Достапни линкови

„Живеење со ковид“: Каде може да оди пандемијата?


„Секој што вели дека може да ја предвиди иднината на оваа пандемија е или претерано самоуверен или лаже“, вели Дејвид Дауди, епидемиолог

Како што се наѕира третата зима на пандемијата на коронавирусот на северната хемисфера, научниците ги предупредуваат владите и граѓаните да се подготват за нови бранови на ковид-19.

Само во Соединетите држави наредната зима може да има до милион инфекции дневно, изјави Крис Мареј, раководител на Институтот за здравствена метрика и евалуација, независна група на Универзитетот во Вашингтон која ја следи пандемијата. Тоа би било околу двојно повеќе од сегашното дневно ниво.

Низ Европа, научниците предвидуваат серија бранови на ковид-19, бидејќи луѓето поминуваат повеќе време во затворени простории за време на постудените месеци, овој пат без речиси никакви ограничувања за маскирање или социјално дистанцирање.

Нови бранови на инфекција со нови варијанти на сојот омикрон

Сепак, иако случаите може повторно да се зголемат во наредните месеци, смртните случаи и хоспитализациите веројатно нема да се зголемат со ист интензитет, велат експертите, наведувајќи дека тоа е поради вакцинацијата, преземените мерки, поблагите варијанти на коронавирусот и достапноста на високоефикасни третмани.

„Луѓето кои се изложени на најголем ризик се оние кои никогаш немале коронавирус“, вели Мареј. Овие прогнози покренуваат нови прашања за тоа кога земјите ќе излезат од вонредната фаза и ќе влезат во состојба на ендемична болест, каде што заедниците со високи стапки на вакцинација забележуваат помали епидемии, можеби на сезонска основа.

Многу експерти предвидуваа дека транзицијата ќе започне во почетокот на 2022 година, но доаѓањето на високомутираната варијанта Омикрон ги наруши тие очекувања.

„Треба да ја оставиме настрана идејата „дали пандемијата заврши?“, вели Адам Кучарски, епидемиолог од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Тој и другите експерти гледаат дека ковид-19 се претвора во ендемска закана што сè уште предизвикува висок товар. „Некој еднаш ми кажа дека дефиницијата за ендемичност е дека животот станува малку полош“, додава тој.


Пекинг предупреди на експлозивно ширење на коронавирусот

Потенцијалната вајлд-карта останува дали ќе се појави нова варијанта која ќе ги надмине моментално доминантните подваријанти на Омикрон. Доколку таа варијанта предизвикува и потешка болест и е подобро способна да го избегне претходниот имунитет, тоа би било „најлошото сценарио“, се вели во неодамнешниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.

„Сите сценарија (со нови варијанти) укажуваат на потенцијал за голем иден бран на ниво што е исто толку лошо или полошо од епидемиските бранови во 2020 и 2021 година“, се вели во извештајот, заснован на модел од Империјалниот колеџ во Лондон.

Здравствени фактори

Многу од експертите за болести велат дека станува се потешко да се прогнозира што со ковид-19, бидејќи многу луѓе се потпираат врз брзи тестови дома што не им се пријавени на владините здравствени службеници, прикривајќи ги стапките на инфекција.

БА.5, подваријантата Омикрон која моментално предизвикува инфекции во многу региони, е екстремно пренослива, што значи дека многу пациенти хоспитализирани поради други болести може да бидат позитивни на тестот и да се вбројат во тешки случаи, дури и ако ковид-19 не е извор на нивната неволја.

Научниците сметаат дека други непознати што ги комплицираат нивните прогнози вклучуваат дали комбинацијата на вакцинација и инфекција со коронавирус - таканаречениот хибриден имунитет - обезбедува поголема заштита за луѓето, како и колку ефективни би можеле да бидат кампањите за засилување.

„Секој што вели дека може да ја предвиди иднината на оваа пандемија е или претерано самоуверен или лаже“, вели Дејвид Дауди, епидемиолог за заразни болести на Школата за јавно здравје Џон Хопкинс.

Експертите, исто така, внимателно го следат развојот на настаните во Австралија, каде што сезоната на грип во комбинација со ковид-19 ги преплавува болниците. Тие велат дека е можно западните земји да забележат слична шема по неколку тивки сезони на грип.

„Ако се случи таму, може да се случи овде. Да се подготвиме за соодветна сезона на грип“, наведува Џон Меколи, директор на Центарот за светски грип во Институтот Френсис Крик во Лондон.

Летните одмори ги зголемија бројките на Ковид 19 - докторите апелираат на внимателност

СЗО смета дека секоја земја сè уште треба да им пријде на новите бранови со сите алатки против пандемијата - од вакцинации до интервенции, како што се тестирање и социјално дистанцирање или маскирање.

Владата на Израел неодамна го запре рутинското тестирање за ковид-19 на патниците на својот меѓународен аеродром, но е подготвена да ја продолжи практиката „во рок од неколку дена“ доколку се соочи со голем наплив, вели Шерон Алрој-Преис, шеф на службата за јавно здравје, заклучувајќи: „Кога има бран на инфекции, треба да ставиме маски, треба да се тестираме. Тоа е да се живее со ковид-19“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG