Бајден ги поздравува чекорите на ЕУ за отворање на преговорите со С. Македонија и Албанија

Американскиот претседател Џозеф Бајден.

Соединетите Американски Држави (САД) ги поздравуваат чекорите што Европската унија ги презема за унапредување на интеграцијата на Западен Балкан во евроатлантската заедница, и тоа преку отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, се вели во изјавата на американскиот претседател Џозеф (Џо) Бајден.

„Во моментот кога Русија го наруши мирот во Европа, поважно е од кога било e да се поддржи стремежот за Европа да е слободна и во мир. Демократски, безбеден и просперитетен Западен Балкан останува суштински за оваа визија“, изјави Бајден.

Тој вели дека САД ќе продолжат да бидат силен и доверлив партнер сè додека овие држави работат на одбрана на човековите права, зајакнување на демократските реформи и поддржување на владеењето на правото.

Американскиот претседател вели дека чекорите што ЕУ, Албанија и Северна Македонија ги презедоа во последните денови треба да ги инспирираат сите аспиранти за ЕУ во регионот.

Во Брисел денеска се одржа меѓувладини конференции со Македонија и со Албанија. Тирана официјално ги почна преговорите, додека Скопје почна скрининг процес, а почетокот на преговорите е условен со внесување на Бугарите во Уставот.