Организаторите на еколошките протести во Србија најавуваат дека нема да запрат со протестите, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека е пронајдено решение за Законот за експропријација.
Саво Манојловиќ од иницијативата „Тргни – промени“, еден од организаторите на протестите, изјави дека нема да престанат додека не им се исполнат барањата за измени на Законот за референдум и за повлекување на Законот за експропријација.
Во соседна Србија изминатите недели се одржуваат протести против рударски потфат вреден повеќе милијарди долари, кој стана симбол на јавен отпор, бидејќи владејачката партија во Србија протурка закони што ќе го олеснат надминувањето на јавното противење на таквите проекти.
Еколошко востание во Србија - Протести, блокади, инциденти
Парламентот кој крајот на ноември ги усвои измените на Законот за референдум и на Законот за експропријација, но Вучиќ го потпиша само Законот за референдум, а за Законот за експропријација најави ревидирање.
Тој денеска рече дека утре ќе ја информира јавноста за својот став во однос на Законот за експропријација, наведувајќи дека целиот пакет е во подготовка, се анализираат сите барања и дека е најдено решение.