Полска тврди дека Белорусија ги пренесува мигрантите од границата

илустрација

Белоруските власти со автобуси ги носат мигрантите, кои со денови се заглавени на границата меѓу Белорусија и Полска, во обид да влезат во ЕУ, соопштија денеска полските власти.

Поголема група мигранти, претежно од Блискиот Исток, е заглавена на границата меѓу Белорусија и Полска од 8 ноември. Тензиите се интензивираа бидејќи полските сили на границата вчера употребија водени топови и солзавец против мигрантите кои фрлаа камења.

Варшава го обвинува режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко дека ги вооружува мигрантите кои се обидуваат да ја преминат границата со димни бомби и друго оружје.

Денеска немирите се смириле и има помалку луѓе во големиот камп кај преминот Кузница, кој сега е затворен, соопштија полските власти, иако биле забележани 161 обид за илегално преминување на границата.

„Добив информација дека Лукашенко ги испратил првите автобуси во кои мигрантите се качуваат и заминуваат“, изјави Мачеј Васик, заменик министер за внатрешни работи на Полска.

Сепак не е јасно каде се носат мигрантите, бидејќи информациите добиени од официјални лица не можат да се потврдат поради ограничувањата на работата на новинарите од двете страни на границата. Поради вонредната состојба, Полска им забрани на новинарите и активистите за човекови права пристап на три километри од границата.

Западот го обвини претседателот Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите како алатка за дестабилизација на ЕУ во знак на протест против санкциите наметнати на неговиот авторитарен режим.