Француски новинар убиен во Украина, тврди гувернерот на Луганск

Гувернерот на Луганск, Серхи Хаидаи.

Француски новинар е убиен кога руските сили гранатирале оклопен транспортер што се користел за евакуација на цивили во источниот украински регион Луганск.

Регионалниот гувернер Серхи Хаидаи во објава на Телеграм рече дека возилото требало да собере 10 луѓе за да ги евакуира на безбедно кога наишло на „непријателски оган“.

„Шрапнелите од гранати го пробиле оклопот на возилото при што акредитиран француски новинар кој известувал за евакуацијата добил смртоносна рана на вратот“, рече гувернерот на Луганск.

„Официјално ја запираме евакуацијата“, додаде тој.

Хаидаи објави и слика за која рече дека е прес-картичка на новинарот, иако допрва треба да се потврди дали човекот на сликата е жртвата.