Достапни линкови

Лидери што не си држат до зборот создаваат поголема апатија кај граѓаните


Зоран Заев и Христијан Мицкоски на средба во Владата
Зоран Заев и Христијан Мицкоски на средба во Владата

Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ деновиве не ги остварија своите ветувања, едниот за оставка, а другиот за ново мнозинство. Бројот на гласачи кои не се членови на партиите дополнително ќе се намали, а ќе се зголеми апатијата, смета Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

Оставка од премиерска и лидерска позиција што не се реализира и најава за ново владино мнозинство кое испадна дека ги нема потребните 61 пратеник. Месецов македонските граѓани беа сведоци на повлекувања на изјавите или тврдењата на лидерите на двете најголеми партии, Зоран Заев на СДСМ и Христијан Мицкоски на ВМРО-ДПМНЕ.

Па така Заев вели дека премиерската и лидерската оставка која ја најави по поразот од ВМРО-ДПМНЕ на изборите ќе ја достави, но не сега, односно додека не стабилизирала ситуацијата, без да се каже временска рамка кога се очекува тоа да се случи. Мицкоски, пак, за губењето на еден пратеник од мнозинството ја обвини власта дека му вршела притисок на пратеникот на Беса Кастриот Реџепи да се откаже од потписот кој го ставил како пратеник за уривање на владиното мнозинство предводено од Заев.

Но и Мицкоски не ја гледа вината во себе за начинот на кој ја водеше постапката за обезбедување мнозинство. Сега дискурсот меѓу двете страни е сведен на меѓусебни обвинувања кој му правел притисок на пратникот Реџепи и барања за оставка од лидерите на спротивниот табор.

Според Жанета Трајкоска од Институот за комуникациски студии начинот на кој комуницираат политичките партии во последниов период во најмала рака е несериозен.

„Мислам дека основниот постулат од кој тргнуваат партиите е потценување на гласачкото тело и потоа потценување на граѓаните мислејќи дека не паметат повеќе од неколку денови и игнорирајќи го фактот дека политичките партии се креатори на содржини па место да воведат содржина во комуникацијата тие ја држат комуникацијата на лични и меѓусебни обвинувања“, вели Трајкоска.

Директен линк

И двајцата лидери според испитувањата на јавното мислење кои се објавуваа пред локалните избори не уживаат висок рејтинг. На пример ,според анкетата на Брима објавена во септември, премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев ужива поддршка од 11,8 отсто од граѓаните, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски има рејтинг од седум отсто.

Професорот Емин Аземи од Факултетот за комуникологија на Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека ваквиот однос на политичарите делува дестимулативно врз граѓаните, особено најаванета и досега не реализирана оставка на Заев.

„Врз луѓето кои чекаат храбри одлуки ова делува некако дестимулативно поради тоа што се покажува дека еден политичар не може да ги реализира своите одлуки докрај“, вели Аземи.

Трајкоска, пак, нагласува дека однесувањето на политичарите придонесува од една страна граѓаните да се чувствуваат измамено, а од друга да имаат чувство дека не се можни промени кои ќе придонесат да живеат подобро. Таа смета дека бројот на гласачи кои не се членови на партиите ако продолжи ваквиот тренд со потценување во комуникацијата дополнително ќе се намали, а ќе се зголеми апатијата.

„Генерално кажано апатијата кај граѓаните создава многу лош импакт врз самото општество. Нема да имаме никаков развој и ќе имаме се поголем број луѓе кои ќе си го бараат спасот во иселување од земјата“, вели Трајкоска.

Инаку до оваа нова политичка ситуација дојде откако премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ја најави својата оставка вечерта на 31 октомври по загубата која на локалните избори ја претрпе од ВМРО-ДПМНЕ. Додека траеа консултациите во неговата партија и со неговите владини коалициски партнери за тоа кој ќе го замени на премиерското и лидерското место во СДСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски објави дека имаат ново парламентарно мнозинство заедно со доскоро владината Беса, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Поднесоа иницијатива за гласање на доверба на владата која минатиот четврток не помина во Собранието откако пратеникот од Беса Кастриот Реџепи не дојде на седницата па немаа мнозинство. Заев најави дека ги става оставките во мирување до стабилизирање на состојбата, а најавено е и зголемено владино мнозинство во кое се споменува Реџепи но и досега опозициската Алтернатива која има четири пратеници.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG