Мишел: Албанија ги исполнува условите за почеток на преговорите за членство во ЕУ

Албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел за време на состанокот во Брисел во февруари 2020 година

Албанија ги исполни сите услови за отворање на преговорите за членство во ЕУ и тие треба да започнат што е можно поскоро, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Тирана.

Тој оцени дека развојот на ситуацијата со војната во Украина, бара процесот да се забрза.

„Треба да му дадеме нова енергија на процесот на интеграција, да создадеме нови стимулации за реформи и да го забрзаме процесот на интеграција. Работиме на постигнување конкретни резултати. Ја забрзуваме (европската) интеграција“, рече Мишел на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Говорејќи за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Европскиот совет рече дека неговата цел е да обезбеди нова енергија во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан.

Предлогот на Макрон, поддржан од Мишел, предвидува обединување на земјите кои не се членки на Европската унија во нова политичка организација.

„Добро е да разговараме за оваа идеја со нашите пријатели, не за да најдеме изговор, туку да дадеме повеќе охрабрување“, рече Мишел.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, го поддржа предлогот и оцени дека ќе биде „фантастичен“, истакнувајќи дека идејата добива се поголема поддршка.

„Не знаеме како и кога тоа ќе се случи, но јас ја следев и целосно ја поддржувам визијата на претседателот на Франција“, рече Рама.

Тој повтори дека Албанија ќе бара одвојување од Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ доколку преговорите за членство не започнат во јуни.

Претседателот на Европскиот совет Мишел рече дека го разбира ставот на Албанија.

Мишел и Рама разговараа и за регионалната иницијатива, започната во 2019 година од Албанија, Србија и Северна Македонија со цел подобра соработка.

Албанија ќе побара одвојување од Македонија на патот кон ЕУ

Мишел рече дека ја поддржува оваа иницијатива, додавајќи дека таа ќе ги приближи земјите од Западен Балкан до Европската Унија.

Посетата на Мишел на Тирана доаѓа еден ден откако Европскиот парламент одобри два извештаи за процесот на пристапување на Албанија и Северна Македонија во Европската унија.

Албанија е членка на НАТО од 2009 година. Статусот на кандидат за влез во ЕУ го доби во 2014 година, а моментално ја чека одлуката за почеток на преговорите за членство.