Пендаровски: Засега не сме влезени во бугарско сценарио

Земјава не е влезена во бугарско сценарио, политичките случувања се уште се одвиваат во рамките на Парламентот низ процедура, и тоа е добро. Лошо ќе биде ако се прелеат на улица изјави вечерва претседателот Стево Пендаровски во гостувањето на ТВ Сител. Според него најголемата заблуда е дека тој во ваков случај треба да свика лидерска средба.

Шефот на државата останува на ставот дека оставката што ја поднесе премиерот Зоран Заев е избразана одлука, но тоа, потенцира, е веќе завршена работа.

„До овој момент не сме влезени и не верувам дека ќе влеземе во бугарско сценарио зашто тоа значи дека ниту една од партиите не може да направи мнозинство и мора да се оди на предвремени избори. Мислам дека одолговлекувањето е само зашто најавата на Заев е дека би сакал прво да го избере партискиот лидер, па тој потоа да биде мандатар на новата влада“, истакна Пендаровски.

Во однос на спорот со Бугарија, Пендаровски не очекува придвижувања на македонско-бугарскиот спор овој месец зашто смета дека мнозинство за формирање нова влада во оваа земја ќе се направи во јануари. Единствена функционална институција таму, вели, засега е само претседателот Румен Радев, а до 14 декември веројатно ќе се конституира и Парламентот, но со нив не може да се преговара.

Според Пендаровски, земјата нема никаква причина да се плаши од евентуално „проширување“ на спорот од билатерален во паневропски. Компромисот, пак, нагласува претседателот, подразбира попуштање од двете страни.

„Ние немаме никаков проблем за да се плашиме од повеќе Европа во спорот со Бугарија, нека има повеќе Европа, но Бугарија инсистира на строга билатерала.Не гледам греда и да се сложиме на едниот или на другиот пристап, но најмалку 11 па и 12 земји во ЕУ не го сакаат тоа. Немаат намера да се занимаваат со билатерален спор. Европа не сака билатерален спор да претвори во паневропски. Вишеградската група вели – не сакаме увоз на чист билатерален спор“ вели Пендаровски.

Пендаровски во вечерашното гостување на ТВ Сител вели дека македонската декларација со ниту еден збор не ја навредува бугарската нација, а нивната е навредлива кон нас на многу точки, дека ние не сме тоа што сме и дека не зборуваме на јазикот на кој зборувам или дека пред 1944 година сме биле нешто друго.