САД и ЕУ ја поздравија новата ера во нивните односи

Американскиот претседател Џо Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, самит на Г20 во Рим, 31 октомври 2021 година.

Договорот меѓу САД и ЕУ за укинување на дополнителните царини за увоз на европски челик и алуминиум отвора „нова ера“ во трансатлантските односи, изјави денеска во Рим американскиот претседател Џо Бајден на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на маргините на самитот на Г20. „САД и Европската унија влегуваат во нова ера на трансатлантските односи“, рече Бајден, додека Фон дер Лајен ја поздрави „важната фаза“ во односите ЕУ-САД и рече дека тие ја вратиле довербата и комуникацијата, кои беа нарушени за време на претседателствувањето на Доналд Трамп.

ЕУ се закани со одговор на тарифите за увоз кои ги најави Трамп

Белата куќа вчера соопшти дека САД и Европската унија постигнале договор за царините за челик и алуминиум, што доведе до дипломатска криза за време на администрацијата на претходникот на Бајден, Доналд Трамп. Договорот не предвидува целосно укинување на тарифите според член 232, туку овозможува увоз на одредени количини челик и алуминиум од ЕУ без царина. Двете страни, исто така, имаат намера да договорат голем договор во секторот кој ги зема предвид климатските промени и е дизајниран да се бори против конкуренцијата од евтиниот кинески челик.