Гир: Во сечиј интерес е преговорите да почнат сега

Евроамбасадорот Дејвид Гир

Во сечиј интерес е преговорите да почнат сега, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир, на првата сесија на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет- Република Северна Македонија и ЕУ, кој се одржува денеска во Собранието. Според него, ЕУ останува со Северна Македонија преку донациите и поддршката на реформите, а вложува и во инфраструктурата, работни места и деловни субјекти. Тој рече дека и покрај важните геополитички случувања на Самитот на ЕУ, за жал не можело да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, нагласувајќи дека напорите се во тек.

„Свесен сум за бранот јавна фрустрација и разочарување. Многумина разбираат дека членството во ЕУ дава најдобра перспектива за стабилност, просперитет и за демократската иднина на земјата. Не, тие не може да разберат зошто земјата не може да напредува на патот кон ЕУ. Треба да одработиме подобро“, изјави Гир.

Евроамбасадорот Гир, исто така, порача дека земјата има напредок во судските реформи, во спроведувањето на стратегијата за судски реформи 2017-2022.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, посочи дека е многу важно да се задржи и исполни определбата за пристапување на државите од Западен Балкан во европското семејство, дадена уште во 2003 година на Самитот во Солун. Без разлика на исходот од француското претседателство со ЕУ тој нагласи дека земјата останува посветена и на спроведувањето на реформите и задржување на европскиот курс на државата.

Постојниот известител на Европскиот парламент за Северна Македонија Илхан Ќучук, рече дека Северна Македонија има важна улога во гео-политичкиот контекст.

„За жал, ние како Европски парламент не успеавме да убедиме некои од земјите членки, вклучително и мојата, да го крене ветото многу порано, за да може да се даде зелено светло за иднината на Северна Македонија и да се свика првата меѓувладина конференција“, изјави Ќучук.

Бугарија го прифати францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции во кој се вметнати речиси сите бугарски барања. Македонските власти оценија дека предлогот е неприфатлив.

Бугарија го блокира почнувањето преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

МПК, основан 2004 година врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација, претставува форум каде што членовите на Собранието и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот се состанува два пати годишно, еднаш во нашето Собрание и еднаш во Европскиот парламент.