Претседателката на ЕБОР во посета на Скопје

Претседателката на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) Одил Рено-Басо денеска првпат ќе престојува во посета на Скопје. Таа ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии за финансии Фатмир Бесими, претставници на банки од приватниот сектор и инвеститори.

Рено-Басо ќе учествува и на Скопскиот економски и финансиски форум, каде ќе има обраќање и ќе зборува за одржливиот раст и транзицијата на ниски вредности на јаглероден диоксид.

Таа ќе потпише нов кредитен договор со Стопанска банка под новата ЕБОР програма насловена „Одржливо поттикнување на МСП” во износ од четири милиони евра, кредитна линија која ќе ги поддржува малите и средни претпријатија (МСП).Прет

„ЕБОР е главниот инвеститор во Северна Македонија, која е важна дестинација за инвеститорите, за нас, но и за целиот регион на Западен Балкан“, вели во пишана изјава Одил Рено-Басо.

Таа додава дека со нетрпение ги очекува дискусиите за нивните следни проекти со властите, вклучувајќи го и натамошно подобрување на транспортот и развојот на приватниот сектор.

„ЕБОР стои до Северна Македонија во напорите на земјата да ја подобри енергетската безбедност и да направи декарбонизација на економијата, два предизвика кои се мошне важни во моменталниот геополитички и економски контекст,“ посочува Одил Рено-Басо.

Нуредини - Постапно до систем за отпадни води во Охрид од 70 милиони евра

Претседателката на ЕБОР доаѓа во посета на земјата еден месец после посетата на потпретседателот за политика и партнерство на ЕБОР Марк Боуман, кој исто така беше во Скопје.

Дел од инвестициските проекти во земјата, кои се разгледуваат за поддршка, се изградбата на делот на интерконекцијата на гас меѓу Северна Македонија и Грција, делот од автопатот меѓу Скопје и косовската граница, подобрување на менаџментот со цврст отпад во земјата, како и поголем број кредитни линии за локалните банки за подобрување на енергетската ефикасност, кои ќе бидат понатаму пласирани на малите и средни претпријатија. Кредитите на ЕБОР ќе имаат и грант компонента обезбедена од донаторите од ЕУ, Обединетите Нации, Швајцарија, Шведска, САД, Норвешка, Луксембург и други донатори.