Достапни линкови

Руската војска ја проширува офанзивата во Украина, Западот подготвува нови санкции


Оштетени станбени згради од гранатирањето на Мариупол

Русија нападнала два аеродроми во Ивано-Франковск и Луцк и го бомбардирала градот Дњипро. Оклопни единици се распоредуваат во борбена позиција околу Киев. Над 400 илјади луѓе се заглавени во Мариупол.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили нападнале и уништиле два воени аеродроми во украинските градови Луцк и Ивано-Франкивск додека се чини оти руската војска ја проширува својата тринеделна офанзива против Украина.

Руските новински агенции ја пренесоа изјавата на портпаролот на Министерството за одбрана Игор Конашенков дека руските сили уништиле 3213 украински воени инсталации од почетокот на, како што ја нарекува Русија, „специјалната воена операција“ во Украина на 24 февруари.

Тврдењата на Министерството за одбрана не можеше веднаш да бидат проверени, но локалните власти во Ивано-Франковск и Луцк известија дека имало експлозии на бомби во близина на двата аеродроми.

Бомбардирањата се многу западно од главната руска офанзива, што може да укажува на нова насока на нападот.

Министерството денеска повтори дека ќе отвори хуманитарни коридори од Киев, Суми, Харкив, Мариупол и Чернигив, откако сличните потези во изминатите денови имаа многу ограничен успех поради континуираното руско гранатирање и покрај тврдењата за еднодневен прекин на огнот.

Советникот во украинското Министерство за внатрешни работи Антон Херашченко изјави дека денеска имало три воздушни напади врз индустрискиот град Дњипро на истокот на земјата при што загинало најмалку едно лице.

Британското Министерство за одбрана во Лондон соопшти дека останува малку веројатно Русија да ги постигнала своите цели како што беа наведени во прединвазискиот план, и покрај тоа што нејзините копнени сили продолжуваат да постигнуваат ограничен напредок.

Животот во Мариупол под опсада, без вода, струја и храна
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Министерството наведува дека логистичките проблеми што ја попречија руската офанзива сè уште постојат и предупредува дека Москва најверојатно ќе ја обнови својата офанзива во претстојните денови и веројатно ќе почне операции кон главниот град Киев.

Новите сателитски снимки покажаа дека 64-километарскиот воен конвој кон Киев се распрснал во околните градови и шуми, а во борбена позиција се распоредуваат хаубици како потенцијална подготовка за напад врз градот. Оклопни единици се забележани во близина на аеродромот Антонов северно од Киев.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека околу 2 милиони луѓе го напуштиле градот и неговата околина.

Во меѓувреме, Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека руските сили напредуваат кон Киев од северозапад и од исток, но биле одбиени кај Чернигив, а украинските борци ја повратиле контролата врз Бакланова Муравиика.

Во тек се повеќе меѓународни напори за изолирање и санкционирање на Русија, особено по смртоносниот воздушен напад врз породилиштето во опколениот пристаништен град Мариупол на Азовското Море, кој западните и украински претставници го оценија како воено злосторство.

Глобалниот гнев поради рускиот напад врз породилиштето се зголеми, додека министрите за надворешни работи на Русија и Украина не успеаја да постигнат напредок за можен прекин на огнот или барем за хуманитарни коридори за излез на цивилите од опколените градови.

Жители на Ирпин: „Пукаат нон стоп, нема вода, нема струја“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Американската потпретседателка Камала Харис денеска треба да ја посети Романија и да разговара за растечката бегалска криза во претседателот Клаус Јоанис, нејзина последна станица во тридневната посета на Источна Европа.

За време на првата посета на Полска, Харис ја обвини Русија дека извршила „злосторства од незамисливи размери“ во Украина.

ЕУ вчера продолжи да ги заострува санкциите против оние кои се „вмешани во руската агресија врз Украина“ и воведе нови мерки кон уште 14 олигарси и 146 членови на Горниот дом на рускиот парламент и нивните семејства.

Црвениот крст соопшти дека над 400 илјади луѓе се заглавени во Мариупол без хуманитарна помош и коридори за евакуација, а градот се соочува со „апокалиптични“ услови.

Клучниот пристаништен град на Азовското Море е главна транзитна точна на патот за Крим, а аналитичарите сметаат дека Русија се обидува да го заземе за да направи „копнен мост“ до анектираниот Кримски Полуостров.

Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба вчера се сретна со неговиот руски колега Сергеј Лавров во Турција, но разговорите не вродија со плод и не донесоа никаков напредок.

„Ние сме подготвени на дипломатија, ние бараме дипломатски решенија, но додека не се појават, ние несебично ја браниме нашата земја, нашиот народ од руската агресија“, рече тој.

Лавров не покажа знаци на какви било отстапки, повторувајќи ги пред новинарите руските барања Украина да се разоружа и да прифати неутрален статус.

Кремљ соопшти дека ќе го истражи нападот врз болницата во Мариупол, но Лавров рече, без да понуди докази, дека здравствената установа служела како база на крајно-десничарска националистичка воена единица.

Бројот на бегалци од Украина продолжува да расте, а Агенцијата за бегалци на ОН проценува дека од Украина досега избегале скоро 2,2 милиони луѓе. Најголемиот дел од нов преминале во соседна Полска, каде што до вчера влегле над 1,4 милиони бегалци.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG