СДСМ ќе расправа за оставката на Заев, Алтернатива за владина коалиција

СДСМ ќе се изјасни за оставката на Зоран Заев

По одложувањето на закажаните состаноци на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ поради деновите на жалост по автобуската несреќа во Бугарија, денеска партиските органи на социјалдемократите ќе се изјаснат за оставката на нивниот лидер Зоран Заев. И раководството на Алтернатива денеска треба да реши дали влегува или не во владината коалиција на СДСМ и ДУИ. Заев побара од ЦО и ИО на СДСМ само да ја констатираат неговата оставка најавена уште на 31 октомври по лошите резултати на локалните избори и да почне процедурата за избор на нов претседател на партијата.

Лидери што не си држат до зборот создаваат поголема апатија кај граѓаните

Но, партиските органи на 9 ноември одлучија оставките да бидат одложени на неодредено време, за да се зајакне разнишаното парламентарно мнозинство и да не се пропушти можноста за земјата да ги започне преговорите со ЕУ во декември. Меѓутоа неговите блиски соработници и дел од членството сметаат дека тој треба да остане на лидерската партиска позиција и на премиерската функција. Дел од нив дури и предлагаат референдум на партиското членство за потегот на Заев. Ако денеска СДСМ ја прифати оставката на Заев, почнува рокот од 15 дена за распишување внатрепартиски избори за нов претседател.

Заев и Гаши на средба за зголемување на владиното мнозинство

По неуспешниот обид на опозицијата, на чело со конзервативната партија ВМРО-ДПМНЕ, да ја урне власта во парламентот, Заев започна преговори со дел од опозициските партии за да го зајакне парламентарното мнозинство. Пред една недела Зоран Заев и Африм Гаши, претседателот на Алтернатива, партија која има 4 пратеници, имаа средба по која премиерот изјави дека посакува парламентарното мнозинство да се зголеми. Гаши тогаш изјави дека има две опции - да останат во опозиција или да се приклучат кон владејачкото мнозинство. По неуспехот на опозицијата да и изгласа недоверба на владата на Зоран Заев, и владејачката коалиција и опозицијата имаат по 60 пратеници во 120-члениот парламент.