Достапни линкови

Бледнеат очекувањата поврзани со францускиот предлог


Бугарскиот и македонскиот премиер, Кирил Петков и Димитар Ковачески, во Скопје, 18.01.2022

Во очекување на финалната верзија на францускиот предлог, аналитичарите не веруваат дека ќе има помесување на бугарското вето за Македонија. Според долгогодишниот дипломат Јањатов, Македонија сама се сплетка во бугарската пајакова мрежа и сега не знае како да излезе.

На едвај три - четири дена до завршувањето на француското претседателство со Европската Унија, неизвесна е судбината на „францускиот предлог“ со кој требаше да се крене бугарското вето и да почнат преговорите на Македонија за ЕУ. Македонските власти рекоа „не“ за првичниот текст на предлогот, бугарското Собрание пак го усвои дополнувајќи го текстот со своите црвени линии кон Македонија. Сега жешкиот костен е повторно во земјава која ќе треба да го повтори кажаното „не“ за предлогот или да ретерира во ставовите по официјалното врачување на конечната верзијата која треба да ја финализира и достави Франција во преостанатите неколку дена.

Аналитичарите не очекуваат дека нешто драстично ќе се случи во следните денови. Според долгогодишниот дипломат Драган Јањатов, Македонија сега се наоѓа пред свршен чин, да го земе или одбие понуденото. Од Франција очекува само технички модификации во предлогот, главно околу преговарачката рамка, но не и драстично подобрување.

„А суштината е во тоа што Македонија сама падна во сопствената замка, се сплетка во бугарската пајакова мрежа и сега не знае како да се отплетка од тоа. Затоа не треба да се очекуваат некои големи промени во тој поглед, поготово што очигледно Франција и ЕУ застанаа на страната на Бугарија, и сето тоа што се случуваше после предлогот зборува дека е така“, смета Јањатов.

Лошите позиции во кои сега е Македонија ги припишува на неуспехот на луѓето кои ги водат овие процеси. Вели дека не смее да се дозволува поединци да решаваат стратешки прашања. Сега забележува дека е веќе предоцна за нешто да се направи.

Јањатов: На македонската дипломатија сопствената пракса и се удри од глава
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:05 0:00
Директен линк

Бугарија ветото на Македонија за почеток на преговори со ЕУ го стави пред две години, поради несогласување околу македонскиот јазик и македонската историја. Како се менуваа владите во Бугарија така имаше одредени поместувања во однос на политиката кон земјава, но бугарските црвени линии останаа главно недопрени. Некаков исчекор напред и обид за доближување на позициите меѓу двете земји, едната членка на ЕУ, другата само кандидат, се направи со доаѓањето на новата Влада во Бугарија на премиерот Кирил Петков. Франција како претседавач со ЕУ се обиде да помогне за кревање на ветото со својот т.н. француски предлог доставен пред неколку недели, кој за да биде усвоен требаше да го прифатат сите земји членки на ЕУ, заедно со Македонија. Со него за првпат билатералните прашања меѓу Македонија и Бугарија беа ставени во преговарачката рамка за ЕУ.

Албанија без Македонија кон ЕУ?

Додека бугарските политичари и медиуми „на големо“ го анализираа предлогот низ призмата на бугарските позиции во спорот, во Македонија властите молчеа и чекаа прво тој да биде прифатен од Бугарија и ЕУ земјите. Во меѓувреме, оваа тема се покажа како голем проблем во Бугарија, и покрај другите проблеми, ја разниша тамошната влада на Петков кому пратениците му изгласаа недоверба непосредно пред ЕУ самитот на 23 јуни. Ветото за Макдонија не беше кренато на овој самит, но конечно стигна став од македонскиот премиер Димитар Ковачевски дека францускиот предлог е неприфатлив за Македонија.

Само еден ден потоа бугарското собрание го усвои предлогот, со свои додавки. Во усвоената декларација се утврдуваат условите под кои Република Бугарија може да ги поддржи следните чекори во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија. Во нивниот документ се додадени уште четири барања од Софија кон Скопје како услов за влез во ЕУ - ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

Македонските црвени линии пак се три - јазикот, историските прашања надвор од преговарачка рамка и одредувањето кога да се направат уставните измени со кои и Бугарите ќе бидат внесени во Уставот како државотворен народ.

Во очекување на усогласената верзија на францускиот предлог, Јањатов не е оптимист за Македонија. Единствено забележува дека евроинтеграциите може да се деблокираат за Албанија, која во процесот за преговори беше врзана „во пакет со Македониија, а бугарското вето иако немаше никаква врска со оваа држава, сепак го блокираше и нејзиното членство во ЕУ.

„Меѓународната заедница е изморена од тој процес, ќе ја пуштат Албанија да оди сама, да ги почне преговорите, тоа ќе биде целата придобивка“, смета дипломатот.

И аналитичарот Мерсел Биљали нема големи очекувања во однос на придвижување на евроинтеграциите за Македонија во следните неколку дена.

„Мислам дека е многу тешко оти јавноста е наелектризирана со брзото реагирање во однос на предлозите, промената што се случи во Бугарија и не е толку лесно сега да се направи некоја политичка акумулација во однос на ставовите. Јас не верувам дека тоа е можно да се заврши во текот на овој месец , така што претпоставувам дека ќе остане за октомври“, вели Биљали.

Тој смета дека има премолчен консензус во земјава од страна на сите политички фактори околу нашите црвени линии за францускиот предлог. Не очекува голем меѓународен притисок кон Македонија бидејќи вели дека Самитот на ЕУ покажа дека Западен Балкан не е главен фокус на ЕУ. Сепак верува дека ќе се најде решение.

„Излезот не е далеку. Ако се има малку политичка волја најверојатно има решение. Не гледам дека позициите се многу далеку “, додава Биљали.

Што по францускиот предлог?

По Франција претседателствувањето до ЕУ го презема Чешка, за која Јањатов вели дека ја нема тежината и угледот кој го има Франција. Според него, ако финалната француска верзија биде прифатена од властите и покрај првичното „не“ од властите, ќе следи пад на владата и сериозна политичка криза. Ако биде одбиен пак, додава, работите ќе продолжат да течат како и досега.

Од Совет на амбасадори на Република Северна Македонија пак денеска излегоа со став дека историските прашања, јазикот и билатералниот протокол не смеат да бидат дел од преговарачката рамка Скопје. Оттаму велат дека ако Бугарија инсистира на непризнавањето на македонскиот јазик, треба јасно да се даде до знаење дека граѓаните, политичките и државните институции на нашата држава ќе ја отфрлат таквата Преговарачка рамка. Во однос пак на условот на Софија за отворање на Уставот заради внесувањето на Бугарите, пред отпочнувањето на преговорите, сметаат дека во овој миг не постојат реални основи за двотретинско мнозинство в парламентот за тоа да се случи.

„Советот смета дека ЕУ треба да и гарантира на Северна Македонија дека нема да ги прифаќа останатите новонастанати предлози на бугарската страна оти таквиот потег би личел на игри без граници. Советот на амбасадори апелира до сите политички субјекти без оглед на нивната идеолошка припадност, во соработка со невладиниот сектор да направаат напори за создавање заеднички ставови во надворешната политика за прашања од државен интерес сè со цел земјата успешно да ги надмине пречките во нејзиниот пат кон полноправно членство во Унијата“, се додава во нивното соопштение.

Инаку денеска бугарскиот премиер Петков и официјално ја поднесе својата оставка во Владата. Претходно тој го поздрави францускиот предлог нагласувајќи дека „за првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција“.

Францускиот предлог е трет обид да деблокирање на бугарското вето во изминатите две години. На него му претходеа германски и португалски предлози, именувани според евроските држави кои во тој период претседаваа со ЕУ.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG