Гаши - Пратениците на Алтернатива утре ќе гласаат за недоверба на Владата

Африм Гаши - лидер на Алтернатива.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши на денешна прес-конференција изјави дека четворицата пратеници на партијата утре во Собранието ќе гласаат за недоверба на Владата.

Тој рече дека во изминатите денови претставниците на Алтернатива имале пречка која за нив претставувала проблем, но посочи дека таа пречка е отстранета, односно дека пратеникот Димитар Апасиев од Левица го тргнал неговиот потпис од иницијативата за недоверба на Владата.

„Затоа денеска можам да потврдам дека Алтернатива заедно со четирите пратеници утре ќе гласа за недоверба на Владата“, изјави Гаши.

Претходно денеска, Кабинетот на Претседателот на Собранието соопшти дека било доставено Известување за повлекување од потписници на материјалот Прашање за Доверба на Владата на Република Северна Македонија, со вкупно 17 потписи на пратенци.

Во списокот со Известувањето кој го објави Кабинетот на Претседателот на Собранието стои потписот на пратеникот Димитар Апасиев.

И ВМРО-ДПМНЕ исто така информираше дека нов список бил доставен до Архивата на Парламентот, а дека од тактички причини ги немало потписите на неколкумина пратеници кои биле на списокот кој беше претходно доставен.

Лидерот на Алтернатива Гаши рече дека ставот на партијата е дека не треба да има брзи избори со оглед на енергетската криза и пандемијата, но дека треба да има нова Влада изгласана од актуелниот собраниски состав.

Инаку, четирите пратеници на Алтернатива беа потпишани на спосокот од 61 пратеник за првичната иницијатива за гласање недоверба на Владата, но реагираше пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива инсистирајќи дека неговиот потпис не може да стои заедно со потписите на пратеници на Левица, затоа што како што рече, партијата била анти-НАТО, анти-ЕУ, анти-американска и против договорите од Охрид и Преспа.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ иницијатива за гласање доверба на Владата на Зоран Заев ја поднесе пред два дена.

Таа следуваше откако по завршувањето на вториот круг од локалните избори 2021, на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев најави оставка од функцијата премиер и лидер на СДСМ, но по синоќешниот состанок на највисоките партиски тела тој ја смени одлуката.