Достапни линкови

Дводневен самит на ЕУ за Украина, руските сили напредуваат во Донбас


Илустрација
Илустрација

Лидерите на Европската унија треба да се состанат за да ја зајакнат поддршката за Киев додека руските сили продолжуваат со нивната офанзива во југоисточниот украински регион Донбас.

Дводневниот самит на ЕУ, кој започнува денеска ќе се оддржи откако германскиот министер за економија Роберт Хабек изрази загриженост за единството на блокот, за кое изјави дека „почна да се распаѓа“. До оваа изјава дојде откако Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ на вчерашниот состанокот во Брисел не успеаја да постигнат консензус за воведување на шестиот пакет санкции против Руската Федерација, а нов обид е закажан за денеска, непосредно пред специјалниот самит на лидерите на ЕУ.

Унгарија е земја без излез на море, чии 65 отсто од потрошувачката на енергија зависи од нафтата што се транспортира од Русија по копнен пат. Таа се противи на ембаргото на руската нафта. Доколку претпладнево биде договорен шестиот пакет санкции на ЕУ, тој би можел да се најде на масата на работната вечера на лидерите на ЕУ, чија средба започнува во 16 часот во Брисел.

Се очекува земјите членки на Унијата на денешниот Самит да ја повторат посветеноста на блокот да и се помогне Украина да се одбрани од неиспровоцираната инвазија на Русија која трае веќе четири месеци и да продолжи да обезбедува оружје и финансии за Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека и на денешниот Самит ќе побара од лидерите на ЕУ нова рунда економски санкции против Русија за да се изврши дополнителен притисок врз Москва да стави крај на војната.

ЕУ не постигна договор за ембаргото на руската нафта

Руските сили ја продолжија својата офанзива во источна Украина, затворајќи ги стратешките градови и го гранатираа Харкив откако претседателот Зеленски го посети североисточниот град на 29 мај, во неговото прво патување надвор од Киев од почетокот на целосната руска инвазија кон крајот на февруари.

Руските сили го зголемија притисокот врз Северодонецк и Лисичанск во источна Украина, откако тврдеа дека го зазеле блискиот град Лиман, при што украинските власти велат дека бранителите се држат под очајни услови во тие стратешки области.

Регионалниот гувернер на Луганск, Серхи Хејдеј, рече дека ситуацијата во Лисичанск станала „значително полоша“ во последните часови и дека „има жртви и ранети луѓе“.

Во Северодонецк, украинскиот Генералштаб соопшти дека руските сили „извршиле агресивна операција“, додека Хејдеј рече дека улични борби беснеат во градот што се наоѓа на бреговите на реката Донец.

Во телевизискиот говор на 29 мај, претседателот Зеленски рече дека „околу 90 отсто од зградите се оштетени во Северодонецк“, додавајќи дека „повеќе од две третини од становите во градот се целосно уништени“.

„Заземањето на Северодонецк е основна задача за окупаторите. Ние правиме се што можеме за да го спречиме овој напредок“, изјави тој за руските сили.

Коментарите на Зеленски дојдоа откако тој претходно истиот ден беше во ненадејна посета на североисточниот град Харкив, при што ги посети војниците на позициите на фронтот и со градоначалникот на Харков Ихор Терехов, регионалниот администратор Олех Синјехубов и членовите на воената команда.

Претседателскиот кабинет објави видео на апликацијата за пораки Телеграм во кое се гледа како Зеленски, кој на себе носи панцир, ги обиколува областите уништени од руското гранатирање во и околу градот во последните недели.

Новинската агенција Ројтерс објави дека неколку часа по посетата на Зеленски, се слушнале неколку експлозии во градот и дека голем облак чад бил видлив североисточно од централното подрачје.

Државната служба за итни случаи на Украина соопшти дека руското гранатирање предизвикало пожари околу Харков, вториот по големина град во земјата. Русија го продолжи бомбардирањето на Харков откако украинските борци ги потиснаа нејзините сили од позициите во близина на градот пред неколку недели.

Руските сили ги насочија своите напори кон источниот дел на Украина -- особено регионот Донбас -- откако силниот отпор ги спречи да го заземат Киев на почетокот на инвазијата.

Лавров- „Ослободувањето“ на Донбас е „безусловен приоритет“

Во коментарите за француската телевизија, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 29 мај рече дека, како што го нарече, „ослободувањето“ на украинскиот регион Донбас е „безусловен приоритет“ за Москва. Другите украински територии треба сами да одлучуваат за својата иднина, рече тој.

Кабинетот на украинскиот претседател соопшти дека Синјехубов му рекол на Зеленски дека украинските сили постигнале одреден напредок во нивниот контранапад против најновата руска офанзива.

„Но, ние сè уште не можеме целосно да провериме некои од ослободените населби, бидејќи гранатирањето продолжува, или да спроведеме целосно деминирање и да започнеме со обнова на критичната инфраструктура“, рече Синјехубов, цитиран од агенциите.

Тој додаде дека руските сили оштетиле 2.229 високи згради, од кои 225 се целосно разурнати, во областа Харкив. Тој рече дека северните и источните области на Харкив претрпеле најголема штета.

Бројките за штетите -- како што е вообичаено од двете страни во конфликтот -- не можат веднаш да се проверат.

Во доцното ноќно видео обраќање на 28 мај, Зеленски рече дека очекува „добри вести“ за повеќе западни испораки на оружје оваа недела, без да даде детали.

Се известува дека руските инвазивни сили постигнале придобивки во последните денови во источна Украина Донбас, кој ги опфаќа регионите Луганск и Доњецк.

Британското Министерство за одбрана во својот дневен извештај за разузнавање на 28 мај тврди дека доколку Русија успее да ги преземе тие области, Кремљ најверојатно ќе го смета за „суштинско политичко достигнување“, кое може да го искористи за да ја оправда својата инвазија врз рускиот народ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG