Османи со апел до пратениците да обезбедат европска иднина за земјата

Министерот Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на Фејсбук упати апел пратениците кои дебатираат за францускиот предлог, трет ден по ред во Собранието.

Тој порачува дека изминале интензивен период на широки консултации за предлогот на Француското претседателство, веројатно, според него, најшироките консултации за било која тема досега. Османи порачува дека тие не биле лесни, ниту едноставни, создале и емотивни реакции.

„Без разлика, колку и да ни се допаѓаа или не, без разлика колкава главоболка ни создадоа, овие широки консултации сепак беа продуктивни и создадоа јасни линии на внимателност, ако сакате упатство каде и како понатаму со европските интеграции. Ги прифаќам сите загрижености како автентичен изблик на внимателност кој преку заклучоците во Собраните сега стануваат обврска и за Владата, и за мене, и за целиот преговарачки тим. Ја разбравме пораката и подготвени сме да одговориме на сите предизвици“, вели Османи.

Според него, сега е време да се подвлече линија.

„Имаме многу работа и бројни предизвици пред нас, но ако нешто не научи нашата кратка современа историја, тоа е дека сите предизвици, колку и да се комплексни, умееме да ги надминеме и да продолжиме на европскиот и евроатлантскиот пат. Ова е мој последен апел до пратениците. Имавме жолчна и многу емотивна дебата, но државата мора да продолжи напред. Граѓаните ни дале доверба не за да се откажеме, туку за да водиме, за да предводиме и да им обезбедиме подобра иднина. Време е да ги собереме впечатоците, и да ѝ обезбедиме европска иднина на земјата“, додава Османи.

Таканаречениот француски предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори, зад кои застана целата ЕУ, во Македонија наиде на отпор од македонската опозиција, дел од граѓаните, академската јавност и невладините организации.

Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата, а Брисел го врза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Македонија. Една година претходно, европскиот пат на двете земји беше блокиран од Франција, инсистирајќи на промена на методологијата за преговори.