Северна Кореја тврди дека го искоренила ковидот - експертите се сомневаат

Илустрација

Северна Кореја соопшти дека сите заразени со корона вирусот се опоравиле, а веќе седумнаесетти ден по ред не се регистрираат нови случаи на инфекцијата.

Првиот случај наковид-19 во Северна Кореја беше регистриран и пријавен во мај. Сепак, постои голем сомнеж за податоците, особено за бројот на починати.

Северна Кореја зборува за пациенти со „треска“, без да ја спомене болеста ковид, поради недостаток на опрема за тестирање.

„Во текот на изминатата недела, не се пријавени нови случаи на треска и сите оние кои се лекуваа се опоравија низ целата земја“, објави во петокот Корејската централна новинска агенција (KCNA).

Северна Кореја влезе во фаза на „стабилност“, се додава, но земјата „ќе ги удвои напорите за одржување на совршенството во спроведувањето на антиепидемиската политика на државата“.

„Живеење со ковид“: Каде може да оди пандемијата?

Државните медиуми соопштија дека околу 4,77 милиони пациенти со треска целосно се опоравиле, а 74 починале од крајот на април, што е стапка на смртност од 0,002 отсто, најниска во светот.

Сепак голем дел од експертите се сомневаат во овие статистики, бидејќи како што велат Северна Кореја има еден од најлошите здравствени системи во светот и нема лекови или вакцини против ковид.

Спротивно на тоа, Јужна Кореја, која има напреден систем за здравствена заштита и високи стапки на вакцинација, има пријавена стапка на смртност од ковид од 0,12 проценти.

Шин Џонг-џеон, професор на Медицинскиот факултет на Универзитетот Ханјанг во Сеул, за Ројтерс изјави дека пријавените смртни случаи во Северна Кореја се речиси невозможни и дека бројот на загинати може да достигне до 50.000.