Започнува одбележувањето на 11 Октомври – Денот на востанието на Македонија

Споменик „Ослободители на Скопје“ - споменикот пред македонската Влада во Скопје посветен на ослободителите на Скопје.

Во Прилеп вечерва започнува одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание, кога пред 80 години во 1941 година беше означен почетокот на Народно-ослободителната војна против фашизмот.

Воениот оркестар на Македонската армија ќе настапи на прославата на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп, а потоа ќе се одржи традиционалниот импровизиран напад на градот како реминисценција на настаните од 11 октомври 1941 година.

Обраќања ќе имаат и претствници на државниот врв и на Сојузот на борците на Народно-ослободителната антифашистичка војна од 1941-1945.

Денот на востанието на Македонија 11 Октомври е државен празник, кога започнува востанието против фашизмот и со тоа борбата на народот за ослободување.

Прославата ќе продолжи утре кога по повод 11 Октомври во Прилеп ќе пристигнат делегации на државниот врв, Армијата, борците, дипломатскиот кор и гости од странство.

Цвеќе ќе биде положено пред спомениците на Методија Андонов - Ченто, Кузман Јосифовски Питу, на спомен обележјата во Алејата на народните херои, пред споменикот „Жена борец“ и на Могилата на непобедените.

На Могилата на непобедените е предвидена свечена празнична програма. Обраќање ќе има и претседателот на државата Стево Пендаровски.

Празникот ќе биде одбележан и во главниот град Скопје, како и во Куманово. Во Скопје чествувањето ќе започне во меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел.

По повод 80-годишнината од Народното востание, Државниот архив ги промовира придобивките од Народно-ослободителната војна со објави, изложби и предавања.

Институцијата денеска соопшти дека Денот на народното востание во Македонија – 11 Октомври го симболизира државотворниот капацитет на македонскиот народ за суверена и самостојна држава како континуитет на сите претходни востанија и стремежи за социјална и национална слобода.

„Антифашизмот беше прифатен како движечка сила, која на нашите борци им обезбеди вистински сојузници и пријатели. Народно-ослободителната борба, во која имавме многу жртви, ни овозможи да бидеме во коалиција со европските победнички сили и земји, поборници за слобода, мир и демократија“, се вели во соопштението на Државнитот архив:

„Партизаните од Првиот прилепски и кумановски одред беа првите борци кои го покажаа патот кон слободата и кон прогресивните општествени идеи и кои во Прилеп и Куманово ги испукаа првите куршуми, означувајќи го решителниот почеток на антифашистичката револуција“, наведуваат од институцијата.

Во соопштението на Државниот архив исто така се вели дека институцијата ја чува националната меморија за Народно-ослободителната војна, како потсетвање за заложбите за промоција на вистинските универзални вредности за слобода, мир и почитување на човековите права.

На 11 октомври 1941 година, во регионот Црвени Стени во близина на Прилеп e формиран Народно-ослободителниот партизански одред на Прилеп наречен „Гоце Делчев“.

Партизаните биле поделени во неколку колони и извршиле организиран напад врз бугарската полициска станица, затворот, поштата и други витални објекти. Денот на нападот, 11 октомври беше прогласен за „Ден на востанието на македонскиот народ“. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.