Руската полиција трага по истражувачки новинар

Познатиот руски новинар Сергеј Резник, кој со години работи на теми за антикорупциски истраги, е додаден на листата на барани лица на Министерството за внатрешни работи. Локалните руски медиуми објавија денеска дека името на Резник е додадено на листата на барани во текот на викендот.

Досега од руските власти не беа објавени детали за причините за ставањето на неговото име на списокот на барани криминалци, иако дел од руските медиуми пишуваат дека Резник се бара поради наводното „оправдување на нацизмот“.
Обвинението произлегува од неодредени објави на социјалните мрежи кои се појавија на профили за кои постои сомневање дека се поврзани со него, јавуваат руските медиуми.

Во 2013 година, Резник, кој потекнува од Ростовската област, беше осуден на 18 месеци затвор под обвинение за поткуп и јавно навредување на службен претставник на властите, по што доби уште 18 месеци за лажно претставување. Резник постојано тврдеше дека е невин и по издржувањето на затворската казна продолжи да работи како истражувачки новинар.

Тој вели дека против него се отворени вкупно седум кривични предмети каде што наводно жртви се обвинители, судии или полициски службеници. Тој, исто така, тврди дека во текот на изминатата година, против него и тројца негови колеги до полицијата и обвинителството биле поднесени 15 изјави од луѓе во Краснодарскиот регион.