со производство на нелегални регистарски таблички од времето на Милошевиќ.

Имено, Србија од средината на јануари 2018 година не требаше повеќе да произведува нелегални регистарски таблички. Производството на нелегални регистарски таблички е нелегално и од гледиште на самата Србија од средината на јануари 2018 година. Меѓутоа, Косово во тоа време беше целосно пасивно. Владата на Косово преспа во јануари 2018 година и наместо да каже дека од 16 јануари 2018 година на Косово веќе нема таблички со ознаки ПР и КМ, тогаш веројатно беа презафатени со лобирање за да усвои неправедна демаркација со Црна Гора во март 2018 година.

Зависност на Србија од Русија

РСЕ: Значи за вас ова прашање не е предмет на преговори во Брисел?

Курти: Одлуките на Владата на Косово се одлуки на суверена држава, која е демократска, за разлика од нашиот северен сосед, каде што според Транспаренси интернејшнал, најблаго кажано, имаме хибриден режим, што е некаков еуфемизам за автократија.

Доколку би требало да преговараме за позициите на владата, би морало да се преговара за ставовите на влада на автократска држава, а не демократска држава како што е Косово. Кога ќе го земеме предвид моменталниот контекст на нашиот континент со оваа страшна војна во Украина по руската инвазија и агресија, можам да кажам дека државата Косово, не само што е подемократска од Србија, туку е и понезависна од Србија. Косово е понезависно од Србија.

Србија е зависна од Русија. Педесет и шест отсто од нафтената индустрија во Србија е во сопствеништво на Газпром. Газпром го има и главниот гасен басен со Србија. Повеќе од 60 отсто од Српскиот парламент е во рамки на Групата за пријателство Србија – Русија. Имаат вооружување од Русија, имаат воени вежби со Русија, културно-историските врски се широки и длабоки. Значи, Косово во таа смисла е многу понезависна земја од Србија. Значи, не само што сме подемократски од Србија, тук сме и понезависни од Србија, која е зависна од Русија.

Може ли и ќе ли се избегнат случувањата од 31 јули на 1 септември?

Курти: Ќе направиме се за да ги избегнеме, но секако зависи и од тоа колку меѓународниот фактор ќе успее да го одврати Белград и неговиот деструктивен пристап кон нашата држава, нашиот уставен поредок и слободата и безбедноста на нашите граѓани.

РСЕ: Ќе разговараме и за договорот кој се смета за еден од најпроблематичните, а се однесува на Заедницата на општини со српско мнозинство. Има ли напредок за формирањето на Заедницата и каде е Косово во моментов со овој договор?

Курти: Косово има Заедница/Асоцијација на косовски општини. Верувам дека во нејзини рамки може сè да се реализира. Асоцијацијата на косовски општини е израз на единството во нашата земја и истовремено е израз на нашата грижа за сите потреби кои општините може да ги имаат. Значи, не верувам дека постои некое прашање кои општините на Косово не може да го решат во Асоцијацијата на косовски општини. Србите од Косово не бараа едноетничка заедница, тоа беше барање на Белград и, за жал, отстапка на моите претходници.

РСЕ: Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар рече дека сега треба да се разговара за Заедницата (на општини со српско мнозинство) и дека, според неговите зборови, постојат неколку европски модели кои може да послужат за Заедницата. Дали постои модел кој е прифатлив за вас?

Моделите кои се однесуваат на развој, секако се неопходни. Доколку имаме, да речеме, општини на Шар Планина, или општини околу Руговските Планини, или општините околу реката Лепенец, општини кои се врзани со географската положба, економски развој на општините, за тоа сум заинтересиран. Меѓутоа, здруженијата засновани на етнички критериуми не можат да го положат тестот од Уставот на Република Косово и демократскиот универзалистички принцип. Не можат.

Значи, не би требало да се формира Заедница на општини зашто ние го имаме тој етнички идентитет, ако ѝ сакаме добро на оваа земја. Кога ќе се земе предвид дека Белград, паралелно со барањето за етничко здружување, изјавува дека никогаш нема да го признае Косово, зашто вели дека масакрот во Рачак никогаш не се случил, тогаш верувам дека не постои никој кому не му е јасен контекстот во кој живееме.

XS
SM
MD
LG