Мизо: Војната во Украина силно влијае врз автомобилската индустрија

Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство

Украинската криза има силно индиректно влијание врз производството кај компаниите од автомобилската индустрија во земјава, истакна претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, Виктор Мизо.

Тој посочи дека поради војната многу автомобилски компании, како Фолксфаген, Мерцедес, Порше, Ауди го намалија или запреа производството.

„Македонските компании, добавувачи за автомобилски компоненти се соочуваат со намален обем на работа, а со тоа и со потенцијално скратено работено време, односно намалување или оптимизирање на вработените и работните места преку упатување на принуден одмор или реорганизација на производството“, рече Мизо.

Како што нагласи, со почетокот на војната веднаш почнале проблемите со испорака на компоненти кои се произведуваат во Украина, како и суровини потребни за производство на делови од возилата кон клиентите во Европа.

Дополнително, според Мизо, денешната ескалација на конфликтот во Западна Украина, каде што се лоцирани најголем дел од добавувачите од автомобилската индустрија, би предизвикало уште поголемо влијание на ланецот на добавувачи.

Тој додаде и дека со поскапувањето на струјата, нафтата, храната, гасот, транспортот, драстично се зголемени и дополнителните трошоци.

Шест од странските компании, кои имаат производствени процеси во Македонија имаат и во Украина поради што се погодени од војната. Германски, американски и јапонски компании од автомобилскиот сектор вработуваат над 60.000 луѓе во Украина и претежно произведуваат кабли, навлаки за седишта и електроника. Повеќето од компаниите се трудоинтензивни, а нивните производи се интегрален и важен дел од европскиот ланец на добавувачи.

„Индиректно сме погодени, бидејќи ако ги нема компонентите кои се произведуваат во Украина за европскиот пазар, тоа возило не може да се склопи т.е. произведе и тогаш отпаѓа потребата и од нашите компоненти. Ова е дополнително нешто, кое ќе влијае и ќе ги ги чуствуваме последиците во претстојниот период. Зависно во кој дел од ланецот се лоцирани компаниите во Македонија и брзината на ефектот кон нив ќе биде побрз или бавен“, појасни Мизо.

Според него, сите сме во ситуација, да чекаме да видиме колку долго ќе трае војната и како ќе се одрази, се додека не се креира некаква рамнотежа.
Компаниите од автомобилската индустрија се уште ги чуствуваат последиците од недостатокот на чипови, со кој се соочуваа минатата година, покажано преку падот на продажба на нови возила. Во јануари годинава беше забележано најниското ниво на продажба во Европа, откако се води статистика на ниво на Европската унија, а и февруарските бројки се oчекува да се помали од истиот месец лани.